Search for content, post, videos

Греано вино… волшебна напивка

За секој зимски ден одделно… и по малку. За да му се спротивставите на студот, да ве стопли, да ве расположи, да ви измами блага насмевка на лицето. А задоволството нема да изостане, бидете сигурна. Во друштво на љубениот, пријателите или сама, зошто да не. Тука се книгите, куглофот, лаптопот…, за пријатен амбиент.

 

Таква е и миризбата која доаѓа од зачините што се користат за подготвување вино. Греано, секако. Или варено, сеедно е. Кога ќе почувствувате дека ве лазат морници, студени како времето, приготевете си ја волшебната напивка. Така ја нарекуваат во планинските краеви, ширум светот, на снежните височини, полни со туристи, љубители на зимските спортови. Таму е задолжителна. Ја пие и месното население, во друштво, собрано во некоја куќарка. И тука е така. Не чекајте да се организира некој фестивал за да испиете чаша варено, греано вино, чии додатни зачини ќе ви ги разбудат сеќавањата, вклучувајќи го и сетилото за вкус. Поканете ги пријателите, саканиот и препуштете се на себе, на своите умешности, способности, дури и сама, заедно со книгите, лаптопот. Не заборавајте го амбиентот, важен е, и уживајте.

А во приготвувањето варено вино уживал и Хипократ. По него го добило името хипокрис. Се сметал за лековит пијалак бидејќи во старо време не се препорачувала водата за пиење од причина што немало санитарни јазли. Во Германија се нарекува „глихвајн”, во Италија „вин бруле”, во Франција „ва шу”, во скандинавските земји „глог”. Има повеќе рецепти за правење греано вино. Основата е иста. Се работи за добро загреано црвено вино, дополнително зашеќерено и зачинето со каранфилче, морско оревче и цимет. Некаде се додава мед, лимон, чај, по желба. Притоа се препорачува да обрнете внимание на неколку работи. Ведрото расположение има пресудно значење, како и секогаш кога подготвувате нешто, дали јадење, дали коктел и сл. Изберете квалитетно вино што има полн вкус (барем така велат енолозите), не блуткав. Преостанатото препуштете им го на зачините и на шеќерот. Виното загревајте го речиси до точка на вриење, но никако да зоврие. Причината е за да не се промени вкусот. И сосема за крај, испробајте го рецептот што нема да ве остави рамнодушна. Бидете сигурна. Затоа набавете еден литар цврено вино, еден лимон, еден портокал, неколку каранфилчиња, неколку стапчиња цимет, чашка коњак или вињак, четири лажици шеќер и чај од шумско овошје или од некои планински тревки. Лимонот и портокалот, сосе кората, измијте ги, а потоа исечете ги на парчиња. Истурете го виното во сад и загревајте полека. Додајте ги парчињата овошје, неколкуте каранфилчиња и коњакот или вињакот. Повремено промешувајте додека не стане врело, па додајте ги стапчињата цимет. Внимавајте да не почне да врие. Додадете го шеќерот, измешајте и сипете го во чаши со филтер кесичка чај.