Search for content, post, videos

 Ќелавите – па?

Верувале или не, но жените не обрнуваат внимание на ќелавоста. Ако ги воодушевите со индивидуалните, карактерни особини, нема ни да ја забележат. Паѓањето на косата е нормална појава со годините. Освен генетички, постојат и други причини. Важно е да не ја загубите самодовербата, да не драматизирате многу, затоа што не ви треба дополнителен стрес.

Факт е дека ќелавењето може да биде непријатно, да предизвика фрустрација, особено ако се земе предвид дека со паѓањето на косата напред, правејќи залистоци, или на темето, се соочуваат и тинејџери, околу осумнаесеттата година, но во помал број. Инаку ќелавењето почнува во доцните дваесетти или во раните триесетти, кога се возраста и годините во прашање. Најпрвин косата се проретчува, а потоа целосно опаѓа, при што кожата на главата се гледа сè повеќе. Некои мажи не ѝ придаваат особено значење на ќелавоста, за разлика од другите, кои реагираат емотивно, па дури се соочуваат и со депресија. Им се разнишува самодовербата, што причинува дополнителен стрес, кој во сегашно време е ризичен. Тоа се одразува на здравствената состојба (во лоша смисла), а воедно го засилува и косопадот. Притоа, работата се врти во маѓепсан круг, без можност да се излезе од него. Затоа настојувајте да останете присебни, да владеете со себе. Нема потреба од нервоза. Освен пресадување постојат и разни третмани, кои можеби нема да ви ја вратат загубената коса, но затоа, пак, ќе го намалат или ќе го спречат опаѓањето, а и берберите се толку испраксирани што знаат како да го замаскираат недостатокот.

Паѓањето на косата е наследно, поврзано со гените. Може да го зафати предниот дел од главата, средината и или страните (залистоците) или темето. Главната причина се знае – претераното лачење на дихидротестостеронот што влијае на фоликулите на косата да создаваат сè потенки влакна за на крајот, по извесно време, сосем да престанат да ги создаваат. Како причинители се јавуваат и недостигот од железо (анемија), и недоволната активност на тироидата (штитната жлезда), и габичната инфекција на кожата на главата, и користењето одредени лекови, и стресот. Кога ќе се отстранат реверзибилните причини, ќе исчезнат и последиците, што значи дека паѓањето на косата запира. На пример, доколку се дијагностицира анемија, постои можност да се поправат недостатоците со внесување железо во исхраната. Се применуваат и различни третмани за да го забават паѓањето, дури и да го спречат. Едни се успешни, други не. Косата може да паѓа периодично, со помал или со поголем интензитет. Во поретки случаи и престанува. Одете на лекар штом ќе забележите дека ќелавеењето е проследено со замор и кога не е типично машко, однапред и на горниот дел, туку се формираат „печати“. Во спротивен случај прифатете ја реалноста.

И трансплантацијата е решение, а берберите можат да ве потстрижат така што ќе го замаскирате ќелавиот дел. Третманите со растителни екстракти што содржат витамин Е, железо, магнезиум, цинк и сл. можат да помогнат или, подобро кажано, не одмагаат. Лосионот на база на моноксидил се трие на главата. Ова е стручниот назив на препаратот, а во аптеките се продава под друго име, во зависност од производителот. Велат дека е доста ефикасен, исто како финастеридот што важи за последен збор на медицината. Лекот се зема орално, како таблета. Го забавува опаѓањето на косата. Затоа се препорачува да го користите веднаш кога ќе забележите дека косата ви се ретчи. Како било, ќелавоста не е толку страшна колку што некои мажи  сметаат дека е. Ним им треба време да го сфатат тоа, ништо повеќе.

 

Игор Ландсберг