Search for content, post, videos

Волшебните дворци на Баварија

Баварија – земјата на дворците од приказните – Патувањето во Баварија секогаш ќе ви остане во сеќавање како патување во земјата од бајките и прекрасните приказни кои сме ги слушале како деца, а ни биле многу неостварливи и незамисливи, земја на чудесните дворци и прекрасни предели со планини и шуми,  кристални езера, грандиозни палати и зданија. Патувањето во Баварија преставува авантура во светот на изобилството и разиграната фантазија. Баварците имаат повеќе од илјада години стара култура и традиција овековечена и оставена на поколенијата во преубавите дрворци со сето нивно непроценливо богатство што го носат во себе. Познати се  дворецот  Херенкимза (Herenkimza), кој е сместен на островот на најголемото баварско езеро Кимза (Kimza). Овој дворец е изграден по примерот на Версај, во рококо стил.  Тука е и најрепрезентативниот дворец – палата на Лудвиг II, дворецот Линдерхоф, (Linderhof). Посетата на најубавиот дворец во Баварија и еден од најубавите во Европа – дворецот  Нојсшванштајн (Neusshwanstein), поврзан со легендата за Лудвиг II- Баварскиот крал на лебедите е назаборавно доживување. Повеќето од нас барем еднаш погледнале цртан филм од продукцијата на Волт Дизни во кој се прикажува преубавиот дворец, голем како планина, бел како гранит, со мноштво на прозорци и кули во кој живеат кралеви и кралици, нивните деца и многубројната послуга. Овој дворец ни е многу познат бидејки истиот бил инспирација на Волт Дизни за изработка на познатата „шпица „ за многубројните цртани филмови кои сме ги гледале како деца и кои сеуште со радост седнуваме да ги гледаме. Снежана на крајот токму во овој дворец живее со својот принц, Трнорушка токму во овој дворец спие многу години се додека не дојде принцот на белиот коњ да ја разбуди, Пепелашка токму во овој дворец го игра танцот со својот принц. Многумина го замислуваат овој дворец како дворец од соништата, меѓутоа треба да знаат дека ваков дворец е многу реален и постои токму во Баварија. Дворецот се вика Neuschwanstein што во оригинален превод значи “Нова лебедова карпа“ и тоа токму поради фактот  што сопственикот на овој дворец баварскиот крал Лудвиг II како свој заштитен знак го зема белиот лебед, како олицетворение на совршенството, убавината и грациозноста. Дворецот како од бајките Нојсшванштајн изграден е на импозантна голема карпа, во близина на кристално чистото Алпси езеро, дворец кој е подигнат према замислите и барањата на кралот Лудвиг II , баварски крал од 1864 година во местото Алгаи (Allgaeu) област на југот од Баварија во самото подножје на Алпите и претставува најголемо достигнување на градителите во тој период. Кралот Лудвиг II израснал во фамилија во која можел да си овозможи што и да посака за себе и најлудата негова замисла да биде реализирана. Така направил многу дворци и зданија за време на своето владеење, но најпознат меѓу нив е токму овој  дворец кој е од непроценета вредност. Дворец кој на секој посетител му го одзема здивот со својата убавина и грациозност. Овој дворец кралот Лудвиг II му го посветил на Рихард Вагнер, познат германски композотор, бидејки кралот бил воодушевен од неговата музика која ја создавал. Дури и еден дел од сликите во дворецот се инспирирани од Вагнеровата музика. Дворецот е изграден во средновековен стил, меѓутоа со сиот комфорт кој во 19 век бил на располагање, како што е греење, вода, кујна со топла и ладна вода, електично ѕвонче за послугата, дури и телефон и лифт за јадења. Кралската соба го одзема здивот со својата раскошност и импозантност, градината, Лудовиговата импровизирана пештера помеѓу дневната и работната соба, фикс идеја која што морала да се оствари, како и најраскошната просторија во дворецот музичката сала, која кралот љубоморно ја чувал за себе, каде што уживал во Вагнеровата музика. Акустичноста на оваа сала е доведена до совршенство и таа денес се користи за концерти кои се многу познати надвор од границите на Баварија. Дефинитивно овој дворец е дворец од бајките кој упорно му пркоси на времето и не враќа во секојдневието на витезите и кралевите кои живееле во овој прекрасен дворец.

Во истото место се наоѓа и дворецот Hohenschwangau во кој живеел кралот Максимилијан, таткото на Лудвиг, кој е исто толку атрактивен за туристите како и дворецот од бајките Нојсшванштајн. Дворецот Herrenchiemseea се наоѓа на идиличното острово Херенинсел, што во буквален превод значи машко острово. Во 1873 година Лудвиг II го купил ова острово и изградил импозантен дворец Herrenchiemsee. Овој дворец е проектиран по пример на познатиот фарнцуски дворец Версај. Граден е осум години, се до 1878 година кога младиот крал Лудвиг II е пронајден удавен во реката Starnberger See. Кралот Лудвиг II бил генијален архитект и пронаоѓач, по негова иницијатива се изградени три прекрасни дворци, чија градба лично ја надгледувал и чии што планови ги проектирал. Дворецот останал недовршен поради прераната смерт на кралот, така што од вкупно седумдесет соби, пеесет останале недовршени. Овој дворец често го нарекуваат Баварскиот Версај. Всушност ово дворец бил изграден како “храм на славата“ во чест на францускиот крал Луј XIV, познат како Крал Сонце и овој дворец со право е еден од најпознатите и наубави дворци во светот. До дворецот се доаѓа низ убава борова шума и при самиот излез од шумата ве дочекува пејсаж што ве магепсува, поглед на прекрасен дворец во барок стил кој ја прикажува сета моќ и раскош на кралската власт. Дворецот е окружен со преубави паркови, фонтани и шуми. Големината на градината пред дворецот која надминува и десет стадиони на секој посетител му го зема здивот со својата величина и раскошност. Овој сликовит дворец со својата градина делува готово нестварно. Внатрешноста на дворецот уште повеќе фасцинира. Секоја просторија е посветена на животот на кралот Сонце, секоја соба е со висина над осум метри, а собите имаат големина на една голема куќа, во секоја соба може да се смести по една голема куќа. Во поглед на големината на собите, најдоба пример е кралското купатило каде што кадата е толку голема што собира 60.000 литри вода и и требаат цели осум часа за да се наполни, како и салата со огледала каде се добива впечаток дека собата се наоѓа помеѓу два парка.

Дворецот Линдерхоф е совршено окружен со прекрасни паркови, тераси, фонтани и павиљони во маварски стил. Изграден помеѓу 1870 и 1878 година, дворецот Линдерхоф (Linderhofa) било омилено ловечко место и пребивалиште каде кралот Лудвиг II се одмарал и релаксирал.

 

Во дворецот Хоеншвангау (Hohenschwangau) во  Allgäu  – сместен во местото Schwangau кралот го поминал своето детство, а потоа дворецот го користел како летна резиденција.

Дворецот Johannisburg  е најзначајна градба на германската ренесанса. Тука постоел средновековен замок, кој изгорел до темел во 1552 година, за да подоцна во 1614 година биде изграден новиот дворец.

Дворецот Markgräfliche – прекрасен ренесансен дворец кој е изграден на темелите на средновековниот замок  Wasserburg.
Дворецот Neue – е изграден кон крајот на 17 и почетокот на 18 век во ренесансно барок стил, каде посебно интересна е кралската сала за балови.

Дворецот Nymphenburg се наоѓа на пет километри од центарот на Минхен и уште во 18 век бил познат во цела Европа по богато украсените простории во рококо стил, сликовитите павиљони и големиот парк. Овој дворец-палата служел на германските кралски фамилии како летна резиденција, а во овој дворец е роден и кралот Лудвиг II. Дворскиот парк има површина од 180 хектари. Дворецот е огромен комплекс од пет засебни палати, а богатата ботаничка градина воодушевува со растенијата кои ги има.

Резиденцијата Würzburg – преставува дворец во барок стил сместен во самиот центар на стариот германски град Вирцбург, недалеку од реката Мајна . Како една од најубавите палати во Европа, оваа резиденција со прекрасниот парк и плоштад е под заштита на УНЕСКО и преставува светско културно богатство. Се состои од три крила и располага со 300 соби средени во барок и рококо стил.

Кралот Лудвиг II својата љубов и идеите за создавање на нешто убаво ги претворил во реални зданија вредни за восхит. Како некоја магија кралските дворци не водат во светот на реалистичното минато, минато кое не воодушевува и во нас буди прекрасни чувства. Ниеден опис и ниедна фотографија не може да го оживее духот на минатото и она бескрајно чуство кое го имате кога ќе се најдете пред кралските дворци Neusshwanstein, Hohenschwangau и Linderhof. Пред овие дворци и сите други дворци кои постојат во Баварија не можете да останете рамнодушни и недопрени бидејки токму овие кралски дворци се симбол на аристократијата и раскошот, тие се сведоци на времето во кое кралевите живееле како во бајка. Овие баварски дворци и резиденции преставуваат едно од најубавите поглавја на германската историја, култура и уметност. Тие се сведоци на времето во кое се развивал безгрижниот друштвен живот, а паралелно со тоа и свеста за културата на живеење со истенчен смисол за склад на архитектурата и пејзажите. Посетата на дворците на Баварија ќе ве врати во времето на кралевите и кралиците, принцовите и принцезите, па за момент почувствувајте се кралски и влезете во приказната.
Силвана Јованчева