Search for content, post, videos

Клима уредите и здравјето

Кој би издржал ваква голема топлина без употреба на клима уред? Во овие топли и врели би рекле, климатски услови, клима уредите не се луксуз, туку неопходен елемент за преживувње во тек на врелите, спарни денови. Но, за жал, како и многуте предности на модерните апарати кои не окружуваат, клима уредите имаат и свои недостатоци.

Дали овие недостатоци се толку сериозни за да не натераат двапати да размислиме пред да почнеме да ги користиме клима уредите и какво е дејството на овие уреди врз здравјето на луѓето? Многумина сметаат дека овие недостатоци навистина се сериозни и дека луѓето треба да размислат дали и како треба да ги користат! Поточно треба правилно да ги користат климите за да нема штетни последици по нивното здравје. Неправилното користење доведува до штетни последици по здравјето на човекот, дури и до несакани појави кои го загрозуваат човечкиот животот. Клучните фактори кои влијаат на правилното користење на овие апарати се: местото на кое е поставен клима уредот, температурата на ладење во просторијата, како и начинот на одржување и честото чистење на филтерите и целиот апарат. Овој апарат треба постојано да се одржува чист.

Поголемиот дел од проблемите, кои се поврзани со клима уредите, настануваат поради неправилното користење на овој уред. Многумина претпоставуваат дека ако повеќе време работи клима уредот и ако температурата е многу намалена во просторијата, дека е подобро за нив. Меѓутоа не е така. Докажано е дека клима уредите ја влошуваат состојбата на луѓето кои имаат проблеми со артритис и синуси, создавајќи целосна блокада во главата и создавајќи големи главоболки. Но, не е само тоа – се претпоставува дека клима уредите имаат и позатскриено влијание по нашето здравје. На пример, оние кои постојано работат во климатизирани простории, почесто заболуваат од грип, настинки и некои други болести. Освен тоа, нашето тело доживува голем стрес секој пат кога излегуваме од климатизирана просторија надвор на топлината. Со време, последиците од ваков стрес се одразуваат на нашето здравје. Исто така е приметено дека оние луѓе кои голем дел од времето поминуваат во климатизирани простории не се толку способни да се соочат и да ја издржат надворешната температура. Резултат на разликата помеѓу температурата во климатизираната просторија и надворешната е зголемен број на смртни случаи поради топлината и температурната разлика. Многу луѓе се разболеле токму поради екстремните разлики помеѓу надворешната и внатрешната температура, бидејќи излегувањето на температура од 35 степени Целзиусови на температура од 25 степени Целзиусови, навистина може да направи вистински хаос во нашиот организам. Експертите дошле до сознание дека температурната разлика помеѓу внатре и надвор не смее да биде поголема од 6 степени Целзиусови. Кога од 25 степени внатрешна температура излегувате на 35 степени надворешна температура, телото доживува голем температурен шок бидејки се изложува на нагла промена. Зависно од температурата крвните садови се шират и се стеснуваат, но на таква драстична промена не се во состојба толку брзо да се пролагодат. Млади и здрави луѓе во такви случаи можат да почувствуваат болка во градите, а оние кои имаат проблеми со срцето и крвниот притисок можат дури и да колабираат од големата температурна разлика. Токму од овие причини треба да се внимава до кој степен ќе се разладуваат внатрешните простории.

Одржувањето на овие апарати е исто многу битен фактор, бидејки епидемиолозите дошле до сознание дека со неправилно одржување и нечистење на овие апарати доведува до развивање на бактерии кои предизвукуваат тешки здравствени последици, па дури и смрт. Во системите за климатизација се развива бактеријата Легионела, која предизвикува грозница и таканаречена легионерска болест. Бактеријата може да се појави во текот на целата година, меѓутоа зачестена е во летните денови. Започнува со чувство на слабост во организмот, малаксаност, главоболка и болки во мускулите, како и до покачување на телесната температура и до 39 степени Ц. Болниот кашла, меѓутоа неможе да искашлува што доведува до запаление на белите дробови. Затоа редовно одржувајте ги чисти клима уредите. Клима уредите во автомобилите исто така негативно влијаат по здравјето на луѓето. За време на истражувањата во Луизијана медицинскиот центар, во 22 од 25 автомобили пронајдени се микроорганизми, кои предизвикуваат проблеми со дишните патишта (пронајдено е осум различни видови), така што доколку нема солиден филтер голема е веројатноста дека микроорганизмите и загадениот воздух ќе кружат во просторијата.

Секако дека постоијат и погодности од користењето на клима уредите. Тие создаваат во домот пријатна температура, без оглед на надворешната врелина, го намалуваат влијанието на врелината и појавата на грозница од која патат оние кои топлината многу им пречи. Квалитетнен клима уред го прочистува воздухот, ја намалува влажноста и ги чисти неубавите мириси од просторијата, како и ја освежува. На вас е да одлучите дали ќе користите клима уред или не? Земајќи ги во обзир сите погодности и недостатоци, можеби ќе одлучите, дека најдобро е да се користи клима уредот само повремено при тоа не спуштајќи ја внатрешната температура под 26 степени и не навикнувајќи се  премногу на користење на овој апарат во нашето домаќинство. На тој начин, да се надеваме, дека ќе го одбегнете штетното влијание кое го има клима уредот.  Намалената работа на климите може позитивно да влијае и на потрошувачката на електричната енергија, бидејќи докажано е дека доколку ја зголемите температурата на климата за три степени, се намалува потрошувачката на електрична енергија за околу 60 %. На вас останува да ослучите како ќе го поминете летото со малку или со многу користење на клима уредите.

Силвана Јованчева