Search for content, post, videos

Облечете се по мера…

 

 

…Во таков случај изборот е непогрешен. Иако на пазарот се нуди сè и сешто, во ексклузивните продавници чијашто брендирана облека изгледа привлечно, некогаш е тешко да се најдат парчиња што ќе ви прилегаат токму вам, што ќе ви стојат добро. Одберете квалитетен штоф, модел на јакна, костум, палто (тренчкот) или панталони, а потоа одете на шнајдер. Нека биде најдобриот, за подоцна да не се каете.

Сè повеќе мажи се одлучуваат да шијат облека. Има и причина зошто. Како прво, не чини многу, а и веројатноста да го добиете тоа што ви се допаѓа, без да го барате во странство на пример, е поголема, дури и од наоѓањето модел што сте го виделе во некое списание. Најважни се квалитетот на материјалот од кој сакате да сошиете нови панталони, палто (тренчкот), костум или јакна, сеедно, и работата на шнајдерот, неговата мајсторија, вклучувајќи ја и професионалноста. Никогаш не купувајте евтини штофови, бидејќи не траат долго, брзо изветвуваат. Неретко цената зборува за карактеристичните својства на ткаенината што сте ја избрале. По правило, материјалите се купуваат во специјализрани продавници, а некои кројачи располагаат и со штофови чиј квалитет е висок, изгледаат убаво и, што е најважно, испробани се, во смисла на работа со нив, дали се ресат, туткаат, како се перат, пеглаат и сл. Тоа не значи дека не ја следите модата. Напротив, на побрз и на поедноставен начин се доближувате до светските трендови, кои во нашата земја доаѓаат со мало задоцнување, а често и му пркосите на времето. Едноставно одите пред него. Таква привилегија имаат малкумина, не сите. Бидете еден од нив, зошто да не.

Речиси не постои дизајнер, креатор, па дури и модна куќа што не прави облека по мера за своите клиенти, постојаните купувачи. На ревиите ги прикажуваат новите колекции, дел се пушта во продажба за масовна, широка потрошувачка, преостанатото се шие по мера. Италијанската модна куќа „Бриони“ е меѓу попознатите, која работи токму така, на принципот хајенд. Ги облекува ѕвездите од светот на музиката, филмот и сл.

И бизнисмените и политичарите ги ангажираат нејзините шнајдери за да изгледаат привлечно. Нема дилема, тоа што е направено според пропорциите на муштериите, и стари и нови, стои најдобро, идеално. Освен јакни, костуми, палта и панталони, во италијанската модна куќа се шијат и кошули, со иницијали на клиентите. Секако, не изостанува ни конфекцијата – блузи, елеци, поло маици, пуловери, како и чевли и аксесоари. Квалитетот не е прашање за дискусија. Сè е врвно за мажите чиј поглед на светот (животот) е судбински поврзан со естетиката, од раѓање. „Бриони“ функционира беспрекорно веќе седумдесет и две години, што како аманет на новите генерации им го оставија нејзините основачи Наѕарено Фонтиколи и Гаетано Савини. Креативен директор е Џанлука Флоре.

 

Игор Ландсберг