Search for content, post, videos

ЗА ДОГОВОРОТ ЗА ДОЖИВОТНА ИЗДРШКА

 

Договорот за доживотна издршка во последно време, кај нас, се чини дека доживува вистинска „ренесанса“. За тоа сведочи бројот на склучени договори од овој вид, помеѓу граѓаните (физички лица), т.е. помеѓу примателите и давателите на издржувањето.

 

Договорот за доживотна издршка, како и секој друг договор, изрично регулиран во законот или не, се состои од битни и небитни елементи. Најопшто кажано, под битни елементи се подразбираат т.н. објективно битни елементи (essentialia negotii), чие постоење е неопходно за настанување договор од определен вид. Така, договорот за доживотна издршка се смета за склучен во моментот кога договорните страни ќе постигнат согласност околу битните елементи (точки) на договорот. Непостоење  согласност помеѓу договорните страни околу споредните точки не влијае врз полноважноста на договорот. Споредните елементи на договорот ги определува дополнително судот, притоа водејќи сметка за претходните преговори помеѓу страните, утврдената практика помеѓу нив и обичаите. Разликувањето на битните елементи на договорот од споредните е од пресудно значење за идентитетот и полноважното настанување на договорот за доживотна издршка. Секако дека договорните страни можат, покрај објективно битните елементи на договорот, да предвидат и некои други права и обврски кои ќе бидат битна состојка на договорот (субјективно битни елементи). Тогаш на нив се применуваат истоветните правила како и за објективно битните елементи на договорот.

Конкретно кажано, битни елементи на договорот за доживотно издржување се определени давања (dare) и чинења (facere) кои ги должи давателот на издржувањето и одредени ствари и други права кои ги должи примателот на издржувањето. Договорот за доживотна издршка, како што наведовме, настанува дури кога договорните страни ќе постигнат согласност за битните елементи на договорот, а тоа се:

1. Согласност давателот да го издржува примателот и да се грижи за него сè до неговата смрт и

2. Согласност за имотот што од примателот на издржувањето после неговата смрт ќе се пренесе на давателот на изджувањето.

Давателот на издржувањето е должен да се грижи за примателот на издржувањето, да го издржува сè до смртта на примателот на издржувањето, а после смртта и да го погребе. Значи, станува збор за определување на обврските на давателот на издржувањето, определување кое најпрво служи за разграничување на овој договор од некои други, сродни договори, со трајна обврска на некое лице (да речеме, договор за доживотна парична или натурална рента, договор за сместување и сл.) но и своевидно предупредување дека при непостоење на некој од тие елемнти не постои ни договор за доживотно издржување, туку, можеби некој друг, именуван или неименуван договор. Во практиката договорите за доживотно издржување најчесто се склучуваат по пат на општи формулации, како на пример такви каде што давателот на издржувањето е должен примателот да го негува и издржува до смртта, а после смртта да го погребе, или пак формулации од типот: да го чува, да се грижи за него и до смртта на примателот да му го одржува имотот. Се гледа дека обврската на давателот се состои од два вида:

  1. Од чинидба на издржување на примателот и

  2. Од морални обврски.

Првиот вид обврски подразбира различни чинидби со цел да се намири примателот со работи потребни за живот. Вториот вид обврски подразбира грижа за личноста на примателот и цела низа други лични услуги – да речеме: подготвување храна, прошетка, подготвување на постелнината, читање весник на примателот, играње разни друштвени игри со примателот, носење во посета кај пријатели, во болница, поправка на телевизорот, што како обврски често не се мерливи во паричен еквивалент.

Давателот на издржувањето е обврзан да врши различни чинидби кои се потребни за намирување на примателовите животни потреби, но на договорните страни паѓа обврската сами да го одредат видот и обемот на тие обврски: начин, рокови, место, обем и квалитет… Во отсуство на договорни одредби, видот на обврските на давателот се определуваат во ЗОО.

Давателот е должен на примателот посебно да му обезбеди станување (не посебен стан), храна, облека, обувки, нега во болеста и староста. И не само тоа. Обврската на давателот се протега и на разни други престации за вообичаените, секојдневни примателови потреби како на пример: купување весник, книги, билети за кино, спортски приредби, превоз во градски сообраќај. Овие обврски на давателот особено се ценат во отсуство на договорни одредби, а се ценат по пат на два параметра:

  1. Потребите на примателот и

  2. Можностите на давателот.

Потребите на примателот се вреднуваат и ценат со посредство на неговиот, ако може така да се каже, „преддоговорен начин на живот“, па така: примателот на издржувањето не може после склучувањето на договорот за доживотна издршка да има полоши услови отколку пред склучувањето на договорот. Во секој случај чинењата на давателот, во отсуство на договорни одредби, не смеат да бидат со послаб квалитет од просекот што важи во местото на исполнување на договорот. Во недостаток на договорни одредби за времето и местото на чинидбите на давателот се применуваат за секој вид чинидба соодветни правила од ЗОО. Покрај издржување, сфатено како низа чинидби, давателот е обврзан да се грижи за личноста на примателот: да се грижи за примателот, да го чува и негува во болест и староста и после смртта да го погребе. Тие обврски постојат и кога не се изрично наведени во договорот. Кога примателот ќе се разболи, давателот е должен да го негува и да ги сноси тршоците на лекување, без оглед дали издатоците настануваат со болнички третман или не, при што не е значајно дали примателот се разболел пред или после склучувањето на договорот. Давателот на издржувањето ги сноси само оние видови трошоци за лекување што се неопходни (трошоци за болнички третман, трошоци за лекови и лекари, трошоци за медицински операции и зафати, трошоци за набавка на протеза и вградување вештачки делови во организмот, закрепнување, бањско лекување итн.) Висината на сносењето на трошоците се определува спрема материјалната состојба на давателот на издржувањето.

Давателот на издржувањето е должен да го погребе примателот, на примерен начин (на пример ако е верник да се обезбеди свештеник, соодветна погребна опрема и сл.) Обврската за погреб се подведува под обврската за нега и грижа над примателот и постои и кога давателот не е наследник на примателот на издржувањето. Давателот не е должен на примателот да му подигне надгробен споменик, со исклучок ако е тоа договорено и произлегува од околностите на случајот.

Давателот на издржувањето е должен лично да ги исполнува своите обврски.  Исклучоци се можни но не и во случајот со оние давателови чинења што не можат да се исполнат без личен контакт со примателот, или пак, обврски што произлегуваат од негата и грижата за примателот.

Извршувањето на обврските на давателот се протега по правило во подолг временски период. Затоа, начинот на извршување на тие обврски, нивниот вид и обем не смеат да бидат однапред фиксно определени во договорот, туку мора да биде оставена можност обврските на примателот да се прилагодат на изменетите потреби и на примателот и на давателот на издржувањето (цврсто договорно фиксирање на давателовите обврски води до некој друг договор, да речеме во договор за доживотна натурална или парична рента).

Обемот и содржината на обврските на давателот е подложна на промени во однос на постоечката состојба во време на склучување на договорот: промените може да бидат причинети како од објективни така и од субјективни фактори, како од материјалната или друга состојба на примателот, така и од измената на состојбата на давателот. Промените на состојбата го прават Договорот за доживотно издржување, после склчувањето, подложен на модификација, а незадоволството од променетите околности можат пред судот да го изразат и давателот и примателот на обврската.

Посебно се значајни нормите за раскинување на договорите за доживотно издржување заради неисполнување. Последиците од раскинувањето на договорот заради неисполнување се следни:

А.  Барање да се врати тоа што е примено врз основа на раскинатиот договор;

Б. Давање надомест за користа што секоја страна ја имала од тоа што  другата е должна да врати;

В.  Надомест на штета, која припаѓа само на совесната страна.

 

 

 

 

 

 

 

адвокат м-р Владимир Бангиевски

Адвокатска Канцеларија Бангиевски