Search for content, post, videos

Тоа е Минхен – престолнината на Баварија

Првата асоцијација на некој германски град би била брзаница, ред, работа и дисциплина, но Минхен остава впечаток на лежерен град, град на туристи, кој на некој свој волшебен и скриен начин ги извршува своите обврски кон посетителите. Поради лежерноста и архитектурата, често овој град го нарекуваат најсеверниот италијански град, како и градот на младоста. Тоа е Михнен – престолнината на Баварија.

Баварската “метропола со душа”, Минхен, е еден од најубавите градови во Германија, културен и боемски центар, град со бројни историски споменици кои зборуваат за вековните баварски владетели од династијата Вителсбах, многубројни ремек дела од модерната технологија и архитектура, каква што е и познатата Алијанс арена. Светски центар на саеми, град на пивници и Октоберфест, место каде посетителите ја чувствуваат типичната баварска атмосфера со свежо точено пиво, бели кобасици и свинска коленица.

Животниот стил на Минхен…
Животот во Минхен може да се нарече животен стил или уметност на живеење. Дали за ова чувство “виновници” се сино-белото небо или убавините на градот, и не е толку важно. Во секој случај, жителите на Минхен секогаш се прикажуваат во најдобро светло каде и да се, дали во нивните оригинални пивници, на некој од раскошните булевари или на Алијанс арената на фудбалскиот клуб Баерн Минхен. Модерен космополитски град со душа и долга традиција, шармантен исто колку што е опуштен, раздвижен, но и бавен во одредени моменти. Со сигурност може да се каже дека е еден од најубавите градови во Германија. Мариенплац, централниот плоштад на Минхен со стариот и новиот Градски дом – Собрание, познатите камбани, најстарата пивница Хофбројхаус, се симбол на градот, заедно со надалеку познатите високи зелени куполи, познатите бели колбаси и свински коленици, како и неизбежното баварско пиво. Тука ќе ги видите отмените шопинг зони Лудвиг Штрасе, Максимилијан Штрасе, како и Карлсплац. На едно место е собрано се што е добро и скапо, од последните модни дизајнерски парчиња до преубавите антиквитети. Тука едноставно се ужива во купувањето. Забавата исто така ја има премногу, особено во делот наречен швабинг, потоа Глокенбахплац и Милер Штрасе. На овие места ќе најдете трендовска забава и култури во сите варијации. Пивниците на отворено сместени на брегот на езерото се уште една атракција. Овие пивници се нарекувале подруми, бидејќи тогашните пивари како Салвадор, Левенброј и Хофбројкелер го складирале направеното пиво во подземни простории на студено, но набрзо дошле до идеја пивото да го точат на лице место. Тоа е почетокот на баварската пиварска традиција, која за жителите на Минхен е нешто свето.

Од историјата на Минхен…
Првите податоци за Минхен датираат уште од VI век кога баварското племе Алемари го населиле брегот на реката Изар. Местата на тие населби денес може да се препознаат по наставката “инг”, како што се денешните делови Швабинг, Аубинг, Сендлинг. Кон крајот на X век и почетокот на XI век монасите го основале манстирот Апуд Минхен. Од тука потекнува и денешното име на градот. Во 1158 година Хенри Лав го основал градот на кој му го дал името Минхен, кој уште тогаш станал главен трговски центар. Кралското семејство Вителсбах во 1180 година го прогласило Минхен за резиденција на кралското семејство. Во XV век започнал растот на Минхен, а за време на ренесансата и барокот биле кренати многу значајни гардби кои денес се најубави споменици на овој град. Најзначајниот владетел на кого Минхен му го должи денешниот изглед е кралот Лудвиг Први. Тој го издигнал Минхен до културна и духовна престолнина на Европа во тоа време.
По првата Светска војна дошло до крупни промени кога во градот зацарувале гладот и сиромаштијата. Ваквите коренити промени довеле да стане град на национал-социјалистите. Во 1923 година Адолф Хитлер го предводел маршот на Минхен, кој во тоа време бил брутално угнетен од властите, но десет години подоцна Михнен веќе бил во цврсти раце на Фирерот. 1938 е годината кога во Минхен бил потпишан познатиот Минхенски договор, кој се смета за врв на Хитлеровите дипломатски достигнувања. Во Втората светска војна Минхен претрпел огромна штета, некои делови од градот биле потполно разурнати. Кон почетокот на педесетите години започнува новиот развој на Минхен. Во 1950 година Градското собрание донело одлука за повторна изградба на сите згради кои биле урнати во бомбардирањето, и тоа во истиот стил какви што биле претходно. Најголемиот напредок Минхен го доживува за време на Олимписките игри во 1972 година, како и за време на Светското првенство во фудбал во 1974 година. Тогаш Минхен почнал да се гради и во нов модерен стил, но подалеку од центарот на градот, така што денес можат да се видат големи архитектурни контрасти.

Знаменитостите во Минхен…
Дворецот Нимфенбург, летната резиденција на Вителсбахови, резиденцијата Максимилианеум, националната опера и театарот, галерија на нови и стари Пинакотеки, Мариен плац, плоштадот Виктуалиенмаркт, Кралскиот плац каде се одржуваат многу културни настани се самодел од најголемите знаменитости на градот. Мариен плац, главниот плоштад и срцето на стариот Минхен, името го добил по високиот столб на чиј врв се наоѓа златна статуа на Мајка Богородица. Четирите фигури во подножјето ги симболизираат војната, болеста, ересот и гладот. Црквата на Богородица претставува уште едно големо обележје на градот. Нејзините две кули се издигнуваат на висина од 99 метри и е позната како место на баварските владетели. На Мариен плац се наоѓа и старата зграда на градското собрание, која е една од најпознатите градби во Минехен. Три порти од разурнатите средновековни тврдини зачувани се до денес: “Изартор” на исток, “Зендлингертор”  на југ и “Карлстор” на запад од центарот на градот. Карлстор (кој бил целосно разурнат за време на Втората светска војна) води до штраус, голем плоштад на кој се наоѓа Палатата на правдата и голема фонтана. Црквата Св. Петар во близина на Мариенплац е најстарата црква во центарот на градот, каде што биле сместени монасите пред официјалното основање на градот во 1158 година. Во близина на Св. Петар е и црквата на Светиот Дух, изградена во готски стил, која подоцна била претворена во барокен стил. Таа гледа кон Виктуалинмаркт, најпознатиот пазар во Минхен. Богородичната црква е најпознатата градба во центарот на градот и служи како катедрала на Минхенско-франзиншката архиепископија. Во близина е и црквата Св. Михаил, која е и најголемата ренесансна црква северно од Алпите, додека пак Театинеркирхе е базилика од доцниот италијански барок и истата имала оргомно влијание на јужно-германската барокна архитектура.
Големиот резиденциски комплекс (започнат во 1385 година) се наоѓа на крајот на стариот град, се смета за еден од најзабележителните музеи за внатрешен дизајн. Во него се наоѓаат трезорот и прекрасниот театар во рококо стил. Веднаш до неокласичната опера на резиденцијата изграден е Националниот театар. Во Минхен се уште постојат дворци во барокен и неокласичен стил. Такви се дворецот Порција, дворецот Прејзинг, дворецот Холнштајн и дворецот Принц-Карл, како и Стариот дворец (Алте Хоф), кој бил првата резиденција на кнезовите Вителсбах.
Тука се наоѓа и црквата Св.Михаил, најголемата ренесансна црква од северната страна на Алпите. Има прекрасен олтар со ликот на Архангел Михаил, а тука е кралската крипта во која е закопан кралот Лудвиг II, кој инаку не го сакал Минхен, па затоа познатите Дворци на Баварија ги изградил надвор од градот, во прекрасните планини. За изградба на дворците Нојшванштајн, Линдерхоф, Херенкимзе, ексцентричниот крал Лудвиг II го потрошил целото осумвековно државно и семејно богатство на династијата Вителсбах. Бидејќи со тоа ја довел државата до банкрот, кралот бил прогласен за непресметлив и бил затворен. Парадоксално, овие дворци достојни за секоја бајка, денес и покрај посетата на милион туристи се уште го враќаат долгот на државата. Ако сте љубителка на автомобилската индустрија, посетата на музејот на БМВ е обврзна, но тука е и популарниот музеј на играчките. Англискиот парк е еден од најголемите паркови во светот, која го претставува “Зеленото срце” на Минхен. Триумфалните капии се исто така едно од обележјата на овој град, како и Баварската библиотека.
Минхен е далеку познат и по Октоберфест, најголемиот светски фестивал на пивото кој го посетуваат повеќе од шест милиони луѓе секоја година. Октоберфест се одржува секоја година на крајот на септември и почетокот на октомври.
“Ние сме таму каде што е врвот” е мотото на овој град. Отпатувајте и вие барем на неколку дена во Минхен за да го почувствувате тоа.

Силвана Јованчева