Search for content, post, videos

Дијамантите…интересни факти

Дијамантите… најдобрите пријатели на жените

Најчист и најтврд вид кристализиран јаглерод, тоа е дијамантот. Скапоцениот камен за кој сонуваат сите жени, па и мажи, но како го подаруваат на своите сакани. Но, малкумина имаат таква привилегија да се накитат со дијамантски брош,ѓердан, обетки или прстен. Неговата реткост и, секако, природната убавина го прави толку посакуван, како дел од семејното богатство, заради престиж, како мерило на статусот. Така е денес, така било отсекогаш.

Солзи на боговите или ѕвезди Што паѓале од небото или…
Приказните за скапоцените камења се секогаш интересни да се чујат. Некои велат дека токму тие ги продаваат, ја “качуваат” нивната цена… Персијците, на пример, мислеле дека Земјата “почива” на џиновски сафир чие синило се рефлектира на небото. Старите Римјани и Грци, пак, биле уверени дека дијамантите се, всушност, солзите на боговите и ѕвездите што паѓале од небото, а според арапската народна медицина дијамантите лекуваат се, и телесни и душевни болести. Римскиот цар Нерон борбите на гладијаторите ги гледал низ смарагд за да ја ублажи возбудата од крвопролевањето, Плиниус пишувал дека дијамантот штити од труење, лудило, дека ги отфрла стравовите, додека во средниот век и ренесансата се носеле дијамантски прстени како талисмани кои обезбедувале непобедливост. Африка е позната по бројните наоѓалишта на дијаманти, но, сепак, нивното потекло се врзува со Индија чии жители им припишувале толкава моќ што задолжително ги украсувале очите на статуите од нивните божества. Во исто време сметале дека треба да се избегнува секој дијамант кој не бил фино обработен или, пак, имал некој недостаток, зашто, според верувањето, носел несреќа.

Александар Велики и дијамантската долина
И ден-денес се раскажува приказната за таканаречената дијамантска долина, напишана од Хелените. Имено, кога Александар Велики ги освоил Персија и северниот дел од сегашна Индија случајно поминал покрај една долина која изобилувала со скапоцени камења што ги чувале змии. Македонскиот крал побарал огледало, го вперил во нив, а тие, исплашени од отсјајувањето, изумреле. Се посоветувал со неколкумина мудреци кои му кажале да фрли месо меѓу дијамантите за да ги привлече птиците. Скапоцените камења се лепеле на месото што го грабеле птиците и, додека бегале дијамантите паѓале наземи, а војската на Александар Велики ги собирала. Познат е и начинот на кој Марко Поло влегувал кај четвртиот цар на Монголија, Кубла Кан. Дијамантот го користел како “визит-карта”.
Во 1477 година започнала традицијата на дијамантскиот венчален прстен, откако австрискиот надвојвода Максимилијан и понудил брак на Марија со златен прстен на кој имало дијамант. Од деветнаесеттиот век па наваму започнува неговата масовна експлоатација.