Search for content, post, videos

Како размислувам јас, а како размислува тој

ЗА ЉУБОВТА

ТАА… Колку ме нервира кога мисли дека е единствен на светот, иако го сакам, но може ли малку да се спушти на земја и да размислува пореално? Кога е со мене, го гледам како се врти по сите девојки што минуваат крај нас, а мене ме држи за рака. И што љубов е таа кога повеќе време поминува со дугарите на фудбал и во кафулето, а јас одвај чекам да го видам? Ми недостига неговиот мирис, неговата насмевка, нештата по кои се издвојува од сите момчиња на светот. Порано беше повнимателен, ме чекаше после часовите па одевме на сендвичи или на палачинки. И не се случуваше да си легне без да ми се јави или да ми пише. Откако му кажав дека го сакам, престана да биде толку внимателен. Не знам зошто се такви сите момиња? Еве, седам до него во кафулево, а тој се однесува како воопшто да ме нема. Порано знаеше да ме прегрнува, да ми се насмевнува и да ми каже колку убаво изгледам, а сега се загледал во мобилниот, се врти наоколу, се смешка иронично и одвај чека да си заминеме. Не знам до кога ќе го поднесувам ова, но како дека го насетувам крајот…

ТОЈ… Колку ја сакам оваа девојка, ама навистина не оди вака повеќе. Не можам да ја разберам. Толку е ладна кон мене што повеќе ја интересираат другарките отколку јас. Намерно се однесувам онака како што ја нервира за да  текне дека има дечко на кој му недостига нејзиното внимание. Колку беше нежна на почетокот. Постојано се смеевме, одевме во кино, на театар, возевме ролери, се тркавме со велосипеди, се мававме со снежни топки, едноставно, времето ни поминуваше за миг. Откако се увери во мојата љубов, стана рамнодушна, па дури почна и да си поигрува со моите чувства. Не оди тоа така. Јас знам дека таа не е девојка што ќе се покори, но и нам момчињата ни треба љубов и внимание. Еве ја сега „дреме“ до мене во кафичов и веќе половина час разговара со другарка ѝ на мобилен. Е поради тоа сега и јас ја ставив на игнор па да видиме кој ќе попушти прв. Многу ја сакам и ми недостигаат нејзините прегратки, ама не може само еден да ја влече врската…

 

ЗА ДРУЖБАТА

ТАА… Секогаш кога ќе излезам со другарките, мора да го крене носот за глупости и да се налути зошто сум облекла толку кусо здолниште па сите гледале во мене. Аман веќе со неговите коментари. Ме убива со неговите прашања. Потоа ме бомбардира со смс-пораки колку да ми ја расипе вечерта и постојано го прави тоа кога излегувам со другарките. Понекогаш за инает се дотерувам толку многу за да слушам безброј пати да ми кажува дека сум убава. Понекогаш ми оди на нерви кога ми коментира за моите другарки, сè нешто него не му одговара. Тој постојано сака да ја води врската и да биде по негово. Понекогаш се чувствувам толку празно што посакувам никогаш да не се заљубев во него. Повеќе сакам да сум приклештена за неговата прегратка отколку да дремам без него по шанковите, но понекогаш сакам да го правам и љубоморен за да видам дали сум му потребна…

ТОЈ… Колку и да се обидувам да ја сменам, секојпат е сè побезуспешно. Кога ќе излезам со другарите на пиво или да гледаме некој натпревар, само мојот мобилен ѕвони како луд. Кога ќе излезам да играм кошарка, таа не престанува да ме тормози со прашањата дали ја сакам или не. А кога ќе излеземе заедно со целото друштво, таа мора на сите мои другари да им наоѓа мани, превртува очите и апсолутно никој не ѝ одговара. А да не зборуваме за нивните девојки! Ниту една не чини само таа е најдобра! А љубоморна е за секој збор што ќе го кажам. А не дај Боже да излезам сам со другарите во диско и да ѝ кажам дека ќе се видиме утре. Е тогаш веќе ми нема спас. За да си поминам убаво морам или да го оставам мобилниот дома или воопшто да не го погледнувам во него зашто ќе видам 100 пропуштени повици и 50 смс-пораки. Љубоморна е на секој мој чекор и сето тоа ме задушува. Зар мисли дека ако излезам сам или искористам дел од времето само за себе, дека не ја сакам? Многу ја сакам, ама кога е таква едноставно помислувам дека нашата врска не може да опстои…

 

ЗА РАСКИНУВАЊЕТО…

ТАА… Не можам ни да замислам да го изгубам, едноставно, тој најдобро знае како да ме направи среќна. Најубавите зборови сум ги слушнала од него, кога сум настината секогаш доаѓа да ме посети и заедно да пиеме чај, кога сум тажна заради оценките знае како да ме насмее. Го обожавам, етој е најубавото машко што сум го сртенала. Што би правела јас без него? Кому инаку би му ги кажувала своите мали слатки маки, кој ќе ми помага да учам, со кого ќе дремам со часови на фејзбук убедувајќи се кој кого повеќе сака?! Не сакам ни да помислам да раскинам со него и не ни помислувам на крај. Знам дека понекогаш се однесувам како мало разгалено дете, но ќе внимавам повеќе за да го задржам. Можеби би нашла и подобар, но не сакам да го барам. Зашто секојпат кога ќе го видам срцето силно ми бие, и тогаш навистина знам што ми е!

ТОЈ… Понекогаш сум ѝ лут, и бесен, и исчезнувам на два- три дена, ама да ја изгубам засекогаш, тоа не можам да го замислам. Тешко ми е од самата помисла да биде со некој друг. Можеби е малку напорна, ама од сите девојки досега таа најмногу ме сакаше. Таа е едноставна, се радува на ситници, и многу убаво се смее секогаш кога ќе ме види. Кога не сме заедно, ми недостасува. И кога сум со другарите помислувам на неа и посакувам да ја видам барем на кратко. И колку и да ме нервира, и кога ми е лута, ми недостига да ми пишува смс и да ми титка по илјада пати. Важна ми е и сакам да бидеме заедно. Не сакам ни да помислам да ја изгубам. Можеби би нашол и подобра, ама штом секојпат срцето силно ми бие кога ѕвони мобилниот, знам дека тоа вистинска љубов е!

 

Автор: Надица Пушкоска