Search for content, post, videos

Нега на машката кожа: што му е потребно на вашето лице?

Наспроти закоравените, изветвени и погрешни сфаќања за негата на мажите кога е лицето во прашање, но и другите делови од телото, никогаш не заборавајте дека хигиената е услов за добро здравје. Затоа, не осврнувајте се на мачо-ставот дека тоа е женска работа, туку уживајте во секојдневното внимание што ќе ѝ го посветите на кожата.

Факт е дека лицето на мажот, поточно неговата кожа е поиздржлива од женската. Освен што е подебела, околу дваесет проценти, подлабокиот слој е побогат со колагенски влакна и еластин, кои ја прават поцврста и поеластична. И покрај тоа што е поотпорна, не може да им се спротивстави на надворешните влијанија. Исто како женската, и машката кожа е подложна на иритации, сушење, а секако со текот на времето и на брчки. Алкохолот, бричењето, загадениот воздух, изложувањето на сонце, лошата исхрана, недостигот на сон, пушењето, стресот, уморот… едноставно ѝ влијаат. Иако машката кожа сепак не е толку чувствителна како женската, не значи дека треба  да се запостави. Мораме да ѝ обрнете внимание, ако не секој ден, барем еднаш неделно. Негата претворете ја во ритуал, а тој пак, нека ви мине во навика, исто како бодибилдингот, трчањето и сл.

        При бричење, честопати доаѓа до воспаленија, инфекции од сраснати влакна, исеченици, црвенило итн., што е донекаде вообичаено. Но за да ги избегнете таквите непријатности, внимавајте на хигиената на рацете и на лицето пред да почнете со бричење, внимавајте на хигиената на бричот, жилетите менувајте ги редовно, употребувајте антисептик. Откако ќе се избричите, намачкајте се со хранлив лосион без алкохол. Основната нега подразбира миење со вода и сапун, но дерматолозите советуваат да се избегнуваат евтините тоалетни сапуни. Користете или природен, органски сапун или гел за миење на лицето. По миењето, на лицето нанесете растителен тоник, за опуштање. Пилингот си ја игра улогата во отстранување на изумрените клетки од горниот слој на кожата. Препорачливо е да се применува еднаш до двапати во неделата. Доколку имате мрсна кожа, употребувајте гел за контрола на сјајот на лицето. Во спротивно, користете хидратантен крем за лице. Иако можеби ќе ве потсети на ритуалите што ги прави ваша придружничка, сепак не одбивајте да ставите и маска. За тоа може да ви помогне вашата нежна половина, но можете да се обидете и самиот. Многу е едноставно, особено ако ја подготвите дома самиот, а можете да одберете и готова маска. Но не заборавајте претходно внимателно да го исчистите лицето.

 

Маска од мед (не се препорачува за мажи што страдаат од алергија на јајца)

Потребни состојки:

1 голема лажица мед

1 жолчка

1 лажиче маслиново масло

Подготовка: изматете ја жолчката, па додајте го маслиновото масло и продолжете да матите. На крајот додајте го и медот и измешајте, додека не добиете изедначена смеса. Нанесете ја на целото лице, но не и на очите, и оставете ја да отстои петнаесетина минути. Потоа измијте го лицето со млака вода.

 

Маска од краставица (за мрсна кожа)

Потребни состојки:

1 краставица

половина лажиче лимонов сок

1 лажиче мелени лешници

1 белка

Подготовка: откако ќе ја излупите краставицата, изрендајте ја и процедете ја. Зачувајте ја само водата, а остатоците фрлете ги. Во таа вода додајте ги мелените лешници, лимоновиот сок и белката (претходно изматете ја пенесто) и мешајте. Откако ќе добиете компактна смеса, нанесете ја на лицето и оставете ја да дејствува дваесет и пет минути, а потоа измијте го лицето со млака вода.

 

Денес, кога стресот е составен дел на животот, исто како и загаденоста што секојдневно ја вдишуваме, тешко е кожата на лицето да ја одржиме во добра состојба. Сепак, има мажи што сè уште можат да се пофалат со здрав, убав тен. Освен што употребуваат соодветни козметички средства, тие се придржуваат и кон упатствата на дерматолозите кои советуваат…

Избегнувајте сончање – исончаниот изглед е сон на речиси секој човек. Сончањето ги истакнува контурите на лицето, мускулестото тело. Но за да ги избегнете сончевите дамки, брчките што ги предизвикува поради сушење на кожата, треба да избегнувате сонце.

Престанете да пушите – непушачите имаат изразено убав тен или, ако не друго, барем поубав од пушачите. Доколку пушите, рано ќе ви се појават брчки околу усните и очите, а веројатно постојано ќе ве „красат“ и големи, темни подочници.

Избегнувајте сапун – Тоалетниот сапун ја суши кожата. Затоа се препорачува да се избегнува неговото користење. Наместо тоа, употребувајте специјални производи, на пример гел за миење лице, кој во исто време ја чисти кожата длабински.

Внимавајте на храната – заборавете на брзата храна, грицките, слатките, газираните напитоци. Ако сакате да имате здрав, убав тен, внесувајте повеќе житарки, зеленчук, овошје, протеини.

Избегнувајте стрес – докажано е дека стресот е штетен за здравјето, а влијае и на кожата. Како резултат од стресот, се појавуваат акни. Затоа, погледнете малку попозитивно на работите околу вас, дома и на работа, и не нервирајте се за сè и сешто.