Search for content, post, videos

Започнува уште една авантура…

Наближува крајот на сите училишни лудории, но и на училишните маки. За некои училиштето е место што нè подготвува за поголеми предизвици и место за дружење и забава, а за некои само големо мачилиште. Но, како и да го чувствуваш, дојде време да се подготвиш за големиот ден за секој средношколец, крајот на учебната година, да ги исполниш своите желби и да се подготвиш за една гоооолема забава ова лето…

СКРОМНА, НО АВТЕНТИЧНА ГАРДЕРОБА
Девојките обично повеќето забави си ги замислуваат како ноќ на доделување Оскари и се обидуваат да внесат што повеќе гламур во нив. Но грешката е токму тука. Сакајќи да изгледаат префинето, тие изгледаат премногу кич и пренасилено. Затоа, пред да одлучиш што ќе облечеш за омилената забава, помисли дека тоа е само една вечер за добра забава со своите врсници. Не ти се потребни балски фустани за да изгледаш како дама. Ниту пренатрупани модели со камења, циркони, тантела за да бидеш заводлива. Доволно е да облечеш гардероба која прилега на твојата возраст, да бидеш природна, а сепак совршена. Повеќето девојки грешат сакајќи што побрзо да пораснат и тоа го искажуваат и преку гардеробата, а потоа сфаќаат дека најубавиот период од животот е токму тој. И место да одберат автентична гардероба која прилега на нивниот стил и возраст, тие одбираат гардероба што повеќе би прилегала на нивните мајки или на актерките од некое холивудско случување. Другата грешка која најчесто се случува, што се однесува до гардеробата, е акцентирањето на тоа колку е скапа и дали е брендирана облеката. На некој начин, вечерните забави станаа натпревар во кој е најважно кој како е облечен и чиј автомобил е поубав. Патетично. Тоа воопшто не ти прилега, ниту на годините, ниту на личноста. Она што е најважно при изборот на облеката е добро да му прилега на твоето тело, да биде „вкусно за очи“, сепак, ти си само тинејџерка. Задолжително да биде во твојата омилена боја бидејќи ова е твоја вечер и дефинитивно, најважното нешто – да се чувствуваш прекрасно во тоа што ќе го облечеш. Значи дека треба да се чувствуваш слободно кога се движиш, слободно да танцуваш без да се плашиш дека нешто ќе се открие или постојано да се „поднаместуваш“ и одвај да чекаш да си заминеш дома бидејќи се чувствуваш непријатно. Не сфаќај ја оваа вечер како натпревар, туку како една голема забава.

ВИСТИНСКИ ИЗБОР НА ОБУВКИ
Високите потпетици совршено прилегаат за една ваква пригода. Не е исклучено и тоа дека ниските чевли можат да бидат добро комбинирани, но високите потпетици се дефинитивно вистински погодок за добри забави. При изборот на обувки, решавачкиот дел го има гардеробата бидејќи треба да бидат во добра комбинација со неа, како по боја така и по дезен. Не одбирај чевли во иста боја со гардеробата – ќе изгледаш премногу униформирано, ниту во иста боја, а различна нијанса. Одбери чевли во боја што супер се комбинира со бојата на гардеробата или сосем контрастни – за да изгледаш модерно и разиграно, во зависност од облеката што ја носиш.. Но сепак, најважното нешто при изборот на обувки е удобноста. Доколку не се чувствуваш пријатно, не можеш слободно да се движиш, а уште помалку да играш во нив, тогаш изгледот воопшто не е важен – немој ни да помислиш да ги купуваш. Удобноста и комоцијата на гардеробата и обувките се најважни. Сè друго е споредно. Бидејќи, доколку не се чувствуваш пријатно во она што го носиш, залуден е целиот труд да изгледаш прекрасно.

НЕЖНА ШМИНКА ЗА УБАВА ТИНКА
Она што на прв поглед се забележува е твоето убаво лице. Понекогаш и недостатоците знаат да бидат убави, ако знаеш како гордо да ги „носиш“. Научи како правилно да ја истакнеш убавината, а не да ја сокриваш со јака шминка. Имај предвид дека пренатрупаната шминка ќе те доведе до непрепознатливост, ќе изгледаш многу повозрасно, едноставно умешно ќе ги сокрие твоите млади црти на убавината. Стилистите најдобро знаат што е ин оваа сезона и без проблем ќе направат од тебе прекрасна девојка. Но, дали тоа ќе ти прилега и дали така најдобро ќе се чувствуваш? Доколку си љубител на јаки тонови, можеш да направиш добра комбинација. Со јаки бои на кармин да ги истакнеш усните, додека очите можеш да ги истакнеш само со надградба на нежни, свиленкасти трепки, или едноставно со повеќе слоја маскара, без посебно пренагласување со сенка. Лицето не задушувај го со тешка пудра, туку со лесна крем пудра која само ќе му даде сјај. И не е потребно ништо друго освен една широка и искрена насмевка – таа е најубавата шминка на секое лице.

АКСЕСОАРИ ЗА СОВРШЕНА КОМБИНАЦИЈА
Во „обичните“ денови дозволено е скоро сè од широката палета аксесоари, зависно од желбата, но за вакви ноќни забави мора да се одбере вистинската комбинација. И самата веќе знаеш дека деталите ја креираат и ја финишираат крајната слика. Затоа, одбирај внимателно. Чантата, нормално, треба да биде мала и компактна, а материјалот и бојата совршено да се вклопуваат со гардеробата и потпетиците. Треба да биде доволна да ги собере сите нешта што ти се потребни за таа вечер. Што се однесува до накитот, повторно имај го на ум златното правило – повеќе не значи и поубаво. Научи како да изгледаш уникатно, совршено, а сепак едноставно и прекрасно. Она што е пренатрупано, веднаш станува кич, а кичот воопшто не е привлечен. Доколку се одлучиш за големи обетки, тогаш синџирче на вратот не ти е потребно. Ако се одлучиш за некоја нежна комбинација, тогаш можеш да си дозволиш малку повеќе. Сепак, најдобро е акцентот да се стави на нешто посебно, без да обидуваш од себе да направиш кловн.

 

САМОДОВЕРБА ЗА БЕСПРЕКОРНА УБАВИНА
И ништо од сето ова погоре не е толку важно како самодовербата. Од неа произлегува насмевката, доброто расположение, од неа произлегува начинот на кој ја носиш гардеробата, начинот на кој се движиш, начинот на кој изгледаш. Самодовербата е најверната придружничка на убавината. Бидејќи таа е најмодерната и најубавата облека што еден човек може да ја облече. Биди насмеана, позитивна, весела и секој ден ќе ти биде волшебен. Не ти треба посебна причина за радост, доволно е да бидеш задоволна со она што го поседуваш.

 

Фото: Јован Јон
Модел: Августина Гулевска
Фризура: Студио Авангард
Шмика: Ирена Сенокозлиоска