Search for content, post, videos

„Е-бизнис“ – порта кон европско усовршување

           „Европски бизнис“ е името на проектот на Еразмус преку кој 16 ученици од приватното средно училиште САБА од Скопје, Битола и Штип поминаа по две недели на пракса во четири европски држави: Италија, Германија, Шпанија и Португалија. Учениците работеа во различни европски и интернационални компании во кои имаа можност да видат дел од онлајн бизнисот, интернет маркетингот, интернет трговијата и сл.

Теа Седлоска и Климентина Кованцалиева, ученички во САБА Скопје, работеа во меѓународна компанија со големо искуство во изработка на уникатни дизајни на материјали што ги користат познати светски брендови. Теа вели дека е презадоволна од тоа што имала можност да работи во голема и развиена компанија со одлични ментори. „Ова за мене беше многу големо искуство и навистина сум благодарна што имав можност да бидам дел од овој проект. На секој што ќе му се пружи ваква шанса му препорачувам да ја искористи, бидејќи тоа е една животна лекција и големо искуство во понатамошниот живот.

На Климентина најголем впечаток ѝ оставил начинот на организација на работата, брзината и прецизноста со која се извршуваат задачите. „За двете недели пракса научив колку е важно одговорно да се работи, затоа што секоја работа е важна и е дел од една целина. А во целината придонесуваат сите и сите се дел од успехот или неуспехот на финалниот производ. Додека престојувавме во Болоња бевме на еднодневни екскурзии во Фиренца и Венеција, преку кои научивме многу повеќе за италијанската култура и традиција“, вели Климентина.

Димитар Арсов заедно со Наталија Крстевска работеа во компанијата „Шустер-Флористенбедарф“ во Лајпциг, Германија. „Јас имав задача да ги обновам сите производи на вебстраницата на компанијата. Првиот ден менторот ми покажа каде и како можам да ги пронајдам производите во магацинот, потоа како да ги фотографирам и на крајот како да ги обработам во фотошоп и да ги поставам на вебсајтот, односно во нивната онлајн продавница. Во текот на оваа двонеделна пракса го усовршив германскиот јазик, научив нешто повеќе за Германија, за градот Лајпциг во кој престојувавме, но и за Дрезден и Берлин во кои бевме на еднодневна екскурзија“, раскажува Димитар.

Елеонора Димитрова, заедно со Димитри Ѓоргиев, двајцата ученици од САБА Штип, работеа во фармацевтска компанија во Монтихо, Португалија. „Во тие две недели научив многу за културата и животот надвор од нашата земја. Запознав многу нови луѓе, а со некои од нив изградив пријателства кои се надевам дека ќе траат уште долго. Исто така научив дека самостојноста и способноста за донесување брзи и објективни одлуки во некои моменти се од суштинско значење“, вели Елеонора.

И Теодор Костов беше дел од групата ученици кои беа во Португалија. Тој работеше во продавница за авто делови која е една од синџирот продавници на Норауто. „Таму бев задолжен за електронскиот дел од продавницата, како да ги привлечеме купувачите и да ги откриеме причините зошто потрошувачката на некои производи е многу мала. Голем впечаток ми остави организацијата на компанијата и атмосферата за работа. Искуството со кое се стекнав на оваа пракса е навистина огромно. Им препорачувам на сите што имаат ваква прилика да ја искористат, бидејќи препораките и знаењата што ќе ги добијат таму се од голема корист за понатамошното образование и работа. Голем впечаток ми остави и градот Лисабон кој го посетивме неколкупати за време на престојот во Португалија.

Елена Божиновска беше дел од групата ученици кои праксата ја извршуваа во Шпанија. „Овој двонеделен престој во Шпанија ми овозможи да научам многу за маркетингот и онлајн маркетингот. Професионалците што ги запознав во компаниите во Барселона, со своите приказни за тоа како станале успешни, ме поттикнаа и јас да отворам свој бизнис во иднина. Катедралата Саграда Фамилија, аквариумот, фудбалскиот натпревар што го гледавме на стадионот Камп Ноу засекогаш ќе ми останат во сеќавање.

Проектот на Еразмус „Е(вропски) бизнис“ е поддржан од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и од Европската комисија.