Search for content, post, videos

Рајските плажи на Лефкада

Остров каков што би посакале да видите во сон, а камоли на јаве…толку убав што кога ќе се најдете во неговите убавини посакувате засекогаш да останете таму. Тоа е Лефкада, дефинитивно најубавиот бисер во Јонското море.

Преубавите плажи кои што ги има островот Лефкада придонесеуваат овој бисер да биде топ дестинација за туристите во летните месеци. Бисер во Јонското море, Лефкада зрачи со убавина, совршенство и авантуризам. Тешко достапните плажи нудат бескрајно задоволство, кога ќе стигнеш до нив. Прекраснато тиркизно море и преубавите бели плажи нудат незаборавни уживања и доживувања. Покрај тоа што не е многу голем остров, ќе се изненадите од неговите многубројни природни убавини кои вашиот престој ќе го направат волшебен. Лефкада изобилува со плажи еднакво убави како и познатите светстки егзотични палжи, изобилува со убави шуми и водопади, со убави мали гратчиња кои еднакво воодушевуваат како и плажите на островот. Интересен е начинот на кој се стигнува до Лефкада, влегувате под површината на морето и преку подводниот тунел кој е долг околу 1.700 метри, стигнувате на убавиот остров. По кратко возење стигнувате до подвижниот метален мост преку кој влегувате во Лефкас најголемиот град на островот и оттука почнувате со истражување и уживање во островот, неговите убави плажи и сите убавини кои овде ги има. Градот Лефкас е исто така убав како и плажите кои ги нуди.  Со убавите средени улички кои водат кон централниот плоштад и на кои во летните денови се одржуваат многу настани, нема да почуствувате никаква досада во вечерните часови. Преубавите лагуни и мостови на овој град, ќе ви го доловат преубавото и несекојдневно изгрејсонце и зајдисонце со невиден спектар на бои. Градот Лефкас кој иако не е пристаниште, со илјадниците бели едра на прекрасните едрилици, надалеку е познат како една од најголемите природни марини во Средозамјето. Потоа следи Нидри, убаво гратче за одмор, па Сивота, Василики, Агиос Николас, Агиос Јоанис, сите богати во своите убавини.

Барањето соодветни зборови за да се опише убавината на скриениот јонски архипелаг станува залудна работа, по само неколку дена престојување на него. Опкружувањето на природата која врз него и неговата околина се поиграла, правејќи чудесни комбинации помеѓу прекрасното море и зеленото копно, ја плени уметничката душа кај секој нејзин посетител. Сината лагуна со својата тврдина, морските спрудови и лагуни, кои се поигруваат со глетката кон него, островот го прават сосема специфичен. Tака близок до копно, а сепак остров и сокриен од патиштата на копното. Секоја година во месец септември на Лефкада се одржува познатата светска регата каде учествуваат повеќе од петстотини едреници кои пловат околу островот. Јонскиот брег со скриените плажи е вистинскиот магнет кој во последните години го вброи  островот во самиот врв на светските дестинации за одмор. Плажите на Лефкада почнувајќи од Порто Кацики, Егремни, Каламици, Катизма, Пефхулиа, Каминиа, Агиос Јоанис, Агиос Николаос, плажата Милош, Василики, АгиоФили, Никиана, Лигиа, Мили, Гира, Гаидарос, Десими … не се само имиња на плажи со кои се карактеризира овој остров. Тие се нешто многу повеќе, тие се божествена убавина. Ако првата претставува една од најубавите плажи на медитеранот, која со својата специфичност на тиркизната боја на морето е вистински магнет за илјадниците капачи, останатите наброени по неа, се вистинска нејзина реплика и приказна која ја раскажуваат многуте повратниците од Лефкада.

Атракциите кои ги има овде се многубројни... Сурфинг центарот во јужниот дел на Лефкада, како и можноста за кајтинг -“екстремен” сурфинг  со падобран на северниот дел од островото на плажата Мили, го вбројуваат во самиот врв на атрактивните дестинации. Додека брановите на Јонското море ве фрлаат низ песокта на уникатните плажи, помислете дека на дел од нив – можете да доживеете и нешто повеќе. “Сурфингот” или едрењето на штица е спорт кој на островото Лефкада претставува вистинска атракција. Светски познатиот центар за сурфинг e лоциран токму во местото Василики, кое нуди можност за малку поинтересен одмор. Додека кајтингот – сурфинг со едро и падобран на плажата Мили и Агиос Јоани, секако бара авантуристички дух и адреналин повеќе. Овде уживате во гледката која се пружа пред вас, како десетици јажиња од кајтинзите и падобраните летаат брзо непреплетувајки се меѓусебе. Треба голема кондициска спремност и внимателност за кајтинг, меѓутоа чуството и доживувањето е прекрасно. Луѓе со аватурустички дух остануваат овде цело лето.

Плажите се посебна приказна на Лефкада. Убави големи плажи со прекрасно море и песок, човек може само да посака да ужива на нив се натпреваруваат меѓу себе која е поубава. Порто Кацики е дефинитивно број еден плажа, не само на Лефкада туку и пошироко, погледот на плажата одозгора е спектакуларен. Плажата е сместена во преубавиот залив на белата планина која со својата белина допринесува за уште поубавата тиркизна боја на морето.  Меѓутоа лично мене најмногу ми се допаѓа Егремни. Тешко достапна, но прекрасна плажа со убав бел песок и тиркизно море, место каде што можеш само да уживаш. Зборовите не можат комплетно да го изразат доживувањето, тоа треба да се почуствува на лице место. Пефхулија и Катизма плажата се лесно достапни и необично големи, каде времето ви минува многу брзо, плажи кои се полни со живост. Неможете, а да не уживате во сите плажи и убавини на Лефкада, островот едноставно плени на прв поглед, откако ќе го запознаете се вљубувате во него. Најпознат туристички бисер на Лефкада е градчето Нидри. Неговата местоположба и севкупна понуда која ја нуди го прави неодоливо место за одмор. Нидри е прекрасна фотографија на природата. Поглед кон копно, поглед кон море… секаде исто – несекојдневна убавина, убавина која воодушевува, која плени и која исполнува. Гратче кое како најпознат туристички центар на Лефкада со години го диктира туристичкиот развој на островото и денес е најбараната негова детинација за одмор. Пиењето кафе со поглед кон морето од терасите долж неговото шеталиште, одморот под сенките на дрвјата виснати над малите плажи, пловењето со брод или чамец до островите на дофат од него и уживањето во нивната негибната природа се само неколкуте можности за несекојдневен престој на него. Од тука на дофат ви се сите јонски острови преку кои ќе допрете до природата која секојпат ќе Ви буди спомени. Гратче кое живее во текот на целата година.

Од историјата на Лефкада…Островот е населен уште од праисториско време. Името го добил по белината на неговите карпи бидејки зборот ЛЕУКОС на грчки значи бело. Во средниот век припаѓал на Византија, а средновековниот дворец Санта Мавра, го изградила познатата италијанска фамилија Токо. Турците некое време  го имале островот под своја контрола и ова е единствен остров кој тие го имале под целосна контрола се до 1716 година кога Млетската Република си го добива островот назад под своја управа. Подоцна Лефкада е припоена кон Грчкото кралство, а прв запис за островото го направил надвојводата Лудвиг Салватор. Катастрофалниот земјотрес кој го погодил островот во 1948 уништил голем дел од старите градби, меѓутоа сеуште се останати градби, цркви и манастрити кои сведочат за минатото. Островот лежи во Јонското море, северозападно од Пелопонез, помеѓу островите Кефалонија, Крф, Итака, Скоприос, Меганиси и Мадури. Климата е средоземна со долги топли лета и благи зими, каде виреат многу маслинки, винови лози и агруми. Веднаш до островот Лефкада се наоѓа островото Скорпиос – Шкорпион наречен така поради својот изглед од птичја перспектива кој наликува на шкорпија. Малиот остров Скорпиос во јонскиот архипелаг, веројатно никогаш немал да биде познат доколку истиот не бил купен и целосно прилагоден за живот на еден милијардер каков што бил Аристотел Оназис. Како еден од трите јонски острови кои денес се само дел од богатството на семејството Оназис (проценето на преку 3,5 милијарди долари)  ова острово претставува своевидна туристичка атракција. Овие островчиња, иако се затворени за туристички посети, тие се вистински магнет за многуте туристички крстарења кои почнуваат од Нидри и минуваат токму крај нив. Прекрасно е да бидете на некое од нив, гледајќи ги куќите на Оназис (оддалеку се разбира), и капејќи се во островската лагуна на Жаклина (Кенеди) Оназис, во прекрасните води (капењето на плажата е дозволено). Аристотелис Оназис еден од најголемите светски бродски сопственици кој за својот живот успеал да добие битно место во светската историја, е поврзан токму со островот Лефкада и со Јонското море. Роден во Смирна (денешен Измир), како млад грчки емигрант од Турција, успева низ својот динамичен и полн со интриги живот, да стане синоним за успешен бизнисмен и еден од најбогатите луѓе во светот. Дали неговото богатство, политичките интриги, бурниот љубовен живот во кој поминале видни жени како Марија Калас и Жаклина Кенеди или пак несреќите кои ги прателе неговите наследници, ден денес ги привлекуваат илјадниците туристи да се потсетат на приказните за него. Големиот Ари – човекот кој со помош на морето и бродовите владеел со светот, денес е легенда која живее токму тука – на неговиот остров Шкорпион и блиската Лефкада.

Покрај плажите и морето островот изобилува и со многу водопади во внатрешноста кои навистина се вредни да се посетат. Тука е и фонографскиот музеј кој содржи уникатна колекција на стари плочи и грамофони, како и фолклорниот музеј, во кој е прикажана историјата и развојот на фолклорот од овој остров. Кога еднаш ке го посетите островот, верувајте дека секогаш ќе ја користите и најмалата шанса да се вратите повторно, бидејќи навистина плени со своите убавини. Уживајте во прекрасната боја на морето и преубавите плажи.

Силвана Јованчева