Search for content, post, videos

„Лица” прва самостојна изложба на Воскресија Андреевска во Македонија

Од среда, 1ви ноември, љубителите на уметност ќе имаат можност да се запознаат со имагинарниот свет на младата уметница Воскресија Андреевска. На изложбата што ќе се одржи во Музејот на град Скопје ќе бидат претставени 80-тина слики и цртежи изработени во разни техники.

Циклусот насловен „Лица” е пред сѐ создаден од желбата на авторката да го сподели и овековечи креативниот порив инспириран од потребата да ги промени конвенционалните идеи и правила за тоа како се создава и пред сѐ како се восприема уметноста во нашата средина.

За своето творештво, Воскресија вели: „Се чувствувам како дете кое за прв пат фатило четка во раката и заборавило каде се границите на листот на којшто создав. Она што го создавам е одраз на моите емоции, импулсот што ме води, мисли кои сакам да ги овековечам. Кога творам, ги откривам скриените делови на мојот дух, се ослободувам и живеам во својата реалност…“

Ова е прво самостојно претставување на Андреевска во Македонија. Нејзината прва самостојна изложба се одржа во Лексингтон, Северна Каролина, САД (уште за време на студиите на ФЛУ Скопје), кадешто во рамките на нејзиниот престој во фондацијата АСОЛАРЕ (ASOLARE Fine Arts Foundation) самостојно изработи и мурал од 8 м2 во градскиот колеџ  (https://www.davidsonccc.edu/news/young-macedonian-artist-brings-new-look-dccc-building-mural).

Освен со сликаство, Воскресија се занимава и со графички дизајн и до сега, има добиено неколку признанија од оваа област.

Изложбата ќе биде отворена до 14ти ноември.