Search for content, post, videos

Теларо – Нирвана среде морето и небото, гребените и зелената гора

Така познатиот италијански писател и режисер Марио Солдати го опиша местото што, иако не важи за омилено меѓу светскиот и европскиот џет-сет, неговата живописност, мирот и тишината, природната хармонија  сигурно ќе ве испровоцираат да го посетите. Можеби летово, зошто да не. Имате доволно време за размислување, да се распрашате, да пребарате на Интернет, да прочитате, да букирате, да се спакувате и да отпатувате.

Одморската возбуда само што не започнала, вклучувајќи го и времето за размислување, кроењето планови, нивната реализација. Многу луѓе веќе се заситени од „извиканите“ места, кои најчесто ги посетуваат заради тоа што немаат друг избор. Како и да е, важно е неколкудневниот престој, сеедно каде, на летниот одмор да му даде поинакво значење, па и димензија (четврта, зошто да не). Теларо е место за кое Италијанците зборуваат во суперлатив. И туристите, и од европските и од земјите на останатите континенти, се разбира. Го нарекуваат скриен или не(доволно)откриен скапоцен бисер на т.н. поетски залив (Golfo della Spezia, Golfo dei Poeti), каде што Дејвид Херберт Лоренс, Лорд Бајрон и Перси Биш Шели го нашле изворот на својата инспирација. Таму се чувствувале сигурно, пријатно, како да се дома, окружени со книги, во самотија… Единствени на светот, пријателствувале со морето и небото, гребените и зелената гора, заради нирвана – смирена, блажена состојба на душата. И Марио Солдати неретко уживал во природната хармонија, мирот и тишината, во неговата живописност…, минувајќи дел од времето на седенки, јадење и пиење со мештаните, кои важат за многу гостопримливи. Се наоѓа во Лигурија, оддалечено 5 км од Леричи. Патот мине низ Маралунга и Фјаскерино. Годинава Теларо се вброи во листата на стоте најубави села и ја доби наградата што ја доделува I borghi più belli d’Italia.

Теларо... панорамски

Теларо… панорамски

Го нарекуваат скриен или не(доволно)откриен скапоцен бисер на т.н. поетски залив (Golfo della Spezia, Golfo dei Poeti), каде што Дејвид Херберт Лоренс, Лорд Бајрон и Перси Биш Шели го нашле изворот на својата инспирација.

Местото датира уште од времето на Етрурците, а куќите кренати по ридот се спуштаат до пристанишниот кеј. Повеќето градби се утврдени. Така останале од минатото, за жителите на Теларо да се заштитат од непријателите што доаѓале по морски пат со една цел, да го освојат. Асфалтираниот, пак, води накај центарот, каде што е мегданот, начичкан со барови и гостилници. Факт е дека во Лигурија се јаде обилно, убаво, нејзините специјалитети ги карактеризира толку голема разновидност за која нема друга критика освен позитивна, па дури и кога се работи за вкусот, начинот на приготвување, како дел од стилот на живеење, што не можат да се добројат рестораните, меѓу кои е и Locanda Miranda, во рамките на истоимениот мини-хотел, чија Мишелинска ѕвезда го прави уште поатрактивен за гостите. Вреди да се проба сé, буквално. Храната е извонредна, со мераклиско вино за комплетен впечаток. И таму и во другите гостилници, во селската пекарница, се подготвува најубавата италијанска фарината од леблебија, со песто. Мајстори за морски плодови, мешавина од школки, ракчиња, лигњи… се готвачите во Osteria La Caletta, окружена со многу зеленило, цвеќе, а необичните вкусови, на кои не може да им се одолее, гарантираат повторно враќање. Изборот е голем – Il Delfino, Il Gambero Nero, La Gritta, Il Fico Trentacareghe, Red Fish Café… според вкусовите на посетителите, со поглед на морето, гребените, на зелената гора. Сеедно, убаво е.

Годинава Теларо се вброи во листата на стоте најубави села и ја доби наградата што ја доделува I borghi più belli d’Italia.

Тесните сокаци водат накај ораториумот Santa Maria in Selàa, изграден во 1660 година. Малата капела, т.е. просторијата за молитва беше обновена целосно. Неодамнешната реконструкција ѝ даде инаквост во секој поглед. Освен миси, таму се одржуваат и културни настани – промоции, поетски читања, мини-концерти, изложби. Има преубав двор, покриен со теракотен „паркет“, оградата е камена, ниска, доволно за седење, да се ужива во визурата, морското крајбрежје, брановите… Меѓусебната поврзаност на храмовите не е ни малку случајна. Уличката од малата капела води накај црквата San Giorgio, препознатлива секаде, на сите разгледници, „времеполови“ на веб-сајтови, бидејќи е главно обележје на Теларо. Датира од 16 век, неговата втора половина. Глетките навечер и кога брановите удираат по нејзините ѕидови, оградата или гребените, во зависност од големината и силината, се непроценливо богатство, макар и за сеќавањето. Има доволно патеки што ја олеснуваат прошетката крај морскиот брег или горе во планината, до Монтемарчело. Но и возењето на брод е исто така доживување. Од Леричи може да се оди во Џенова, Портофино, Портовенере, Чинкветере, а близината на Тоскана, пак, овозможува посета на Вијареџо, Лука, Карара, Монтекатини, Пиза, Фиренца.

Теларо е преубав лете. Плажите се различни – големи, мали, камени, песочни… Една од најпознатите, каде што се наоѓа клубот Eco del Mare, кој работи нонстоп, и дење и ноќе, а освен ресторан, има и мини-хотел, можност за секаков вид забава, е близу до селото. Другите, пак, се оддалечени дваесетина минути возење, му припаѓаат на ресортот Forte dei Marmi, во истоимениот тоскански град. Повеќето хотели се луксузни (Il Negresco, Principe Forte dei Marmi, Grand Hotel, Grand Hotel Imperiale итн.). Нивниот број е педесетина. Има и шопинг центри, ресторани, клубови, чии цени се вртоглави, а вртоглавица предизвикуваат и деноноќните забави.