Search for content, post, videos

ТАТКО И ДВЕ ЌЕРКИ НА ПАТ ОКОЛУ СВЕТОТ

Ако сте вљубени во патувања и големи авантури, дозволете да ви раскажам една приказна… Реална приказна за еден прекрасен татко кој со своите две ќерки го открива светот. Дали и вие би имале таква храброст и колку сме сите подготвени да бидеме главни ликови во своите соништа? Ви ги претставувам Милан, Наџа и Нина, кој преку својот инстаграм профил „naputusmo” ви испраќаат оригинална порака, да се обидете и вие да нурнете што подлабоко во својот живот и да не ги пропушате приликите бидејќи миговите не се враќаат.

Авантура…

Уште кога дојдов на студии во Белград, со клубот на Црвена Звезда ги имав своите први патувања. Тука почнаа авантурите, а и моето сознание дека тоа е она што најмногу ме привлекува. Подоцна, како поминуваше времето, во мене се се повеќе се јавуваше желба да го пропатувам целиот свет. За мене светот претставува место за уживање и авантури, па дури и моментите кои не се секогаш најпријатни, ги чувствувам како предизвици и дел од тоа уживање. 

Задоволство…

На секоја дедстинација се обидувам да се чувствувам како дома. Патувањата јас ги доживувам како жива емоција и не само да видам различни места, туку да ги доживеам и почувствувам. Сакам да се соединам со луѓето во чија сум држава, да ја почувствувам нивната енергија, начинот на живот, култура, да ја вкусам нивната храна, специјалитети, пијалоци… Не ме привлекуваат туристичките тури бидејќи јас сум вљубен во привлечноста на локалниот живот и енергијата на местото каде што сум. Ги обожавам островите и голем впечаток ми остави Мативери (Mathiveri), еден од најдалечните острови на Малдиви (Maldives). Енергијата на тоа место, дивите плажи, луѓето… бевме фасцинирани. Во овој контекст на омилени дестинации би ги издвоил и Париз и Каиро, иако се потполно различни, но имаат уникатни приказни. А очекувањата… од Москва очекував многу повеќе, но јас сум човек кој секогаш може да го извлече само најдоброто и да направи добри спомени со своите ќерки.

Уживање…

Навистина е прекрасно да се патува со нив. Наџа има 12, а Нина 9 години и воопшто не е напорно, од нив ја црпам сета своја енергија и тоа е за мене најголемото задоволство, како патувањата така и самите подготовки. Некогаш патувам и без нив, ако сметам дека некои дестинации се помалку несигурни за нив, но неспоредливо е со заедничките патувања. Кога гледам како уживаат во откривањето нови нешта, места, култури и народи… тоа за мене е непроценливо богатство. Што се однесува до социјалните мрежи, ние сме активни на инстаграм, но квалитетната содржина бара доста време што јас многу често го немам поради сите обврски околу професијата и секако заради децата кои секогаш се приоритет. Но, засега имаме добра конекција и мислам дека оние кои не следат навистина имаат што да откријат преку нашите фотографии.

Мотив…

Најголем мотив ми е желбата да се проживее и доживее нешто што сме го посакувале одамна. Да се излезе од зоната на комфорот и постојано да откриваме некои нови нешта. И на крајот од годината да се завртиме позади себе и да кажеме: „Успеавме, го направивме тоа што го посакувавме“. Животот е авантура и ние сакаме да живееме токму на тој начин- динамично и авантуристички, без рутини кои најчесто не водат кон ништо добро.

Храброст…

Имаше моменти кога се плашев од многу нешта, но и стравот е неизбежен дел од секоја авантура. Се научив себеси, а ги учам и нив дека правејќи ги нештата од кои се плашиме, ние ги поместуваме сопствените граници. Сепак, позитивниот став, насмевките и храброста ги носиме секогаш и секаде со нас. Да, доволно е да се верува, да се биде позитивен и да се оди кон непознатото… со тоа „оружје“ полесно се стигнува до целта.

Лудории…

Секогаш кога ќе ја посетам Прага, спонтано ми доаѓа да направам некоја лудорија. Не знам што ме наведува на тоа, но уживам максимално. Ги сакам моментите кои се исполнети со лудории. Тоа се памети цел живот. Обожавам да нуркам и да пробувам екстремни нешта. Се гледам себеси, а и своите ќерки, како светски патници, иако имаме уште многу за патување, но тоа е онаа животна визија која секој човек треба ја има за себе, онака како што се гледа во иднина. Да бидеш светски патник за мене е најголемата и најубавата титула што имагинарно еден човек може да ја поседува. И визијата е премногу важна. Во иднина се гледаме себеси во некоја фасцинантна дивина која одзема здив, со ранци на рамена, боси нозе и раце во џебови. А околу нас- совршенство. Нови луѓе, нови култури, нови обичаи… Навистина сме среќни и благодарни на секој момент кој го живееме.

Одговорност…

Секогаш претпочитам да имам јасен став кон децата и балансот е најважната работа во целиот овој процес. Тие се во фаза на растење и откривање нови нешта, а јас како родител сум позитивен и строг истовремено, но секогаш со позитивна енергија кон нив. Едноставно, сметам дека нивниот начин на размислување, постапување и почитување на нештата, сеуште се моја одговорност. Животот не носи на разни патишта. Некогаш ние управуваме, некогаш се препуштаме. Сепак, себеси не можам да се замислам без патувања и спомени од нив. Колекционер сум на убави моменти, а моја одговорност е и тие две да научат да ги ценат моментите повеќе од било што друго.

Цел…

Многу нешта кои ги посакував ги исполнив, но она што е уште поинтересно е фактот дека имам уште многу неостварени нешта. И тоа е мојата цел. Тоа е она што ми дава сила да управувам со секојдневието. Не би било добро кога на 36 години би завршил со своите соништа, постигнувања, оставрувања… И тогаш веројатно не би имал одговор на прашањето: Што понатаму? Сепак, не сум строго фокусиран само на сопствената цел бидејќи тогаш не би имал доволно енергија за нешто што се нарекува сегашност. Едното око секогаш е фокусирано на целта, а другото на патувањето до таа цел. Тоа е моја филозофија и тоа ги учам и моите деца.

Животно мото…

Голем дел од работите од кои се плашиме никогаш не се остваруваат. Дури и кога не плаши некоја материјална загуба, секогаш можеме да најдеме начин да го вратиме изгубеното и повторно уште повеќе да постигнеме. Она што не можеме да го вратиме е времето. Затоа, сметам дека треба почесто да ризикуваме, затоа што на крајот повеќе жалиме заради нештата кои не сме ги направивме отколку за оние што сме ги сториле. Животот е тука да се проживее максимално и да се ужива до крај.

Надица Пушкоска