Search for content, post, videos

НАЈВАЖНОТО ПРАВИЛО ЗА СРЕЌА: НЕМА ПРАВИЛА

 

Си се заљубила во него премногу, а тој бидејќи го знае тоа, го користи за да те повреди. Го толерираш, ги трпиш неговите навреди, ја играш таа игра по негови правилаи до кога така?

Ти ги живееш најубавите денови од животот и не смееш да дозволиш некој да си поигрува со тебе. Зарем е единствено момче па се плашиш дека ќе го изгубиш? Како би издржала без него? Многу лесно! Најпрво – не очајувај. ТОЈ само те вплеткал во својата стапица и сака да те направи свој плен. Сѐ што треба да направиш е да се опуштиш и да разбереш дека никој не е поважен од тебе и секој заслужува да ужива подеднакво во врската. Љубовта не прави поделби на момчиња и девојчиња и секој има свое место во врската, која треба да биде уживање, а не измачување. Понекогаш, девојките, поради некое неодамнешно разочарување во љубовта, се плашат да се опуштат и им дозволуваат на момчињата да раководат со нивните чувства, без јасно да ги кажат своите желби и соништа. Но, ти не смееш да бидеш една од тие девојки. Бидејќи, животот е за уживање!!!

Кога некои нешта не одат како што треба, или треба да ги промениме, или да ги прифатиме како такви и да живееме со нив. Но, кога се работи за љубовта, секогаш мора да знаеш дека таа е најволшебното нешто, највозвишеното, најчистото нешто и најскокотливото нешто што го чувствуваш и што се случува и затоа покрај неа нема место за измачување. Сите дилеми мора да се решат за да биде љубовта целосно уживање.

ПРАВИЛО БРОЈ 1

НИКОГАШ НЕ МЕНУВАЈ СЕ ЗА НИКОГО

Тоа значи дека мора да останеш таква каква што си без оглед дали момчето сака да се однесуваш како во некоја негова замисла. Ако те сака, ќе те прифати како таква и ќе ужива со тебе. Најдобар предуслов за секоја успешна врска е да бидеш природна и да не глумиш “лудило” пред него. Секоја глума изгледа многу смешно, како искривување на оригиналот. Момчињата сакаат природни девојки. Докажи дека и ти си една од оние девојчиња кои без оглед на околностите остануваат свои.

ПРАВИЛО БРОЈ 2

БИДИ ПОСЕБНА, СВОЈА И ОРИГИНАЛНА

 Држи се до своите желби и ставови. Изненадувај го, смислува свои и оригинални нешта, покажи му колку ти се допаѓа, но не и дека те поседува за да си игра со тебе. Биди силна девојка која знае што сака и која знае да им удри „корпа“ на момчињата што не ја почитуваат. Момчињата не ги сакаат девојките што им се лесно достижни и кои немаат свое мислење. Повеќе ги привлекуваат девојките кои се свои и кои знаат да кажат што сакаат и не се плашат да го кажат тоа на глас. Сепак, ти си му девојка, а не предмет што го поседува.

ПРАВИЛО БРОЈ  3

НЕ ПЛАШИ СЕ ДА ГО КАЖЕШ СВОЕТО МИСЛЕЊЕ

Ако на секое негово прашање климаш со главата и воопшто немаш свое мислење за ништо, за многу кусо време ќе му станеш здодевна и вашата врска ќе стане монотона. Зошто мислиш дека така повеќе ќе те засака? Зарем мислиш дека ќе го изгубиш ако го кажеш своето мислење? Зошто едноставно не се опуштиш и не уживаш во врската? Па, ти не си роб во врската, туку исто како и него во врската влезе бидејќи меѓу вас постоела хемија и се родила љубов. Ако нешто не ти се допаѓа, тоа кажи го јасно и држи се до својот став. Никој не смее да те присилува на ништо што не сакаш, бидејќи тоа не е љубов. Ако те сака, мора да научи и да те почитува, а тоа значи  да те прифати и тебе и твоето мислење и да ужива во она што му се случува додека е со тебе.

ПРАВИЛО БРОЈ  4

ОНА ШТО НЕ ТЕ УБИВА ЌЕ ТЕ НАПРАВИ ПОСИЛНА

 Не очајувај ако нештата не одат како што мислиш дека треба да одат. Како што постои почеток, мора да постои и крај. Ако врската не оди, подобро е на време да ја завршиш, отколку да се измачуваш во неа. Додека се обидуваш да ги поправаш работите само ти, а тој си ужива и не се труди да ја спаси врската, не очекувај дека ќе се поправи. И не мисли дека е крај на светот ако не си веќе со него. Ти си девојка која го заслужува најдоброто и сигурно ќе дојде и тоа. Подобро е да бидеш сама отколку со некој кој воопшто не знае да те почитува и си поигрува со твоите чувства. И запомни, има толку многу момчиња што чекаат на твојата љубов, а ти залудно си го трошиш времето, попусто обидувајќи се да го промениш момчето. Она што треба и мора да го направиш е целосно да се повлечеш од врската, да се посветиш на себе и на луѓето што те сакаат и да ги прошируваш своите квалитети. Секое лошо искуство е за нешто добро и сигурно ќе биде така. Кој знае, можеби и тој кога ќе сфати дека те изгубил целосно, ќе се промени и ќе сака да те врати, но најважно е само да го следиш срцето и никогаш да не дозволиш да бидеш она што не си.

ПРАВИЛО БРОЈ  5

БИДИ СВОЈА

 И остани таква. Љубовта е единственото нешто што е создадено за уживање, а не за измачување. Можеби сега ти изгледа како ништо да не е онака како што треба, можеби си во вителот на тагата и се обидуваш да го преболиш, можеби веќе си го преболела… сеедно, продолжи само напред. Понатака во животот ќе се соочиш со уште поголеми проблеми и ќе сфатиш дека овие биле слатки маки што морале да поминат во твојот живот како искушенија и темни облаци. Ти остани силна и не ѝ попуштај на тагата да те победи. Излегувај со другарките, дружи се со сите, смеј се, едноставно, живеј го животот и уживај во него. Ќе се изненадиш колку брзо ќе ти помине мислата за него и ќе најдеш момче кое навистина ќе те заслужува и нема да те измачува, туку ќе те прифати таква каква што си и ќе те сака безрезервно бидејќи навистина заслужуваш.

Живеј го својот сон и своите желби и уживај во она што ни се нуди со секој нов ден. Не заборавај, ти никогаш нема да бидеш сама. Искористи ги овие весели и убави денови најдобро што можеш. И најважно од сѐ, знај дека најдобро правило за среќна врска е твоето правило, а тоа е – ВО ЖИВОТОТ НЕМА ПРАВИЛА.