Search for content, post, videos

Островот Егина – неистражениот бисер на Егејот

Грчкиот остров ЕГИНА претставува мал, неистражен бисер на Егејското Море. Тој е супериорно позициониран во Теснецот Сароник, правејќи го одлична база за истражување на Атина и Пелопонез, вклучувајќи ја Агамемноновата Микена и амфитеатрите на Епидаурус.

Остров на турбулентна историја… Егина има една од најилустративните и најтурбулентните истории. Од антички времиња, тој бил главен трговски центар и често бил разделуван помеѓу лутите ривали на Атина и Спарта. Како прв главен град на независната грчка држава, но само 630 дена, Егина бил еден од најголемите културни центри во Античка Грција. И до ден денешен може да се видат огромен број на антички историски градби, како и неколку археолошки наоѓалишта.  Релативно непознат, островот Егина е доста богат со културно историски споменици. Храмот Афаиа е еден од најубавите и најстари храмови во денешна Грција, останат од античкиот период. Тој се наоѓа на врвот од боровата шума непосредно до местото Агиа Марина. Овој храм кој потекнува од 700 г. п.н.е, бил посветен на Афаиа, божицата од Крит. Тој е единствениот храм од тој период кој е сочуван во одлична состојба. Островот има површина од 85 km2 и популација од околу 11,000 жители, од кои повеќе од половина живеат во градот Егина. Тоа е популарно место кое  Атињаните себично го чуваат само за себе. Има многу интересни гратчиња како Пердика, кое е мало место со прекрасни таверни, каде можете да ја пробате најубавата свежа риба на островот, потоа местото Соувала на северниот дел, како и Агиа Мaрина на југозападниот дел,  каде ја имате најдолгата и најубавата песочна плажа на овој остров. На островот претежно преовладува планински рељеф, а највисоката кота се наоѓа на планината Орос на 532 m надморска висина… Островот Егина е познат и по најголемата црква во Грција , изградена во чест на Св.Нектариј Егински , кој умрел во 1920 г. а е прогласен за светец во 1961 г. и неговите мошти се уште се чуваат во црквата. Црквата е изградена во периодот од 1904 до 1910 г. врз темелите на стара Византиска црква.

Од житието на Свети Нектариј Егински… Свети Нектариј Егински е грчки монах кој бил настојник на манастирот на островот Егина.  Живеел во 19-от век. Исцелувал од разни болести. 22 ноември се слави денот на Свети Нектарија Егински, кој светец се појавил да ги излекува болестите кај луѓето, посебно канцерот. Свети Нектариј е роден на 1 октомври 1846 година, во Силвира, регионот на Траки (Грција), како петто од вкупно шест деца во сиромашно семејство. Неговото име било Анастасиос Кафалас. На возраст од 14 години се преселува во Константинопол (Истанбул), каде што почнува да работи за да може да го продолжи образованието. Во 1866 година се преселува на островот Киос, каде што наредните години го надополнува своето образование. Бидејќи потекнувал од сиромашно семејство, кога сакал да замине од својот дом, немал пари за да го плати билетот на бродот, а капетанот не сакал да го пушти да влезе без билет. И неколку дена бродот не можел воопшто да се помрдне од место. Дошле најдобрите мајстори да го поправат бродот, но не можеле да откријат зошто бродот не може да исплови. Свети Нектариј целото тоа време седел спроти бродот нажален, и дури кога капетанот му го фатил погледот, сфатил зошто бродот не може да тргне. Во моментот кога дозволил свети Нектариј да се качи, во тој час бродот испловил. Во 1876 година, на возраст од 30 години се замонашил и го добил името Нектариј. Во 1885 година дипломирал на Универзитетот во Атина. За време на своето студирање, напишал многу книги и дал многу свои коментари на Библијата. По дипломирањето, заминува во Александрија, Египет, каде што е ракоположен за јеромонах и служи во црквата во Каиро. Заради неговата побожност и дарба за проповед на Евангелието, во 1889 година е назначен за Митрополит на Пентаполи од Патријархот Софрониј. Останал во Каиро една година, и неправедно и без објаснување бил преместен далеку од Египет, како резултат на клевети и лаги кажани за него. Во 1891 година се враќа во Грција, и две години служи на Евија. Во 1894 година именуван е за директор на Црковното училиште, каде неговите служби оставаат длабок траг и печат. Напишал многу студии и книги, за сето време додека служел во Атина. Во 1904 година, на барање на неколку монахињи основа женски манастир на островот Егина. Манастирот го посвети на Света Троица, а изградбата завршила во 1910 година. Исто така, основал и многу цркви и параклиси низ целиот остров. Во декември 1908 година, на возраст од 62 години, ја напуштил функцијата директор, и се преселил во манастирот, каде што останал до крајот на својот живот, во длабоко тихување како монах. Додека се градел манастирот, секогаш им помагал на работниците, работејќи заедно со нив. Многу сакал цвеќиња и дрвја. Се претстави пред Господ на 21 ноември 1920 година (во 22 часот), на 74-годишна возраст. Последните неколку години свети Нектариј боледувал, и последните денови ги поминал во болницата во Атина. Кога го пренесувале од Атина во Егина, мирото непрестајно течело од неговото чело. Сите биле вчудоневидени. Преблагиот мирис најпрвин се разлеал низ целата болница, па потоа и низ цела Егина. Во болницата, кога докторите дошле да го пресоблечат, случајно неговата кошула ја фрлиле на соседниот кревет на кој лежел парализиран човек. Во истиот момент кога тој се допрел до кошулата на Свети Нектариј, се излекувал. За Свететител е прогласен на 20 април 1961 година. Секој 22 ноември мноштво народ доаѓа во манастирот на свети Нектариј за да се поклонат на неговите мошти. За оние кои го имаат посетено манастирот Свети Нектарија Егински (Агиос Нектариос) и сеуште имаат енергија за одење, одлично е да го посетите врвот Палихора.  Урнатините од овој средновековен град кои го покриваат ридот над манастирот е место каде што островјаните се заштитувале од нападите на пиратите. Неговата локација на самиот центар на островот е идеално место за заштита од поморските напади. Едно мало градче со 365 цркви, (XIII до XVII век) доста солидно сочувани, кои може да се посетат било кога . Главниот град Егина е исто така убаво место за одмор и забава. Во Егина има многу знаменистости и убави плажи. Тука е и белата црква посветена на Свети Никола.  Островот Егина навистина е место каде се спојувате со природата и со Бога.

Силвана Јованчева