Search for content, post, videos

ПОДАРОК ПОЛН СО ЉУБОВ И ТОПЛИНА

Убави лица и туѓи насмевки… Луксузни чекори и далечни соништа со голема празнина во душата… Божиќни колачиња и мирис на цимет… Весели песни и снежни погледи кон разиграните дедо мразовци и накитени елки… само нешто недостига…

Празници за среќа во домот

Незнам зошто мислев дека одлуката овие празници да ги поминам надвор од државата е многу паметна. Мислев дека новите држави и места што ќе ги посетам ќе ми донесат нови радости, мислев дека тоа е идеален начин да се поминат совршено празниците и да се доживеат незаборавни чувства. Сум згрешила… Сигурно се прашувате зошто? Затоа што јас сметам дека ова се празници кои треба да поминат во знакот на љубовта, празници кои треба да ги прославиме покрај оние кои најмногу ни значат. Според мене, тоа е најсовршениот начин да се доживее магијата која произлегува од нив. И не можам да кажам дека не ме радуваат сите нови нешта кои ги среќавам, сите нешта кои се сосема нови и интересни за мене, новите пријатели, сите оние впечатоци кои засекогаш ќе остават печат во моите сеќавања… Но, Новогодишните радости и Божиќните свеќи бараат нечии очи, нечии топли дланки, нечии бакнежи и зборови тивко изговорени. И оваа ноќ повторно ми го носи тоа чувство и ме прави уште поубедливо сигурна дека јас дефинитивно среќата ја барам на погрешно место. Испивам од топлиот чај, а душата ми ја оживува погледот кон возот кој поминува пред моите очи и како да сака да ја исшара целата темнина, а звукот од шините ми ги брка мислите. А од другата страна ме буди мирисот на вафлите, шаренилото на прекрасно накитените елки и еден насмеан Дедо Мраз, ист како од моето детство и моите соништа. Тоа ми вгнезди носталгија во душата, ме потсети на сите невини и детски соништа, на моите скромни желбички и на мојата огромна љубов сместена во срцево. Го напуштив локалот и заминав на кратка прошетка низ Холандските улици. Дишев длабоко и дишев чисто како да сакав да истиснам нешто во мене. Убавината пред моите очи само уште повеќе ме навраќаше кон нешто што ми риеше во душата. Кога стигнав дома, мојата омилена Комплетна ме чекаше на масата, мојата гордост која преку своите напишани зборови никогаш не ми дозволуваше да направам погрешен чекор. И затоа решив да ги споделам моите зборови со вас. Веќе ми беше повеќе од јасно што треба да направам. Јас тука имав се што еден човек би посакал во животот, но го немав најосновното нешто за среќа. Човек може да избега од сите, но од себеси и од оние нешта кои му недостигаат- никогаш. Тука имав баш се, но немав со кого да го споделам сето тоа. Го пиев највкусното топло чоколадо од Starbucks, но ни тоа не беше толку вкусно како она што ми го подготвува мајка ми. Во собата ја имав најубавата новогодишна елка, ама не беше како нашата што ја кити сестра ми. И бев опкружена со личности на кои знаев дека многу им значам, но длабоко во срцево сигурна сум дека ниту еден на светот не би ме сакал како едно насмеано и преубаво лице, како тие сини очи кои чувствувам дека и оваа ноќ ме бараат низ далечината. И кажете ми, дали ова вам ви личи на совршен дочек на Новата година, зарем ви наликува на величевствените мигови кои ги носи Божиќ?

Не бегајте од онаа топлина која ја создава домот. Најубавото место на светот е токму онаму каде што се чувствува срцето спокојно и душата слободна за насмевки. Токму тоа е мојот најсовршен начин за среќа. Луксузните вечери во скапите ресторани за мене не вредат ни половина од она задоволство кога со пријателите јадеме печени костени и пиеме греено вино во ладните зимски ноќи. Јас ја сакам љубовта, искрените прегратки и спокојството длабоко во мене. И додека ви ја раскажувам мојата приказна, би сакала да допрам малку подлабоко во вас и да ги разбудам сите малку подзаспани чувства, бидејќи сите некако забораваме на вистинските вредности во животот. И не е битно каде сте, бидете среќни што сте покрај оние кои ви значат. И токму со нив споделете ги најубавите мигови. Имајте само убави желби и само така ќе се ослободите од сите негативни вибрации кои ги испраќаат луѓето. Искрените погледи од пријателите, прегратките од саканите, милите детски рачиња околу вашиот врат, веселите елки, подароците, крцкавите чекори на снегот, Божиќните колачиња… само тоа е магијата која ви е потребна за совршени мигови. Тоа е она што јас го научив во животот. Не чекајте специјални мигови за љубов и среќа, не чекајте да дојде утре, бидејќи токму сега е совршен момент за тоа. Тоа се доблести кои секој човек мора да ги поседува и на кои јас бев научена уште од мала. И не дозволив да ги изгубам дури ни во најтешките мигови. И наоружете се со убави насмевки, наполнете го срцето со радост, душата со восхит и ќе бидете најдобро подготвени за совршените празници.

А јас… и јас ќе се обидам да бидам среќна. Мислев дека ако отидам далеку ќе успеам да го сокријам фактот дека татко ми неповратно замина само два дена пред новата година. Мислев дека далечината ќе успее да направи да заборавам. И на сите оние нешта кои ми создаваа мака. Но, знам дека и покрај се, мене ме чекат совршени мигови на патот од животот. И знам дека семејството, љубовта и пријателите се најсовршениот и најблагородниот подарок што може Господ да ви го подари. И затоа бидете благодарни. Бидејќи, кога ќе се склопат стрелките на часовникот, а вие ќе ги здогледате тие сакани лица околу вас, ќе знаете дека токму сега, јас ви ја пишувам вистината, и низ мојата приказна, обидете се да се пронајдете, бидејќи мојата порака е да запомните кои се блгородните нешта во вашиот живот. Тоа се најважните нешта, верувајте. И ви ја посакувам сета среќа на светот, голема како бесконечност. И сега, и во наредните времиња кога ќе се сретнеме низ некои нови зборови.

Надица Пушкоска