Search for content, post, videos

Ски-центрите во Австрија… неодоливи за зимските спортски дисциплини

Зимскиот распуст започна, а со тоа и сезоната на скијање, санкање, бординг… Трае до април. Снежната белина, чистотата буди чувство на радост, а причина е и можноста да се ужива во спортот, кој дава слобода, заради физичко и психичко празнење, ја распалува страста, љубовта кон планината, височината, стрмнината, брзината. Доколку сакате да шетате, и покрај тоа што и Македонија располага со непроценливо богатство, кога убавината е во прашање, во смисла на пејзажи, на терени, освен италијанските и француските, одличен избор се и австриските ски центри.

Должината на патеките за скијање изнесува 280 километри.

Австрија е навистина импресивна земја, во секој поглед. Нејзините ски-центри спаѓаат во групата водечки, дури и на светско ниво. Можете да одите сами, во друштво на пријателите, семејството бидејќи таму е подредено сé, онака како што треба. Без оглед на вашите желби, вкусови, реалноста е близу до сонот, некако се поврзани меѓу себе. Остварувањето е неизбежно, неминовно. Дури и пребирливите стануваат дел од „шемата“ во која се мисли на сé, на секого. Можеби сакате забава? Ќе ја добиете. Се сметате за традиционалисти? Без гајле, и вашите потреби ќе бидат задоволени. Имате мали деца? Верувајте, нема да им биде здодевно во ниеден момент. Важите за вешти, искусни скијачки? Терените се подготвени, ве очекуваат.

 

ВО КОМБИНАЦИЈА НА ЗАБАВА, ДИСКО-РИТАМ…

Местото на кое поаѓа жичарницата е, всушност, центарот на забавата.

Скијањето оди подрака со забавата, доколку не се чувствувате стари, пасивни, отфрлени од младите. Најважен е духот, нека биде ведар, здрав, и ќе имате убав помин, со гаранција. Од друга страна, пак, со младоста се поврзува темпераментот, возбудливоста и сл., како на пример авантуризмот. Спојот на двете работи е неминовен за да се привлечат голем број туристи. Дури и кога ќе се затворат жичарниците, забавата продолжува, во диско на пример, во ритамот на музиката за танц. Помеѓу е времето што може да се искористи на друг начин. Сеедно дали сакате да играте голф, тенис, да куглате на мраз, да се лизгате, да одите на бодибилдинг, фитнес, да се санкате…, не размислувајте, едноставно забавувајте се. Тоа е најважно. Па одете и во сауна. Искористете ја секоја понуда ако имате сила. Ноќните локали, освен дискотеките, нудат сенешто, за гостите да ја почувствуваат разонодата поради која се дојдени во Сан Антон, симпатично тиролско село, кое се наоѓа на 1.304 метри надморска височина, каде што битовиот амбиент му дава посебен шарм, или во Ишгл (Тирол), на висина од 1.377 метри, кое важи за многу живо гратче. Таму ќе добиете буквално сé што ќе замислите, посакате, без оглед на возраста. Децата имаат на располагање свои патеки, за кои се грижат обучени лица, може да шетаат во паркот додека нивните родители скијаат, се спуштаат по падините на планината или, пак, се возат со двокатни гондоли, уживајќи во погледот на бескрајните височини. Цената на дневната карта во Сан Антон, каде што се скијало и пред Првата светска војна, за возрасни е 53 евро, а за деца 32 евра. Центарот на забавата во Ишгл е местото на кое поаѓа жичарницата. Дневната карта за возрасни чини 49 евра, а за деца 30,50 евра.

Гратчето Ишгл во Тирол

 

ЗАД ПРЕВЕЗОТ НА ТРАДИЦИОНАЛИЗМОТ

Селото Лех ѝ припаѓа на покраината Воралберг. Се наоѓа на 1.444 метри надморска височина. Изгледа бајковидно.

Селото Лех воодушевува со неговата убавина, со местоположбата, поради што има голема посетеност, без оглед на сезоната. И припаѓа на покраината Воралберг. Надморската височина на која се наоѓа е 1.444 метри. Важи за собиралиште на традиционалистите што не прават отстапки, во секој поглед, вклучувајќи ги и зимурливите. Нема никаква спојка, но факт е дека грејачи се поставени насекаде, низ целиот ски-центар, дури и на седиштата во жичарниците со гондоли, кабини. Големата понуда на можности дава право на избор. Угостителството е развиено бидејќи во спротивно, туризмот нема да опстои. Рестораните како да се натпреваруваат меѓу себе, иако не е така. Постои договор за соработка.

Ресторанот „Факс“ во Лех

Љубомора нема кога ќе се спомене “Факс”, што повеќе личи на американска гостилница отколку на австриско ресторанче во кое обично се служат традиционални јадења. Ако не го посетите, исто како да не сте биле во Лех. Монденскиот живот е видлив, се чувствува секаде. Месноста има за цел да ги привлече и новите богаташи, нивните синови, ќерки што не се плашат од екстремност, кои уживаат во хелихоптерски спуст, во скијање на патеки од чија стрмнина се губи здивот. Цената на дневната карта изнесува 51 евро за возрасни, 30 евра за деца. Во слободно време се игра тенис, се кугла на мраз, се лизга, се пешачи, се санка… Традиционалистите одат и во тиролското гратче Кицбил, на 762 метри надморска височина, познато по натпреварите во алпски дисциплини. Жичарниците се обновени, а и кога нема снег, падините се покриваат со помош на топови, триста на број. Посетата на коцкарница е вообичаена работа, како и гледањето филм. Има повеќе киносали. Сепак, скијачкиот спорт е причината да се оди во Кицбил, каде што дневната карта за возрасни чини 57 евра, за деца 28 евра.

Како насликано – гратчето Кицбил.

 

Обергургл важи за највисоко населено место во Европа, со убави скијачки патеки.

Дел од гратчето Алпбах и околината.

МИР И ТИШИНА, СПОКОЈ…
Двата бисера – селото Обергургл и гратчето Алпбах, како што ги нарекуваат жителите на Тирол, се рај за семејствата што имаат мали деца, поради мирот и тишината, спокојот што владее таму. Бегството од грубото секојдневие, кое полека нé меле и нé програмира како што сака, нé прави зависни од трката по пари и сл., некогаш е повеќе од добредојдено. Таму не одат исклучиво семејни луѓе, туку и самци на кои им е потребен одмор, вклучувајќи ја и разонодата преку скијање и други зимски спортски дисциплини. Ако имате мали деца, изборот е непогрешен. Ноќната забава се сведува на минимум, речиси ја нема. Затоа, пак, снежната белина едноставно мами со нејзината чистота, да се спуштате на падините што даваат чувство на слобода, која е толку неопходна за душевен мир, каков-таков. Нема врева, таму царува тишината. Спокојот е резултат на хармонијата со природата. И децата се приспособуваат на амбиентот, на условите за живот на село чија надморска височина е 1.930 метри. Обергургл важи за највисоко населено место во Европа. Има црква, изградена во 1737 година. Во 1967-та е доградена за потребите на мештаните, кои се многу гостопримливи. На 975 метри надморска височина се наоѓа гратчето Алпбах. Чистиот воздух е непроценливо богатство и служи за бањско лекување. Бројот на жичарниците е мал, како и патеките. Скијачките курсеви се интензивни, приспособени за возрасни и за деца. Може да ги оставите на чување додека скијате, и да не почувствувате вина бидејќи со добро згрижени, заедно да јавате на коњи, да шетате во детските паркови. Цената на дневната карта во Обергургл е 52 евра за возрасни, а за деца се плаќа 34 евра. Алпбах е поевтин, возрасните плаќаат 43 евра за дневна карта, а детската чини 22.

 

ВИСОКО НИВО НА ПРОФЕСИОНАЛИЗАМ
Сел нуди повеќе можности, понуди што се повеќе од богати, за секого. Тиролската општина чија надморска височина изнесува 703 метри е водечка на листата на елитизмот, која ја прават врвните спортисти, најдобрите луѓе што се неприкосновени авторитети во поглед на квалитетот и сл. Таму не мора да одите сами, можете да го понесете и семејството, и покрај тоа што сакате да се посветите на скијањето бидејќи зимската сезона е кратка, во смисла на времетраењето на одморот, да се испразните како никогаш досега, заради воспоставување душевна рамнотежа. Сел овозможува да се чувствувате како Ева-Марија Брем на пример, која моментално е во центарот на вниманието, поради терените од кои се завртува во главата. Нивната должина е 280 километри. На патеките што се покриваат со вештачки снег отпаѓаат 245 километри, а деведесетте жичарници се уште една потврда за професионализмот. Изборот е голем, има терени за сечиј вкус, со благи кривини, угорнини (за почетници). Важно е да имате кондиција за да го издржите спустот. На почетокот може да обрнете внимание на кондициските вежби, со тренери. Има неколку фитнес-сали, сауни, базени, кои се постојано отворени. Дневната карта чини 49 евра за возрасни, 24 евра за деца. Важи и навечер, доколку сакате да се санкате, да скијате на месечева светлина, на места зајакната со рефлектори. Задоволството е големо, како и уживањето кога јавате на чистокрвни коњи, додека играте бадминтон, сквош, тенис, кога се натпреварувате во куглање. Забавата нема крај, особено ако решите да одите во диско, да танцувате до рано изутрина. Претходно не смеете да пропуштите да испробате барем дел од специјалитетите на австриската кујна.

Општината Сел навечер