Search for content, post, videos

Ламбите Тифани – луксузна “рапсодија” од бојосано стакло

Ламбите Тифани – луксузна “рапсодија” од бојосано стаклоВитражни абажури прикачени на оловни скулптури, така ги опишале ламбите Тифани на нивната промоција пред 117 години кога, всушност, стилот во уметноста наречен арт нуво го диктирал начинот на која и да било работа. Се прават и денес, рачно, во стотина облици. Техниката е горе-долу иста, како и луксузот што ги карактеризира. Нивните кривулести, асиметрични линии, повеќето засновани врз цветни мотиви, убаво се вклопуваат во речиси сите простории, јавни и приватни.

„Бојата за очите е исто како што е музиката за ушите”
Ламбите Тифани ги украсуваат домовите на милиони семејства низ светот. Ги има и во некои канцеларии, бутици… Дури и во слаткарници, како, на пример, париските. Некогаш биле престиж, а денес може да си ги дозволи речиси секој естет, човек што има развиено чувство за убаво и ужива во него, човек со вкус. Нивните цени се пристапни освен, се разбира, светилките од оригинално тифанско стакло, кои се изработуваат по нарачка. Таквата традиција се негува 117 години. Имено, крајот на XIX век кога почнал да цути стилот во уметноста наречен арт нуво, го одбележала изработката на првите неколку ламби, чија промоција била запаметена по „споулавениот” шопинг на „витражни абажури прикачени на оловни скулптури”. Сите примероци биле продадени. Имало и порачки кои, всушност, драстично ја покачиле нивната цена. 1895 година, била година на ламбите Тифани. Нивниот по малку замрсен дизајн ги направил толку барани што се чекало и по неколку месеци за некој уникатен модел да заземе почесно место во домот на богатникот што понудил најмногу. Се изработувале рачно. Намерно се избегнувало масовно, машинско производство. Се одело кон единственост и неповторливост, без манипулација. Долго време (повеќе од сто години) се мислело дека нивниот дизајн бил потпишан од Луј Комфор Тифани во чие студио работеле неколку дизајнери кои биле анонимуси. Меѓу нив се вбројувала и Клара Дрискол. Нејзините цртежи, скици, проекти, односно идеи изразени на графички начин ги обелоденил професорот на универзитетот „Рутгерс”, Мартин Ејделберг, пред пет години. Така, вешто криената вистина излезе на виделина. Изумот е нејзин. Почнала како ентериеристка, која во убавото обликување на њујоршките приватни и јавни простории ги вметнувала витражите од тифанско стакло (вид стакло наречено по американското семејство Тифани, кое, меѓу другото, поседувало и претпријатие за производство на стакло и украси). Интересен е податокот што кажува дека „таткото на семејството” се восхитувал на римското и на сириското стакло, кое го видел во музејот „Викторија и Алберт” додека престојувал во Лондон во 1865 година. Бил воодушевен од боите на средновековното стакло. Верувал во подобрувањето на неговиот квалитет. Се стремел кон тоа и успеал. Оттогаш датита и неговата изјава: „Бојата за очите е исто како што е музиката за ушите”.
Од „фавриле” до светилки со неправилни горни и долни рабови
Надалеку прочуените ламби кои излегувале од студиото на Луј Комфор Тифани се групирале во седум категории: „фавриле”, геометриска група, премин во цветна група, цветна стожерна група, цветна тркалезна група, група во која спаѓаат ламби со неправилни долни рабови и група што ја сочинуваат светилки со неправилни горни и долни рабови. Поделбата е иста и денес. „Фавриле” значи рачна изработка. Така се именуваат првите, наједноставните ламби Тифани. Геометриската група ги опфаќа светилките чии абажури (рамни, стожерни, тркалезни) се изработени од голем број мали или од ограничен број големи парчиња стакло со едноставни форми како, на пример, елипса, круг, квадрат, правоаголник, ромб, триаголник и така натаму. Преминот во цветната група служи како мост меѓу геометриските и цветните ламби. Нивните абажури се тркалезни, а геометриските парчиња стакло се облагородени со ботанички мотиви. Светилките можат да имаат геометриски абажури со рабови, т.е. бордури од цвеќе, односно винова лоза или, пак, абажури со раштркани цветови и листови на геометриска заднина. Најбарани се ламбите од цветната стожерна група. Абажурите отстрана, се рамни со кружни рабови. Поради лесната изработка постојано се додава нешто ново. Еден период се украсувале со инсекти. Цветната тркалезна група е посложена во конструкцијата. Обликот на светилката овозможува поприродна употреба на ботанички и мотиви од инсекти. Абажурите на ламбите со неправилни долни рабови имаат природен облик. Брановидните, односно свиените рабови се резултат на природните завршетоци на листовите, овошјето, труповите на инсектите, цветовите кои, истовремено, на светилките им даваат сецесионистички карактеристики својствени за „Тифани”. Групата што ја сочинуваат светилките со неправилни горни и долни рабови ја претставува завршната фаза од нивниот развој во која е воведена симулацијата на гранки од дрвја и грмушки. Притоа е добиен исклучително орнаментиран абажур кој личи на круна.
Елеганцијата на носталгичниот детаљ
Изработката на ламбите Тифани е предизвик, како за мајсторите, така и за купувачите. Во некои работилници се дозволува гледање, но само донекаде. Со посетата на туристите се зголемува буџетот. Откако ги наплатуваат влезниците со кои се овозможува набљудување на дел од процесот на изработка, зголемена е и продажбата. Техниката е иста како порано. Со минимална надградба. Најчесто се применува методот на бакарна фолија. Најпрво се скицира на хартија. Тогаш се утврдува и точниот број парчиња стакло, чиј облик се пренесува на картон, поединечно. Врз него се става стакло во одредена боја и се сече. Потоа се обработуваат рабовите за бакарната фолија полесно да ги спои, односно да ги придржува додека се пристапи кон лепење. По него следува полирањето… и абажурот е готов. Оловната скулптура на која се прикачува е, исто така, изработена рачно. Вообичаено се преферира поедноставна основа за тој да се истакне, бидејќи, како што велат мајсторите, витражниот абажур е водечки кај светилките со потписот Тифани. Денес може да ги изработува речиси секој што знае да прави витраж. И кај нас има мајстори чии ламби од таканареченото тифанско стакло ги красат домовите на оние што ја сакаат елеганцијата на носталгичниот детаљ, за кој многумина се согласуваат дека е антипод на баналноста што ја карактеризира индустриското, сериско производство. Уживањето е поголемо кога светилките се изработуваат според идеите на нарачателите, за кои некогаш се чекаат дури три-четири недели. Но, вреди.

Игор Ландсбер