Search for content, post, videos

Нисирос – Вулканска убавина

Нисирос  е волшебниот остров кој е добро чуваната тајна на грците, овој остров секогаш има посебно место на списоците со тајни грчки острови кои туристите се уште не ги запоседнале. Импресивните формации на лава, дивите плажи, природните топли извори и активниот вулкан, го прават Нисирос една од најдобро чуваните тајни на Грција. Остров за кој вреди да се патува во средината на Егејското Море, за да се посети оваа убавина. Драматичниот пејзаж на Нисирос, патеките за пешачење со сиви камења и вулканските кратери изгледаат како од филмски сет. Ова е остров најблиску до Божество. Истражете го островот пеш, уживајте во домашната храна и само препуштете се и целиот остров е ваш, бидејќи малку туристи патуваат толку далеку.  Нисирос е на врвот на листата на тајни грчки острови. Нисирос е остров во Егејското Море кој припаѓа на Додаканската група острови. Се наоѓа помеѓу островите Кос на север и Тилос на југ и е оддалечен околу 15 километри од двата острови, а од пристаништето Пиреја може да се стигне само со траект. Додеканези или Додекани е островска група во југоисточниот краен дел на Егејското Море, прилично оддалечени од копнениот дел на Грција во близина на егејскиот брег на Турција. Групата се состои од околу 160 острови, од кои 12 се поголеми и позначајни. Најголемите острови се: Астипалеја, Калимнос, Карпатос, Касос, Кос, Лерос, Мегисти, Нисирос, Патмос, Родос, Сими, Тилос.

Мал, тивок додеканески остров во јужното Егејско Море помеѓу Кос, Тилос и Астипалеја, Нисирос е најпознат по својот активен вулкан кој има еден од најголемите хидротермални кратери во светот, како и неговите топли извори вклучувајќи ги Лутра и Пали. Отидете да го видите најпристапниот вулкан на Медитеранот, останете за одлично пливање во морето, како и романтично прекрасните глетки и уметничкиот талент на овој остров. Нисирос е типичен грчки остров. Оваа мала копнена маса во Егејот е исто така активен вулкан, кој е најмладиот долж јазот во јужниот дел на Егејот и доживеал најмалку три големи ерупции во изминатите години. Во текот на изминатите 130 години вулканот „дреме“, иако истражувачите внимателно ја следат неговата секојдневна активност. Вулканот Нисирос е еден од ретките во светот што може лесно да се посети. Секој може да направи кратко возење до вулканот, а потоа да помине со часови талкајќи по 10-те хидротермални кратери со нивните прекрасни имиња: Стефанос, Поливотис, Александрос и… Овој предел има потенцијал да го направи Нисирос светски позната дестинација. Каде на друго место може толку лесно да се добие толку интимно чувство за геолошките сили што ја обликуваат планетата, освен тука. И потоа да го комбинирате тоа искуство со попладневно капење! Според грчката митологија, Нисирос е создаден за време на војната меѓу боговите и титаните – Посејдон откинал дел од камен и го фрлил на џинот Полибот, за да го удави и да го спречи да избега; каменот се претворил во форма на остров, а се вели дека ерупциите на вулканите ги претставуваат бесните завивања на титантите. Карпестиот остров е од вулканско потекло, а вулканот на Нисирос сè уште се смета за активен, но не еруптирал долго време. Последната ерупција била во 1888 година, а денес можете да шетате околу работ на вулканот и да го погледнете кратерот.

Интересно е што куќите во селата на Нисирос се изградени од вулкански карпи, а плажата Мандраки е препознатлива по тоа што на влезот во морето има црни камења. Мандраки е главен град и пристаниште, а воодушевува со своите бели и сини куќи, тесни улички и фантастичен поглед на море. Мандраки може да се пофали и со Палеокастром (акропола од периодот од 6 до 4 век п.н.е.) и со венецијанскиот замок со црквата посветена на Пресвета Богородица, која се наоѓа во пештерата. Мандраки е добра основа за обиколка на островот, има доволно атрактивни плажи за секој ден да се помине на различно место, а единствено е и Палои, мало рибарско село на околу 4 км од Мандраки. Поради релативно малиот број туристи на островот, плажите на Нисирос се исклучително чисти, тивки и релаксирачки, а покрај брегот на Нисирос ќе најдете топли извори со температури кои се движат од 30 до 60 степени Целзиусови, познати по своите терапевтски ефекти врз мускулите и кожата. Друга знаменитост е манастирот Панагија Кира, кој е изграден на надморска височина од 450 м. Погледот од манастирот е неверојатен од каде може да се види целиот остров. Пештерата на влезот во селото е уникатен природен феномен, бидејќи поради топлината се смета за природна сауна, што е последица на вулканската активност на островот. Недопрените природни плажи – Ако ви се допаѓаат плажи исто како што природата ги извајала, тогаш ова е островот за вас. Пачиа Амос е омилена меѓу нудистите и слободните кампери. Сепак, има многу простор за сите, бидејќи плажата е огромна, а 15 минути пешачење од најблиското место за паркирање до плажата, значи дека само попосветените и упорните доаѓаат тука. Лиес e подалеку од гужвите, a Холакои со своите големи, тркалезни камења на само кратка прошетка од пристаништето Мандраки ќе ве воодушеват со сенката под тамариските дрвја. Населбите Емпорио, Никиа и Авлаки – Планинското село Емпорио е напуштено по земјотресот во 1933 година, но постепено се враќа во живот бидејќи многу од традиционалните домови се реновирани и претворени во куќи за гости. Многумина го посетуваат селото поради двете исклучителни таверни и поради „природната сауна“ што постои во малата пештера на влезот од селото. Невидливо од морето и сместено на врвот на природните ѕидови на калдерата (вдлабнатина слична на котел која се формира набргу по празнењето на комората со магма при вулканска ерупција), селото напредувало во времето на пиратите. На спротивните карпи, Никиа ве пречекува со живописен и често фотографиран плоштад – познат како Порта, неверојатен поглед над кратерите и добро склопениот вулканолошки музеј. Убавината завршува кај Авлаки, некогашното пиратски сидро-село, кое повеќе не е населено. Во малиот залив уживаме во најдоброто капење на летото. Термалните извори – Морето и дождовницата се мешаат во горните нивоа на подземните води на Нисиро и се загреваат со геотермална активност што значи дека островот им нуди одмор на оние кои страдаат од мускулно-скелетни и други болки. Извори со топла вода се наоѓаат на многу места на островот – како и во морето – каде што водата може да достигне врели 60 степени Целзиусови. Некогаш овде работело казино, театар и библиотека. Магнет за уметниците – Уникатната енергија на Нисирос, која изгледа како да извира од геотермалните отвори и пејзажи, инспирира многу уметници со што во летните месеци Нисирос станува „остров на уметностите“. Во 2016 година, петнаесет грчки музичари импровизирале 10 часа и 34 минути во калдерата, ноќта на августовската полна месечина, а филмот „Ангелот и кревачот на тегови“ на режисерката Елени Александраки е снимен целосно во кратерот познат како Стефанос. Александраки, заедно со скулпторот Џејсон Караидрос, исто така организира филмски и уметнички фестивал на островот во последните две децении, со проекции и семинари. Островот е домаќин на ликовна изложба во текот на месец август на која се претставени делата на десетици грчки и странски уметници. Познатите традиционални фестивали – Вграден во карпата и пештерите во стариот венецијански замок, манастирот Панагија Спилијани се наѕира над главниот град Мандраки и неговото население од 700 постојани жители, ноќе изгледа како да лебди на празен простор. Се смета за еден од најважните грчки православни манастири и привлекува верници од целата земја. Прославите на 15 август (одбележување на Успение на Богородица) се одржуваат во дводневен период и вклучуваат верски служби и традиционална гозба. Меѓу посебните обичаи забележани овде е „танцот на чашата“ за време на кој главниот танчер држи чаша за донации за манастирот и за островот. За време на празникот ќе најдете и големи количества ревитада или зготвено пиле што се служи на главниот плоштад во Мандраки. На другиот крај на островот во Авлаки се наоѓа малата црква посветена на Агиос Пантелејмонас која го слави празникот на светецот на 27 јули со традиционална музика и игра. Емигрантите кои не го заборавиле својот остров – Нисирос не е сиромашен остров. Оној што ќе го посети за време на шпицот околу 15-ти август, ќе сретне цели семејства дојдени од печалба, кои продолжуваат верно да ги почитуваат нисиранските традиции за време на празничниот период. Тоа се бруклајдовите (доаѓа од зборот „Бруклин“ – првиот дом за многу семејства имигранти) кои доаѓаат секое лето од САД на одмор на нивниот мајчин остров. Пешачки патеки и екскурзии со брод – Нисирос може да се пофали со преку 40 пешачки патеки што значи дека страствените планинари ќе бидат повеќе од задоволни. Повеќето се лесни патеки достапни и за почетници, иако мнозинството завршуваат на местото Лаки кое е во кратерот на вулканот. Некои минуваат низ Палеокастро, тврдина која датира од класичниот период, со огромни киклопски камења толку големи што човек се прашува како тие биле подигнати и поставени на своето место во времето пред машините. Најпопуларното патување со брод за пливање и истражување е до вулканскиот остров Гиали. Тука се пронајдени траги од праисториска населба како и антички гробишта. Островчето исто така одиграло улога во војната за независност на Грција, засолнувајќи ги грчките поморски сили.

Ноќниот живот – Фокусната точка на ноќниот живот на Нисирос е „Микри Венеција“ или „Мала Венеција“ во Мандраки под сенката на манастирот со неговите 4-5 многу угледни кафе-барови кои не се затвораат до доцна во ноќта, само за да се отворат неколку часа подоцна за појадок. Масичките на брегот со осветлениот манастир кој „лебди“ над главите на посетителите навистина е убава глетка. Целиот остров е една голема природна убавина.

С.Ј.