Search for content, post, videos

Орсеј во Париз – Музеј со душа

Велат дека Лувр, Версај и  Орсеј се трите најпосетувани музеи  во Франција, а и во светот. Музејот Орсеј е величествена преуредена некогашна железничка станица, која денес зрачи со своето богатство од уметности. Музејот Орсеј е музеј со душа.

Најзначаен дел од колекцијата на музејот Орсеј е големата збирка на импресионистичкото сликарство, бидејки овој музеј ја поседува највредната колекција на оваа уметност во светот. Во еден  од најубавите градови на светот, во Париз, се сконцентрирани повеќе светски познати музеи. Музејот Орсеј е меѓу најпознатите, релативно нов, но сместен во стар објект во самиот центар на градот, на левиот брег на реката Сена, наспроти познатиот парк Тулиери. Тоа е објектот на старата железничка станица на Орсеј (Gare d’Orsay), прекрасно адаптирана во современ музеј. Од  неговото  отворање во 1986 година до денес, тој е еден од најпосетуваните музеи во светот.  Во  2009  година започнало реновирање на одредени делови од музејот. Новиот  лик  на обновениот музеј е наречен “Нов Орсеј”. 

Историјата на објектот…

Историјата на овој објект,  изграден  пред  повеќе од еден век, е многу интересна, испреплетена со возбудливите случувања на времето во кое е граден.  На крајот на 19 век, во Париз се изградени две големи железнички станици, Лион и Орсеј. Железничката станица Орсеј е изградена на местото на палатата Орсеј, која за време на Париската комуна, во 1871 година, била запалена и изгорена заедно со целиот  кварт.  Нејзините  урнатини останале триесет години да сведочат за ужасите на граѓанската војна. Луѓе  кои биле ангажирани за изградба на овој објект, се архитектите Виктор Лалу, Лусијен Мањ и Емил Бенар. Новиот објект требало да биде  совршено вклопен во елегантната околина.

Внатре во објектот била искористена најмодерната техника во тоа време: рампи и лифтови за багаж, ескалатори за патниците, сервис со рецепција во приземјето, а отворениот хол продолжувал во голема хала. Во конструкцијата била вградена импресивна количина од 12.000 тони метал, што е многу повеќе од количината вградена во Ајфелова Кула. Железничката станица и хотелот биле изградени за две години . Четириесет години таа била главна железничка станица на југозападната железничка мрежа на Франција. Линијата Париз – Орлеан функционирала со години. Но после 1939 година, поради електрификација на железницата, и појавувањето на нови типови на подолги возови, платформите станале кратки. Со тоа нејзината функција како железничка станица престанала.

Долг период потоа била користена за различни намени. Интересно е дека во неа се снимени неколку филмови, како “Процес” на Кафка во режија на Орсон Велс во 1962 гонина, и неколку сцени на “Конформист” од Бертолучи во 1970 година. Во периодот 1972 – 1981 година, во неа бил сместен популарниот Театар Рено – Баро или Театар Орсеј, театар на познатите актери Мадлен Рено и Жан- Луи Баро, славни имиња кои го одбележале театарот на Париз во 20 век. Хотелот, како составен дел на овој објект, ги затворил вратите на 1 јануари 1973 година, исполнувајќи ја својата историска улога како место во кое се случувале значајни општествени настани.

Во прекрасниот  Музеј Орсеј…

Железничката станица Орсеј, инаугурирана на 14 јули 1900 година за време на Светската изложба во Париз, веднаш била прогласена за ремек-дело на индустриската архитектура. По повод нејзиното отворање, францускиот академски сликар Едуард Детај, напишал: “Железничката станица е извонредна, таа изгледа како Палата за убавите уметности (Palais des beaux-arts)”. Осумдесет и шест години подоцна, неговите зборови се исполниле. Неговото видување станало реалност. Денес, објектот од железничка станица е трансформиран во Палата за убави уметности. Тоа е еден од најубавите музеи во Париз. А Едуард Детај, познат како сликар кој работел мотиви од војната, влезе во новиот музеј со своето платно “Сон” од 1888 година, на кое ги претставува војниците што на бојното поле ја сонуваат победата, ја сонуваат славата. Во 1978 година објектот е класифициран како  историски споменик.  Тогашниот претседател на Франција, Валери Жискар д’Естен, дал иницијатива железничката станица Орсеј да се пренамени во музеј на уметноста од 19 и 20 век, кој ќе опфати повеќе форми на уметноста. Реновирањето на објектот почнало во 1979 година, а бил финализиран и инаугуриран на 1 декември 1986 година, од тогашниот претседател на Франција, Франсоа Митеран.

Богатството на овој музеј…

Музејот Орсеј е место во кое се сконцентрирани различни уметнички креации, создадени во западниот свет помеѓу 1848 и 1914 година. Период значаен  за француската историја. Во 1848 година е создадена Втората француска република, за чиј претседател е избран Луј Наполеон Бонопарта.

1914 година е година во која започнала Првата светска војна. Најзначајните дела создадени во тој период, во областа на сликарството (импресионисти, постимпресионисти), скулптурата, графиката, фотографијата,  декоративната  уметност и архитектурата, можат да се видат овде, да се почуствуваат, да се доживеат. Раритет е збирката од преку 10.000 фотографии од ерата на ументници како Едгар Дега и Пјер Бонар.

Содржи значајни колекции на  сликарство, импресионисти, постимпресионисти, скулптура, графика, фотографија, декоративна уметност и архитектура. На денот на неговото отворање музејот имал 2300 слики, 150 скулптури и повеќе од 10.000 други експонати. Најпознатите дела на импресионистите и пост- импресионистите, чии имиња веднаш ве асоцираат на Париз,  во кој луѓето специјално доаѓаат да ги видат, се наоѓаат во овој музеј. Тука се колекциите со ремек-дела на  Дега, Моне, Мане, Реноар, Сезан, Ван Гог, Гоген, Сера и многу други.

Големиот централен простор на музејот, осветлен со дневно светло од покривот, е идеално место за колекциите на скулптура. Тука можат да се видат “Четирите страни на светот ја подржуваат небесната свера” од Жан Баптист Карпо, “Бронзано доба” од Огист Роден, “Малата танцувачка од 14 години” од Едгар Дега, како и многу други познати скулптури. Бројот на делата што го најдоа  своето вистинско место под грандиозната конструкција постојано се зголемува.  Во богатата колекција се среќаваат дизајнирани делови од ентериер како ѕидно огледало, конзола, витрина, кои познатиот архитект Антони Гауди ги работел за ентериерите на куќите на богатите индустријалци Батло и Мило од Барселона, на почетокот на 20 век.

Меѓу најпознатите дела изложени во Орсеј се “Олимпија“ и “Доручек на трева“ на Едуар Мане, потоа „Мулен де ла Галет“ на Реноар, следува Ван Гог со „Автопортрет“ и „Спална соба“. Тука се и дела на Клод Моне “Променада“, “Станица Сан Лазар“ и  “Дами во градина“,  како и делото “Потеклото на светот“ од Густав Курбе.  Одлично се застапени и ументиците од постимпресионизмот како Анри Матис, Анри де Тулуз Лотрек, Пол Гоген.

 

 

 

 

 

 

 

 

“Новиот Орсеј” станува екстремно модерен и елегантен простор, во кој креираат  или  се наоѓаат дела креирани од најинтересните, современи дизајнери на сите времиња. Во денешниот модерен, современ град, стана место кое има душа и со  својата  душа изложена во него, привлекува  милиони посетители. Со право е еден од најпосетуваните  музеи во светот.

Силвана Јованчева