Search for content, post, videos

концертот насловен „Контемплација со Перт и Шнитке“

Овој четврток во 20 часот на програмата е концертот насловен „Контемплација со Перт и Шнитке“ на кој како солисти ќе настапат виолинистките Анна Кондратенко и Ева Богоевска. Диригент е маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата се Кончерто гросо бр.1 од А.Шнитке, Трисагион од А.Перт и „Малата Данелиада“ од Г.Канчели.

 

Анна Кондратенко е родена во Новосибирск, Русија, каде што почнува да свири виолина на четири годишна возраст. Своето музичко образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на О.Марченко и на А.Гвоздев, а продолжува во класата на проф. В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што дипломира во 2004 година. Како солист и концерт-мајсторна стапува со Младинскиот симфониски оркестар (Новосибирск), Симфонискиот оркестар на Филхармонијата во Новосибирск, Интернационалниот симфониски оркестар (Michigan, USA), Klassische Philharmonie Bonn (Germany), Philarmonie der Nationen и други во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, Америка, Малезија, Кина, Либан и Јапонија. Исто така, учествува на различни мајстер-курсеви (кај Z.Bron, D.Zigmondi) и фестивали, меѓу кои,Mozarteum (Austria), Holzhausen Musiktagen (Germany) и др. Таа е победник на многубројни руски и  меѓународни натпревари, меѓу кои се Ерденко и Мравински во Русија и Ј.Ниман во Германија. Пред две години го основа квартетот „Филхармонија“ од членови на оркестарот на Македонската филхармонија со кои има настапи на домашни и на меѓународни фестивали. Моментно, работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот наМакедонската филхармонија и како концерт-мајстор и солист на оркестарот на F.A.M.E.‘S Project во Скопје.

 

Ева Богоевска е родена 1999 година во Скопје. Почнува да изучува виолина на седумгодишна возраст во класата на проф. Анна Кондратенко. Уште во почетоците на нејзината музичка кариера, победува на меѓународниот фестивал за класична музика „Охридски бисери“ и добива покана за два концерта во Братислава, Словачка. На 16-годишна возраст се запишува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, како најмлад студент во државата, на отсекот за виолина во класата на проф.Олег Кондратенко, и во 2020 година дипломира со највисок просек – 10. Добитник е на многу државни и меѓународни награди, меѓу кои позначајни се: прва награда на фестивалот „Сан Ремо јуниор“ во Италија во 2012 година, потоа луреат од прв степен на реномираниот меѓународен фестивал за класична музика во Санкт Петербург, Гран-при наМеѓународниот фестивал за класична уметност и култура во Ерусалим, прва награда на Интернационалниот натпревар за класична музика во Њујорк каде што како првонаградена реализира концертен настап во Карнеги хол.

Во 2019 година, во Берлин, Германија, учествува со свој труд како претставник на Музичката младина на Македонија на Првата конференција зa нови начини во изведбите на класичните дела, организирана од Интернационалната музичка младина. Активно учествува и на домашните реномирани фестивали: „Скопско лето“, „Охридско лето“,„Денови на македонска музика“, „Златна лира“ и др. Од 2017 година, таа е член на оркестарот за филмска музика F.A.M.E.‘S  Project каде што снима филмска музика, а од 2020 година е редовен член на Македонската филхармонија на работно место прва виолина.

Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на одделот за композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте. Од 1976 до 1979 година, работи како диригент на Филхармонијата во Русе, а од 1979 сè до 1988 година, тој е уметнички раководител и диригент на реномираниот камерен оркестар „Софиски солисти“, со кој остварува значајни концерти низ светот. Во 1985 година станува диригент на Софиската филхармонија, од 1987 година е нејзин главен диригент, а од 1988 до 2000 година музички директор и уметнички раководител. Од 1994 до 1999 година, маестро Табаков наедно е диригент и музички директор на Белградскиот филхармониски оркестар. Од 2002 до 2008 година, тој е главен диригент и музички директор на Билкент симфонискиот оркестар во Анкара, Турција, а од 2008 година и главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио. Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин-диригент настапува со оркестри во Германија, Англија, Шведска, Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, Романија, Австрија, Швајцарија, Данска, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија… Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен…

Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма за симфониски оркестар (девет симфонии) и други формации. За неговите творби е наградуван од Сојузот на бугарските композитори, а голем број од овие композиции се веќе ставени на компакт-дискови. Носител е на престижни награди и како диригент, меѓу кои и на наградата личност на годината според Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија, како еден од 100-те најдобри професионалци за 2012 година.