Search for content, post, videos

Подарок од времето- КУТИЈА ЗА УБАВИ СПОМЕНИ

Беше утро.Прекрасно зимско утро. Затропа некој на дрвената врата. Тешко ги отворив очите, сонот се уште не беше заминат. Ја отворив вратата, а на прагот ме пречека кутија, со порака во неа: Ова е кутија за убави спомени. Колку повеќе ја полниш, толку повеќе широчина во себеси ќе имаш. Со љубов, Времето.

Во нејзината длабочина имаше писмо, напишано со тивки ноти, како најубава мелодија одзвонуваше она што сега ќе ви го прочитам вам:

“Долго време размислував за твојот живот. Не сакам да те потсетувам на моментите кога немоќно седнуваше во некое ќоше и плачеше тивко, но не за себе, туку за најмилите, зашто не знаеше како да ги заштитиш. А јас не можев да ти докажам дека ти секогаш го правеше најдоброто, дека токму тие солзи се твојот најголем завет за твојата искрена љубов кон нив. Те гледам дека се плашиш да направиш голем чекор. Зарем не веруваш во мене и мојата сила да ги менувам нештата? Мене Бог ми ја дал величината, не постои ништо друго на светот што може да ти ги промени цртите на дланките и силата на твоето живеење. Можам ли да не те сакам тебе? Ова е прекрасен момент да размислиш за мене, бидејќи моето траење минува, тагата е во тоа што неповторливи ми се насмевките, уавините брзо си заминуваат и жално е тоа што ти навистина не знаеш како да се насладуваш од моите плодови. Ова е прекрасен момент да размислиш за себе. Не мисли на ништо друго. Излези надвор и погледни ја зимската идила што ти ја нацртав, а потоа помисли на моите вешти дланки и како ќе ти направам шарено волшепство од цветови, па ќе ти донесам нежен мирис на липа и веднаш после тоа ќе ти го исшарам погледот со жолтеникави лисја кои лебдат низ ветрот. Зошто се сомневаш во мене? Кога сето тоа можеш да го видиш, зошто одбиваш да ги отвориш широко очите за сите прилики што ти ги нудам? Кога имаш толку убава насмевка, зошто не сакаш да ја покажеш и да и дадеш живот за да може вечно да трае? Се сеќаваш ли, кога ги пушти чекорите низ туѓите улици, а јас ти реков дека среќата ја бараш на друга страна, дека си на погрешна насока бидејќи среќата вирее длабоко во тебе? Кажи ми дали се сеќаваш колку беше среќна кога на снегот правеше фигури и ги именуваше, оставаше траги и беше бескрајно среќна? Кога во есенските лисја знаеше да се заплеткаш, кога не ти беше воопшто грижа дали моите моменти брзо минуваат, бидејќи знаеше да уживаш во секој мој ден. Каде погрешивме, кажи ми? Кој толку многу те уплаши, па сега за се ме обвинуваш мене, велејќи- времето замина за некои нешта. Не заминав јас никаде. Јас сеуште сум тука и ќе бидам се додека постои здив во твојата душа. Отвори ги очите и заборави на своите години. Секогаш е вистински момент да се започне од почеток, да се најде вистински начин за среќа, секогаш е прав момент за голем чекор. Не обвинувај ме мене за твоите пропуштени прилики, но немој ни себе да се обвинуваш, бидејќи тоа значи да го бараме клучот кој одамна паднал на дното од најдлабокиот бунар на светот. А го можеме ли ние тоа? Не врти се назад, тоа не е правецот во кој јас и ти се движиме. Нашиот пат е трасиран само за напред, за нови чекори и убави моменти, за големи борби во кои ќе се бориме заедно, нашиот пат е создаден за насмевки и големи и чисти изгрејсонца, за создавање убави моменти кои засекогаш ќе ги зачуваме во оваа кутија за убави спомени. Знам дека има лутина во твоето срце за многу нешта, но јас бев секогаш тука и твојата тежина ја носев на мојот грб. Можеби не можеш да заборавиш на тагата, но обиди се со благодарност да помислиш на сите убави нешта. Не лути се на мене. Зарем јас, времето, можам да ти наштетам тебе и она што ти го нарекуваш бразди на твоето лице, јас го нареков мудрост. Тоа е посебна убавина, тоа е мојот дар за тебе, зошто не сакаш да ме разбереш? Сега е прекрасен момент да си подадеме рака, да уживаме во секој нов ден надевајќи се дека ќе успееме да ги усогласиме чекорите.

Надвор има прекрасна зимска идила. Ти пишувам писмо полно со очекување дека наздравувајќи за деновите што следат, нема да заборавиш да наздравиш и за мене, за сите минати чекори кои за тебе беа како олово тешки и за надежите кои ги носам во својата утроба како подарок за тебе. Да наздравиме за твоите најмили и за нивните скромни насмевки, за нивното постоење кое ја прави жива твојата душа. Да наздравиме за очите кои ги гледаат сите убавини на светот, кои се огледало на срцето и секојдневно ти даваат восхит за подарок. Да наздравиме за сите чекори кои некогаш биле пребавни, некогаш пребрзи чекајќи ги взовите на новите прилики. Да наздравиме за сите насмевки, некои искрени, некои иронични, некои едвај создадени, но сепак, да наздравиме и за нив бидејќи долго време ми требаше да ги нацртам на твоето лице. Да наздравиме за твоите пријатели, бидејќи без нив не ќе можеше да направиш многу лудории, без нив ќе немаше каде да ја потприш главата кога солзите едвај знаев како да ги запрам од очите твои, без нив животот никогаш не ќе беше ист, а јас секогаш знаев да застанам помеѓу вас, испробувајќи ја вашата сила и цврстина. И на крајот, да наздравиме за најголемото чувство на светот- љубовта, која заедно со вербата и надежта Господ му ги подари на светот и единствено нив никогаш не успеав да ги победам. Меѓу нив никогаш не успеав да застанам и единствено за нив никогаш не можам да ти помогнам, бидејќи тие се најголемата сила на светот. Не заборавај секогаш да ги носиш длабоко во своето срце и како ланче на својот врат, а јас ќе се обидам секогаш да те потсетувам дека, кога и да е, и покрај се… секогаш се ќе биде онака како што треба да биде. Не плаши се од моите брзи чекори и лузните кои ги оставам. Секој мој потег има своја приказна, а ти обиди се да ме разбереш и со уште поголема ведрина да му пристапиш на животот. А сега излези надвор и заборави на своите години. Ти ги подавам рацете, дозволи ми да те водам низ животот не мислеќи барем во овие моменти на она што вртоглаво минува низ животот. Радувај се на празничните шаренила, заборави на долгите цифри, на проблемите кои стегаат како окови, на тешкиот товар префрлајќи го од едно на друго рамо… Само така ќе успееш да живееш во хармонија со мене. Нека ова биде мојата новогодишна желба за тебе. А со тоа ќе го добиеш и најголемиот подарок на светот, оној кој не може да се купи со пари туку само да се доживее. Обиди се да бидеш среќна, само така ќе создадеш привлечност за сите убави нешта на светот, бидејќи секој човек има свој специфичен, посебен белег.

Со љубов ќе те следам. Времето.”

Беше утро.Прекрасно зимско утро. Затропа некој на дрвената врата. Сонував како ја отворив вратата, а на прагот ме пречека кутија, со порака во неа: Ова е кутија за убави спомени. Колку повеќе ја полниш, толку повеќе широчина во себеси ќе имаш. Со љубов, Времето.

Тешко ги отворив очите, сонот се уште не беше заминат. А кој знае, можеби не беше сон, туку најголемата реалност на светот.

Надица Пушкоска