Search for content, post, videos

Бестселери што прво биле одбиени од издавачите

Патот до издавачите е особено трнлив, потребно е да се отворат многу врати, да се прескокнат многу ѕидови, но најважно е да се биде упорен. Можеби за некого изгледа нереално тоа што директорите на повеќе издавачки куќи ја одбиле Џ. К. Ролинг и нејзиниот роман за доживувањата на момчето Хари Потер, но тоа навистина се случило.

 

Дури по 12 години одбивање требало да се појави осумгодишното девојче Алис Њутон, ќерка на основачот на денес познатата издавачка куќа „Блумсбери“, која побарала од татко ѝ да ѝ овозможи да го прочита и остатокот од книгата, бидејќи авторката ги пратила само првите поглавја. Па дури и тогаш експертите од областа на маркетингот биле строги во својот став и мислење дека книгата е напишана исклучиво за момчиња и ја убедиле авторката да се потпише со Џ. К. наместо со Џоен. Исто така, ја советувале и да си најде редовна работа, а да не се потпира само на пишувањето. А сите знаеме како оди приказната понатаму, продадени се над 450 милиони книги и снимени се 8 блокбастери.

И голем дел од великаните на светската книжевност биле повеќепати одбивани. На пример, Џемс Џојс добил решително „не“ за своите „Даблинци“, исто како и Џек Керуак за своето патешествие кое подоцна стана модел за „роман на патување“ („На пат“).

Тука е и „Книга за џунглата“ која на Киплинг му донесе бесмртност, потоа „Кодот на Да Винчи) на Ден Браун, која и по две децении сè уште се допечатува.

Во категоријата одбиени па бестселери е дури и „Големиот Гетсби“, книга што е повеќепати екранизирана, а писателот Скот Фицџералд го вброи меѓу култните писатели на англосаксонската литература во 20 век.

Иако денес романот „Франкенштајн“ на Мери Шели се смета за вистински класик, како на полето на книжевноста, така и на полето на жанрот хорор, неговиот пат до славата бил полн со пречки. Мери Шели романот го завршила 1817 година, но не успеала да го издаде една година. Дури во март 1818 година група издавачи се согласиле да го објават романот, но условот бил името на авторката да не се објави на корицата. Така и било направено, а почетокот бил ужасно лош. Биле отпечатени 500 примероци, а од нив се продале само 25. Дури 13 години подоцна, во 1831 година, „Франкенштајн“ го добил вниманието што го заслужува. Денес Франкенштајн, заедно со Дракула, е најпопуларниот лик во светот на стравот и ужасот.

Романот „Лолита“ од Набоков се смета за еден од најпознатите и најценетите романи на дваесеттиот век. Откако е издаден, во далечната 1955 година, продадени се 50 милиони примероци, со што се најде на листата на најпродавани наслови на сите времиња. Но издавачите на почетокот се плашеле од можните правни последици и јавната осуда. Еден од издавачите што му се обратил на Набоков, пишува: „Содржината е одвратна дури и за еден просветен Фројдовец. На публиката ќе ѝ биде гнасна и нема да се продава, а ќе предизвика огромна штета на вашата растечка популарност. Мислам дека овој ракопис треба да се закопа под карпа и да се остави така илјада години“. Откако сите големи издавачи го одбиле, Набоков заминал во Франција каде што склопил договор со издавачот „Олимпија прес“ книгата да се отпечати во 500 примероци. Во следните неколку години, „Лолита“ ја објавиле сите издавачки куќи што при првото читање ја одбиле.

Орвеловата „Животинска фарма“ одамна се смета за едно од најпознатите дела на светската книжевност, но издавачката историја на оваа книга е дефинитивно една од најконтроверзните. Најпрво, издавачите се плашеле да ја објават стравувајќи да не се нарушат односите меѓу Британија, САД и Русија. Томас Стерн Елиот го одбил ова дело заради неговата „троцкиевска политика“, иако, според него лично, тоа било многу добро напишано. Орвел накусо се израдувал кога Џонатан Кејп се нафатил да го објави неговото дело, но подоцна сепак морал да го одбие и тоа на предлог на британскиот министер за информации. Интересно е што подоцна било откриено дека истиот министер бил руски шпион. Дури неколку месеци по Втората светска војна, издавачот „Секер и Варбург“ одлучил да го објави овој сега веќе култен, антиутописки роман.