Search for content, post, videos

Причинување штета

Правата и односите што настануваат по повод причинувањето штета се уредени во нашиот Закон за облигациони односи (ЗОО).

 

Општо е правилото, поставено во самиот ЗОО, дека тој што ќе му причини штета на друг должен е да ја надомести истата, доколку не докаже дека штетата настанала без негова вина. За штета причинета од предмети или дејности од кои произлегува зголемена опасност од штета за околината, се одговара без оглед на вината! За штета без оглед на вината се одговара и во други случаи предвидени со закон.

Што е тоа штета?

Штетата, според Законот за облигациони односи, е намалувањето на нечиј имот (обична штета) или спречувањето на негово зголемување (испуштена корист), како и нанесувањето друга физичка или душевна болка или страв (нематеријална штета). Секој може да бара од друг да го отстрани изворот на опасност од кој му се заканува позначителна штета нему или на неопределен број лица, како и да се воздржи од дејност од која произлегува вознемирување или опасност од штета, ако настанувањето на вознемирувањето или на штетата не може да се спречи со соодветни мерки. Судот, на барање од заинтересираното лице, може да нареди да се преземат соодветни мерки за спречување на настанувањето штета или вознемирување, или да се отстрани изворот на опасноста, на трошок на држателот на изворот на опасноста, ако тој самиот не го стори тоа. Ако, пак, штетата настане во вршењето на општокорисна дејност за која е добиена дозвола од надлежниот орган, може да се бара само надомест на штетата што ги преминува нормалните граници. Во случајов може да се бара преземање  општествено оправдани мерки за спречување на настанувањето на штетата или за нејзино намалување.

Штета како барање да се престане со повреда на право на личноста

Секој има право да бара од суд или од друг надлежен орган да нареди престанување  дејствие со кое се повредува интегритетот на човечката личност, на личниот и семејниот живот и други права на неговата личност. Судот, односно друг надлежен орган може да нареди престанување на дејствието под закана со плаќање извесна парична сума определена вкупно или по единица време, во корист на повредениот.

Одговорност за штета врз основа на вина

Вина постои кога штетникот причинил штета намерно или со невнимание. Лице кое поради душевна болест или заостанат умствен развој или од кои и да е други причини не е способно за расудување, не одговара за штетата што ќе му ја причини на друг, додека пак Тој што ќе му причини штета на друг во состојба на преодна неспособност за расудување, одговорен е за неа, освен ако докаже дека во таа состојба не се нашол по своја вина. Ако во таа состојба се нашол по туѓа вина, за штетата ќе одговара оној што го довел во таа состојба.

  1. Одговорност за штета што ќе ја причини малолетник

Малолетник, според Законот за облигациони односи, до наполнета седма година не одговара за штетата што ќе ја причини, додека пак малолетник од наполнета седма година до наполнета четиринаесетта година не одговара за штета, освен ако се докаже дека при причинувањето на штетата бил способен за расудување, а малолетник со наполнети четиринаесет години одговара според општите правила за одговорност за штета.

  1. Согласност на оштетениот да му се предизвика штета

Тој што на своја штета ќе му дозволи на друг преземање некое дејствие, не може да бара од него надомест на штетата причинета со тоа дејствие. Ништовна е изјавата на оштетеникот со која се согласил да му се стори штета со дејствие што е забрането со закон.

Одговорност за штета причинета од друг

  1. Штета причинета од душевно болни и заостанати во умствениот развој

За штета што ќе ја причини лице кое поради душевна болест или заостанат умствен развој или поради некои други причини не е способно за расудување, одговара оној што врз основа на закон, или на одлука од надлежниот орган, или на договор, е должен да врши надзор над него. Лицето одговорно за друг може да се ослободи од одговорноста ако докаже дека го вршел надзорот на кој е обврзан или дека штетата би настанала и при грижливо вршење на надзорот.

  1. Одговорност за штета на родителите на малолетното дете

Родителите одговараат за штетата што ќе му ја причини на друг нивното дете до наполнета седма година, без оглед на својата вина! Тие се ослободуваат од одговорност ако постојат причини за исклучување на одговорноста според правилата за одговорноста без оглед на вината. Родителите не одговараат за штета причинета од својот малолетник, ако штетата настанала додека детето му било доверено на друго лице и ако тоа лице е одговорно за штетата. Родителите одговараат за штетата што ќе ја причини на друг нивното малолетно дете што наполнило седум години, освен ако докажат дека штетата настанала без нивна вина. Во случај кога покрај родителите за штетата одговара и детето, нивната одговорност е солидарна. За штетата што на друг ќе му ја причини малолетник додека е под надзор на старател, училиште или друга установа, одговара старателот, училиштето, односно другата установа, освен ако докажат дека надзорот го вршеле на начинот на кој се обврзани, или дека штетата би настанала и при грижливо вршење на надзорот. Ако за штетата одговара и малолетникот, одговорноста е солидарна. Во случај кога должноста за надзор над малолетно лице не е од родителите, туку од некое друго лице, оштетениот има право да бара надомест од родителите кога штетата настанала поради лошото воспитување на малолетникот, лошите примери или порочните навики што му ги дале родителите, или ако и инаку штетата може да им се впише во вина на родителите. Лицето врз кое во овој случај е должноста за надзор има право да бара од родителите да му го надоместат исплатениот износ ако тоа му исплатило надомест на оштетениот.

Одговорност за штета врз основа на справедливост

Во случај на штета што ја причинило лице кое за неа не е одговорно, а надоместот не може да се добие од лицето што било должно да води надзор над него судот може, кога тоа го бара справедливоста, а особено со оглед на материјалната состојба на штетникот и оштетениот, да го осуди штетникот да ја надомести штетата, целосно или делумно. Ако штетата ја причинил малолетник способен за расудување кој не е во состојба да ја надомести, судот може, кога тоа го бара справедливоста, а особено со оглед на материјалната состојба на родителите и на оштетениот, да ги обврзе родителите да ја надоместат штетата, целосно или делумно, иако не се виновни за неа.

 

 

 

 

 

 

 

адвокат м-р Владимир Бангиевски

Адвокатска Канцеларија Бангиевски