Search for content, post, videos

МАЖИ НА ДИЕТА…

ЧОВЕК МОЖЕ ДА СЕ ИЗНАЧУДИ НА ТОА ШТО СЕ СЛУЧУВА, А СЕПАК СЕ СЛУЧУВА НАСЕКАДЕ ОКОЛУ НАС. И БЕЗ ДА ПОМИСЛИМЕ И ЗАМИСЛИМЕ, СЕ СЛУЧУВА СЕ ПОЧЕСТО – ДА, МАЖИ НА ДИЕТА! МОИ ДРУГАРИ, НА ЕДНА ПРИЈАТЕЛКА МОМЧЕТО, ПА НЕ ЗНАМ, НЕКОИ СЛАВНИ ФАЦИ- ДУРИ И ВО ФИЛМОВИТЕ СЕ ПОВЕЌЕ МАЖИ КАЖУВААТ ДЕКА СЕ НА ДИЕТА, КАКО ДА СЕ УРИВА НЕКОЕ ТАБУ ЗА МАЖИТЕ НА ДИЕТА. .

Не само жените, сега можат и мажите. Еднакви права за сите народи и народности, за сите
полови, за сите луѓе на земјата и пошироко… Излезени сме во бар, машко друштво… Муабетот
беше да се видиме, да бркаме жени, да се зафркаваме, да имаме добра ноќ со изненадувања,
со се што е потребно за добра машка вечер со другарите, нели?! Порачувам виски, едниот другар порачува пиво, а другиот другар порачува, е сега ќе ве замолам не се вознемирувате кога ќе ви кажам дека нарачува, кисела вода и тоа со лимон. Го прашувам дали е на антибиотици кои се многу јаки, затоа што тоа е единственото оправдување што може да му го прифатам, ама не, тој не е болен… Здрав и жив и стои пред мене со насмеана фаца и наеднаш станува мртов сериозен и ми кажува дека е на диета. Се смеам толку многу што ми се чини дека ќе паднам од столчето, се вцрвенувам од смеење. Мислам дека се зафркава со мене, дека не е можно да е вистина тоа што го кажува. И понатаму си мислам дека е шега, во негов стил и дека најверојатно после киселата со лимон ќе порача шише коњак. Не мора да е литро, ама 0.75 може. Само, тој не се шегува туку навистина го мисли тоа што го зборува. Мртов сериозен е. Никогаш не сум го видел толку сериозен во животот, освен еднаш кога реши дека нема да се зафркава веќе со врски за една ноќ и дека ќе има врска која ќе има иднина. Тогаш си фати девојка и еве, веќе две години е со неа. А сега е на диета. Следно што ќе ми каже е дека ќе почне да живее заедно со неа и дека таа ќе го контролира неговиот начин а живот – што ќе јаде, каде ќе оди и со кого и што ќе прави во слободно време кога не е на работа, ќе се грижи дали се храни доволно здраво, да не се поправил некое килце. Мојот другар или е папучар, станува тоа или сака да стане тоа. А можеби едноставно пораснал, а ние, останатите во друштвото, уште сме млади… Или не знам, можеби некој камен го удрил по глава, можеби го удрил автомобил или има температура…
Се плашам дека навистина не можам да одредам што точно се случува со мојот другар и дали е тоа навистина така или само си замислувам и халуцинирам. Можеби е до мене, можеби јас не сум созреан, можеби треба да го сфатам животот посериозно. Ама, кого лажам јас со ова?! Мислам, можни се промени, но не во така брз период и без добро да се размисли што се губи, а што се добива.
Го гледам под око другар ми Марко и си велам: “Можно ли е или ова е многу сериозен мајтап?!” И не ми се верува и не ми се верува. Што е најчудно – не е единствен. Ќе рече човек, ајде го фатиле бубачките, ќе му помине. Ама трагичниот дел од цела приказна е што еве, и колегите од работа, не еден, туку двајца, се на диета. Нешто стомак вишок имале, па ајде ќе симнуваме килограми, ќе трчаме по кеј. Ги гледам и се смеам. Јас мислам се шегуваат, а тие стануваат порано два часа за да трчаат по кеј. И по се ова сфаќам дека има некја конспирација тука. Дали навистина девојките имаат толку големо влијание или можеби само се развива некоја поинаква машка свест за изгледот? Секако дека сакам добро да изгледам. А, и добро изгледам, тука нема кој што да ми префрли – немам стомак, немам салце, имам мускули, но не премногу нападни… Еве ме и мене, како жена пред огледало си барам мани. Јас можеби се гледам во огледало, ама другар ми е тој што брои калории, не јаде скара, се откажува од алкохол, трча на ладно време и не се жали,
туку напротив се гордее со тоа.
Па, како да одиме во кафана? Ќе ми биде срам и незгодно да нарачам прасечко, скара и добро вино или домашно ракииче, а тој да седи на маса со кисела вода и уште да му течат лиги. Се откажува од задоволствата во животот и наместо да се соочи со проблемот како маж, тој се соочува со проблемот – како жена. Ако си маж не броиш калории и не пиеш кисела водичка со лимон… ако си маж одиш со другарите по теретани, кревате тегови, трчате ако треба, пешачите по планини, се рекреирате со фудбал и кошарка, но никако во никој случај не броите калории и во кафана не порачувате лимонада. Тоа е апсолутно понижувачки и не е машки.
Не можам да поверувам дека ова му се случува на машкиот род и се шири како епидемија насекаде, се прелева од друштво на друштво, од град во град. Расте, се равива како некој вирус. Се плашам дека наскоро сите ќе потпаднеме под женските диети. Жените се откажуваат од диетите, бегаат од нив, кажуваат дека се нездрави, дека ретко која диета е добро избалансирана за да може да му пружи сé што му е потребно на организмот, а ние мажите прифаќаме диети. Зошто? Што ни се случува? И каде оди светот? Диета како начин на исхрана, тоа да, ама кога одам да кревам тегови и кога ќе ми кажат да јадам одредена храна за да нафрлам маса, да ми се развијат мускулите, да имам повеќе енергија за вежбање. Но диета како начин на откажување од добрите работи во животот – никогаш!!! Е тоа не можев да го поднесам ни кај жените, а сега кај мажите уште помалку. Готово е. Пропаст на светот. Пропаст на машкоста. Пропаст на животот каков што го познаваме и сакаме. Нема веќе слобода. Се ограничуваме со секој чекор.
Мажи, другари, ќе ве молам да бидеме мажи. Ќе ни избегаат жените. Ќе не остават за мажевни жени на крај. Што ли се случува? Да не треба и јас да сум на диета? Не, не, не верувам…
А може ме фаќа ПМС? Всушност тоа само жените го имаат, нели? Или можеби сега и ние мажите ќе го присвоиме?
Помооооооош!!!!!!

Др. Нарцис