Search for content, post, videos

ВАЖНОСТА НА ЕМОЦИИТЕ

За да можете да ја разберете важноста на емоциите во вашиот живот,  доволно е да замислите како тој би изгледал кога би биле лишени од секакви чувства. Можеби полесен? или пак празен?

Често пати во животот ќе кажеме: “Полесно би ми било ако не се нервирам за тоа, но сепак не можам.” дали чувствата претставуваат привилегија или недостаток? вакви и слични прашања се дел од постојаните размислувања на човекот кога ќе се најде во одредена емоционално стресна ситуација.

КОЈА Е УЛОГАТА НА ЕМОЦИИТЕ? ЗА ШТО НИ СЛУЖАТ ЕМОЦИИТЕ?
Емоциите го даваат тонот на нашето искуство и виталноста на животот, како што е мотивацијата, т.е. тие се внатрешниот фактор кој го енергизира, го насочува и поткрепува однесувањето. Истражувањето на човечките емоции е оптоварено со многубројни предрасуди во врска со нив, кои се толку многу раширени и присутни меѓу нас, што слободно можеме да зборуваме за нив како за цивилизаторски митови. Класичен пример за тоа е добропознатиот расцеп помеѓу “интелектуалното” и “афективното”. Се уште постојат личности кои за себе размислуваат како за нешто што е поделено на два дела – на дел кој мисли и е рационален, и на оној друг дел кој чувствува и е ирационален. Од таквиот однос на современиот човек логично произлегува неговото уверување дека емоциите се опасни, дека не смее да им се потклекне и за нив не е препорачливо да се зборува пред другите. Вакво уверување е посебно присутно кај мажите, а тоа е поткрепено со изјавите дека луѓето трошат многу енергија примајќи ги работите емоционално, додека логичниот и рационален пристап би бил попродуктивен.
Современиот став е дека капацитетот на поседување емоции претставува богатство, еднакво како и поседувањето на сопствено мислење. Меѓутоа, се додека не сме во состојба да ги разбереме
сопствените емоции, не можеме да се разбереме ниту себе ниту другите. Неразбирањето на сопствената емоционалност нужно води до неразбирање на туѓата емоционалност, која прераснува во страв од емоциите кон најблиските.
КАКВА ПСИХОЛОШКА ПОСЛЕДИЦА ИМА НЕПРЕПОЗНАВАЊЕТО ИЛИ ПОТИСНУВАЊЕТО
НА СОПСТВЕНИТЕ ЕМОЦИИ?
Личноста која не е свесна за своите емоции најмногу потпаѓа под нивна власт. Непрепознаените, несвесни емоции се изразуваат низ однесувањето на личноста, но во тој случај таа не го препознава вистинскиот мотив на своите постапки и ги објаснува на свој прифатлив начин.
Според непишаното правило, емоцијата која не е доведена на свесно ниво (за која личноста не е свесна), воглавно е неприфатлива за самата личност. Затоа е од исклучителна важност за луѓето да научат да ги препознаваат своите емоции, да станат свесни за нивните емоционални реакции и да ја прифатат одговорноста за нив, да се преиспитаат и ако е потребно да се поправат.
Се разбира, ова не е едноставен процес, посебно за оние лица кои во својот живот не научиле како да ги препознаваат и да ги изразуваат емоциите.
ДАЛИ СЕ РАЃАМЕ СО ЕМОЦИИ?
Емоциите по својата природа не се телесни, туку психолошки феномен. Тоа значи дека за појава на едно одредено чувство е неопходно претходно постоење и зрелост на психичката структура на личноста. Емоционалниот развој на детето мораме да го набљудуваме заедно со емоционалното однесување внатре во семејството како и помеѓу семејството и надворешното окружување. Ако на родителите детето им е важно (како што е во повеќето семејства), тогаш ќе му бидат важни и детските чувстава. Ако на родителите му се важни детските чувства, тогаш тие ќе станат важни и за самото дете. Кога родителите ги почитуваат чувствата на своето дете, тогаш велиме дека детето добило дозвола да чувствува. Во тој случај, најверојатно дека емоционалниот развој на детето ќе се одвива нормално. Меѓутоа, ако родителите не обрнуваат внимание на чувствата на своето дете, ако одредени чувства не ги прифаќаат, детето ќе се одрекне од своите чувства и со текот на времето ќе израсне во ”силна”, ”рационална” личност која го прифатила ставот дека е чувствителноста е начин да се преживее.
За среќа, ретки се семејствата во кои на детето му се забранети сите чувства. Во повеќето наши семејства некои емоции се дозволуваат, а некои се забрануваат, и овие поткрепувања или казнувања најчесто имаат врска со полот на детето. Така, во нашата култура на момчињата им се дозволува да ја изразат својата лутина, а им се забранува да изразуваат страв и тага, додека
девојчињата се воспитуваат со потполно спротивна порака.
Човекот ги чувствува емоциите во оние ситуации кои ги перцепира како важни. Во таа смисла емоциите се оној внатрешен сигнал дека нешто за нас е важно. Истовремено ние праќаме порака и до другите луѓе дека таа случка за нас е важна. Кога некоја емоција е силна, тоа значи дека таа личност проценува дека се случува нешто многу важно за неа. Изразувањето на силната
емоција истовремено е и порака за другите: ”Мане ова ми е многу важно”. Ако сакаме да го намалиме интензитетот на некоја своја емоција, добро е да се запрашаме колку навистина ни е важно тоа поради кое сме се возбудиле. Во многу такви ситуации ќе сфатиме дека ситуацијата сме ја прецениле, што ќе доведе до намалување на интензитетот на емоцијата. Низ емоционалните одговори кои ги даваме, всушност се запознаваме себеси, но и другите.
Модерната психологија смета дека секоја образовна личност, освен што треба да знае зошто служат белите дробови, срцето, бубрезите… исто така треба да знае зошто служи љубовта, тагата, стравот, љубомората, задоволството. Тоа е емоционална писменост – да се разберат емоциите, а тоа знаење тогаш да го примениш на себе и на другите. Тогаш луѓето се во подобар контакт
со себе, а и со другите.
Дури и кога емоцијата е ирационална, емоционално писмената личност може да открие како си ја создава. Емоционалната писменост е истовремено претпоставка за она што денес се нарекува емоционална интелигенција.

Лидија Попчева- Психолог психотерапевт