Search for content, post, videos

МОБИНГ и вашите права на заштита од вознемирување

Долго време во нашето законодавство не постоеја одредби кои на директен начин ги регулираа ситуациите каде што едно лице е мобингувано односно вознемирувано на неговото работно место од страна на друг вработен или група  вработени. Со оглед на очигледноста на некои ситуации што значеа мобинг на работното место, но и следејќи ја легислативата на земјите од Европската унија, како и тенденциите на современите законодавства, се наметна потребата од донесување еден ваков закон кај нас во Македонија. Па така Собранието на РМ во 2013 година го донесе Законот за заштита од вознемирување на работното место или популарно наречениот Закон за мобинг.

Со Законот за мобинг се уредуваат правата, обврските и одговорностите на работодавачите и вработените во врска со спречување психичко и полово вознемирување на работното место и местото на работа, мерките и постапката за заштита од вознемирување на работното место, како и другите прашања што се однесуваат на спречувањето и заштитата од вознемирување на работното место. Законот има цел да спречи и да даде заштита од психичко и полово вознемирување на работното место, односно местото на работа и обезбедување здрава работна средина. Овој Закон се применува на работодавачите, вработените, кандидатите за вработување, како и на лица ангажирани со договори, кои учествуваат во работата кај работодавачот. Законот забранува секаков вид вознемирување на работното место, но и злоупотреба на правата на вознемирување на работното место.

Психичко вознемирување на работното место, Законот дефинира, дека е секое негативно однесување од поединец или група што се повторува, континуирано и систематски, и кое претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место.

Полово вознемирување, во смисла на овој Закон, пак, е секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер, кое има за цел или претставува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на вработениот, а што предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост.

Однесувањето кое по овој Закон се смета за психичко, односно полово вознемирување на работното место, е секое психичко или полово вознемирување, признаено со овој Закон, доколку не престанало и по писменото предупредување од страна на вознемируваното лице дека му пречи однесувањето на вршителот на вознемирувањето и дека ќе го смета за вознемирување на работно место.

Вознемирување на работно место претставува и поттикнување или наведување на однесување во смисла на тоа што Законот го смета за психичко односно полово вознемирување.

 

Кој може да биде вршител на вознемирувањето и активности кои не се сметаат за мобинг?

Вршител на вознемирување на работно место може да биде едно или повеќе лица со негативно однесување без оглед на нивното својство – работодавач во својство на физичко лице, одговорно лице кај работодавач – правно лице, вработен или група вработени кај работодавач или трето лице со кое вработениот или работодавачот доаѓа во контакт при извршувањето на работите на работното место.

Поимите вршител на вознемирување на работно место и вознемирувано лице употребени во овој Закон имаат неутрално значење и се однесуваат и за жени и за мажи.

Однесувања и активности кои не се сметаат за вознемирување на работно место според Законот за забрана за вознемирување на работното место се:

Поединечните акти донесени од страна на работодавачот со кои се одлучува за права, обврски и одговорности од работен однос, против кои вработениот има право на заштита утврдена со закон;

– Лишување и оневозможување остварување и користење права утврдени со закон, колективен договор и договорот за вработување, чија заштита се остварува кај работодавачот и надлежен суд;

Секое неоправдано правење разлика при нееднакво постапување спрема вработениот по основ на дискриминација, што е забрането и во врска со кое се обезбедува заштита, согласно со закон;

– Повремени разлики во мислењата во врска со прашања и проблеми поврзани со вршењето на работните задачи, освен ако истите немаат за цел да го повредат или навредат вработениот;

 

Која е постапката за заштита од вознемирување на работното место кај работодавачот?

Според Законот за заштита од вознемирување на работно место, лицето што е мобингувано може да оствари заштита по вонсудски пат или директно по судски пат, доколку вонсудскиот заврши неуспешно за него, а и понатаму смета дека е жртва на мобинг. По судски пат, со тужба, вработениот кој смета дека е изложен на вознемирување на работно место може да бара:

Утврдување дека претрпел вознемирување на работно место;

– Забрана на вршење на однесувања што претставуваат вознемирување на работно место, односно забрана на повторување вознемирување на работно место;

Преземање на дејствија заради отстранување последици од вознемирување на работно место;

– Надоместок на материјална и нематеријална штета причинета со вознемирувањето;

Концепција на Законот за заштита од вознемирување на работното место би требало во иднина да гарантира целосна заштита на вработените од мобинг и остварување на правата на вработените лица кои Законот ги предвидува во случај на мобинг. Секако дека искуствата од примената на овој Закон најдобро ќе го дадат одговорот на прашањето дали Законот ја исполнува целта за која е донесен!