Search for content, post, videos

2017 Ferrari GTC4Lusso – наследникот на FF

 

Неговото промовирање на минатогодишниот саем во Женева го привлече вниманието на присутните и, воопшто, на целокупната јавност, која не можеше да им одолее на внатрешноста, изгледот (надворешен), перформансите, на различноста. Италијанската компанија што важи за синоним на луксузот, кога е спортскиот автомобил во прашање, на GTC4Lusso му предвидува зголемена побарувачка во текот на 2017 година. Оттаму и „предзнакот“.

 

Кога ќе се спомене Ferrari, асоцира на спортски автомобил, брз, двосед. GTC4Lusso е поинаков, различен од досегашните, за кој велат дека годинава ќе доживее одличен успех, надминувајќи ја и побарувачката на моделот FF што дигна прашина со неговата промоција во 2011 година. Интересот беше голем. Наместо предвидените 800, во 2012 година се продадоа два-трипати повеќе. Досега бројот се искачи на 6.000. Ferrari GTC4Lusso е, всушност, наследник на FF. Првичното конструкциско решение произлезе од желбите на купувачите, нивните совети за цената, управувањето, практичноста, за моторната сила, но… Инженерите во компанијата не сакаа да прават отстапки, ниту да постигнат компромис. Се стремеа кон исти цели, како секогаш, не сакајќи да ја жртвуваат препознатливоста, која датира од 1939 година.

Кога е дизајнот во прашање, GTC4Lusso потсетува на моделите што ги одбележаа шеесеттите години на минатиот век, кои можеа да се видат само во печатени каталози на Ferrari, претпоставувајќи што се крие во каросеријата, т.е. под неа. Формата на моторот V12 е речиси непроменета, како и литражата (6,3) и неговата поставеност (аголот изнесува 65 степени). Сепак, техничките промени овозможуваат поефикасно согорување и дополнителни 30 коњски сили. Максималниот број вртежи е 8.250, иако силата на моторот е најголема кога има 8.000 вртежи во минута. Нема промена во брзината (250 километри на час), а 680-те коњи го намалуваат потребното време да се достигне брзина од 60 километри на час, кое изнесува 3 секунди. Ист е и менувачот, седмостепен модел со двоен куплунг, додека новина е вградениот систем ZF на задно управување. И системот на регулација на задната оска, со помош на системот на електронскиот заден диференцијал, каков што има формула 1, и електронската стабилност и четвртата генерација контрола на лизгање се исто така карактеристични за наследникот на FF, кој се движи со голема сигурност. Инженерите тврдат дека стабилноста и управувањето се подобрени за пет отсто.

Внатрешноста е обложена со мека кожа, поточно поголемиот дел од нејзината површина и удобните седишта. Зафатнината на багажникот изнесува 365 литри, а постои можност да се зголеми и на 790 литри доколку се спуштат задните седишта. Поради обликот на предните седишта, патниците што седат одзади можат да се чувствуваат комотно бидејќи имаат доволно простор за нозете, т.е. колената.