Search for content, post, videos

Какаото или срцевината на чоколадото

Од дамнина какаото се смета за многу важен продукт во животот на човекот. Според астечкиот крал Монтезуми, напивката од какао била резервирана за воините и за елитата од општеството, а го користеле за сакрални и свечени прилики. Шведскиот ботаничар Лине го „именувал“ ова дрво со вкусни плодови theobroma cacao (инаку theobroma значи храна на боговите).

Какаото расте на дрво со просечна висина до осум метри и спаѓа во фамилијата зелени растенија. Потеклото на ова растение влече корени од тропските краеви на јужна Америка. Првата европска средба со какаото ја имал Кристофер Колумбо кој го нарекол „лешник со чуден изглед“. Во XVI век Шпанците го пренеле во Европа, каде што поради неадекватните природни услови не можело да се произведува. Какаото за првпат допатувало во Европа во облик на напивка во 1519 година. Во 1980 година е пренесено во Африка каде што толку се раширило што денес таа е негов најголем производител. Ова дрвенесто растение има плодови од кои секој содржи 30 до 45 зрна од кои, кога ќе созреат, се екстрахира какаово масло, а со мелење на зрната се добива какао прав. Токму правот од какао е основна суровина за добивање чоколадо.

 

Слатко задоволство и лек

Какаото е храна број 1 во содржината на антиоксиданси. Содржи повеќе антиоксиданси од зелениот чај, виното и шумските плодови искомбинирани заедно. Витаминот Ц е застапен во големи количини, толку многу што има повеќе од сите други семиња и јаткасти плодови. Други есенцијални (незаменливи) минерали што се содржат во какаото се калциум, цинк, железо, бакар, сулфур и калиум. Какаото содржи многу хемикалии што се особено важни за физичкото и менталното здравје, вклучувајќи ги алкалоидите, протеините, магнезиумот, бета-каротенот, линоленската киселина, липазата, лизинот и неутрансмитерите (допамин и анандемин). Исто така, какаото е неверојатно богат извор на растворливи растителни влакна. Ниту една храна не содржи толку многу магнезиум како какаото, па не е ни чудо што жените околу и за време на менструалниот циклус посегнуваат по чоколадо. Магнезиумот е поврзан со балансираните хемиски реакции на мозокот, силните коски, контракциите на мускулите и срцето и среќата – познат е и како среќниот минерал.

Една шолја какао на ден

Не двоумете се едната шолја кафе во текот на денот да а замените со шолја какао. А еве и зошто…

– Какаото ги шири крвните садови и со тоа ја подобрува циркулацијата, го спречува згрутчувањето на крвта, го регулира отчукувањето на срцето и крвниот притисок, го намалува холестеролот и го намалува ризикот од инфаркт.

– Штити од надворешни и внатрешни токсини – ја поправа и ја зголемува отпорноста од штетата извршена од слободните радикали и го намалува ризикот на некои видови рак.

Серотонинот (хормонот на среќата) се покачува под дејство на какаото и делува како антидепресив.

– Какаото го стимулира излачувањето на ендорфините кои создаваат задоволувачко чувство на воздигнатост и задоволство, исто како по трчање неколку километри.

Фенилетиламин – го има во чоколадото, но го произведува и мозокот кога сме вљубени. Го крева расположението и делува како антидепресив.

Анандамидот или „блажената хемикалија“ прави да се чувствуваме убаво подолго време, а е составен дел на какаото.

Во какаото има и ефедрин, состојка која помага во ширење на алвеолите на белите дробови со што се овозможува подобро дишење, а со тоа и полесно извршување на спортските активности. Затоа какаото им се препорачува на сите што се занимаваат со спорт.

Сулфурот, или минералот на убавината, учествува во градбата на ноктите и косата, ја прави кожата сјајна, ги прочистува црниот дроб и панкреасот, а за среќа го има во големи количини во какаото.

 

Автор: Силвана Јованчева