Search for content, post, videos

Голите човечки тела како светлосни скулптури

Без оглед на различниот пристап кон работата, бидејќи Швајцарецот Сирил Торент фотографира сé и сешто, повеќето снимки и фотографии што ги претставуваат голите човечки тела – актови, било женски било машки, го привлекуваат вниманието на набљудувачите со нивните контрасти, чии „главни ролји“ наликуваат на светлосни скулптури.

 

Големата разлика во боите и светлината на фотографиите што ги прави Сирил Торент е, всушност, една од битните карактеристики со кои се издвојува од мнозинството. Повеќето се црно-бели, со некаква примеса, чиј визуелен ефект е толку богат што и закоравените критичари му ракоплескаат. Го привлекуваат мускулестите тела на жените и мажите – балетските танчар(к)и. Затоа и често ги фотографира, истакнувајќи ја нивната развиена мускулатура. Ликовите не му се приоритетни кога станува збор за актовите, било женски било машки, но сепак има и доста портрети.

Сирил Торент е инаку роден во Перли, близу Женева. Таму го минал и детството. На петнаесетгодишна возраст, кога бил на летен распуст, неговата сестра му го дала фотоапаратот “ибис феранија” да го носи на кампување, за да фотографира. Освен пејзажи, ги фотографирал и другарите кои му позирале. Веднаш потоа им ставал киклопски очи. Тоа ги воодушевувало децата, им се допаѓала идејата на Сирил, што пак му давало поттик фотографирањето да му стане професија. Родителите го поддржувале максимално, дури и кога се запишал во училиштето за фотографија. Но училиштето набргу се затворило.

Не толку одамна ја издаде својата прва книга „Светлосни скулптури“

Торент морал да го продолжи школувањето, па ја одбрал механиката, која му овозможила вработување. Станал контролор на летање. Но не престанал да се занимава со фотографија. Постојано се надградувал, сакал да ја усоврши техниката. Денес важи за врвен професионалец кој стопроцентно му се посветува на фотографирањето, а контрастот меѓу светлината и сенката го преокупира најмногу. Живее на село, заедно со сопругата, има студио и ужива во работата… да фотографира.