Search for content, post, videos

Неколку интересни занимливости

Родителството штити од настинки
Родителите имаат двојно помал ризик за настинка во однос на луѓето кои немаат деца, велат американските научници. Истражувачите од Универзитетот Карнеги Малоун во Питсбург веруваат дека причината за тоа е дејството на непознатите психолошки и бихевиорални разлики меѓу родителите и луѓето кои немаат деца. Во нивното истражување биле употребени податоци за 795 возрасни луѓе од кои некои биле изложени на вирусот предизвикувач на настинки. Во просек, испитаниците кои имале деца заболувале за 52% помалку отколку останатите учесници во истржувањето, а заштитното влијание на родителството се зголемувало пропорционално со зголемувањето на бројот на децата. Помал ризик за настинка имале само родителите кои живееле заедно со децата, независно од присуството на антителата од имунолошкиот систем во организмот.

Штетните последици од телесното казнување на децата
Луѓето кои биле телесно казнувани во детството имаат поголем ризик за ментални пореметувања, велат канадските научници. Кај тие испитаници бил забележан и поголем ризик за анксиозност, пореметување во расположението и зависност од алкохол и дроги. Нивните сознанија се темелат на податоците собрани од 653 возрасни испитаници. Научниците нагласуваат дека ниту еден учесник во истражувањето во детството не бил подложен на тешко телесно или сексуално искористување. Телесното казнување на децата е забрането во 32 земји. Истражувачите проценуваат дека 2-5% од сите пореметувања како што се депресијата, анксиозноста, биполарното пореметување, анорексијата или булимијата можат да се поврзат со телесното казнување во детството.

Кафето и исхраната влијаат на ин витро фертилизацијата
Редовното конзумирање кафе во комбинација со исхраната која е богата со заситени масти е поврзана со помали шанси за успех на ин витро фертилизацијата. Испитаничките кои пиеле најмногу кафе имале околу 50% помали шанси да абременат со ин витро. Според данските научници од Универзитетската болница во Архус, кафето како пушењето има еднакво негативно влијание врз ин витро фертилизацијата. Освен тоа, најголемо позитивно влијание пак врз ин витрото имала медитеранската исхрана. Во новото истражување учествувале 3959 испитанички подложени на ин витро фертилизација.

Малите деца повеќе сакаат да подаруваат отколку да примаат подароци
Истражувањето на канадските научници од Универзитетот во Ванкувер покажува дека малите деца повеќе уживаат во подарувањето слатки отколку кога истите ги примаат како подарок. Резултатите објавени во едно стручно списание се собрани од деца помали од 2 години. Задоволството кај децата уште повеќе се зголемувало доколку истите слатки биле подолго време во нивна “сопственост” отколку во ситуациите кога тукушто добиеното колаче го подарувале некому. Научниците сметаат дека нивното истражување докажува дека задоволството од помагањето на другите е длабоко интегрирано во човековата природа.

Хормоните се пресудни за успехот на диетата
Истражувањето на шпанските научници покажува дека нивото на два хормона е директно поврзано со можностите за задржување на постигнатата телесна маса по завршувањето на диетата. Станува збор за хормоните лептин и грелин, кои учествуваат во регулирањето на апетитот и телесната тежина. Со мерењето на нивната присутност во организмот пред почетокот на диетата, било можно да се предвиди дали диетата ќе биде успешна или пак привремено изгубените килограми повторно ќе се вратат. Истражувачите сметаат дека нивната работа ќе го олесни развојот на програмата за смалување на вишокот телесна тежина која ќе биде посебно прилагодена на потребите на секој пациент. Нивните сознанија доаѓаат од следењето на резултатите на диетата кај 88 дебели испитаници на просечна возраст од 35 години.

Повеќе бактерии има во “машките” канцеларии
Истражување открива дека во канцелариите во кои работат мажи има многу повеќе бактерии отколку во канцелариите во кои претежно работат жени. Истражувачите велат дека во сите канцеларии биле откриени исти видови бактерии, кои потекнувале најчесто од носот, устата, системот за варење и кожата. Научниците од државниот универзитет во Сан Диего и Универзитетот во Аризона во истражувањето употребиле 450 примероци од канцелариите од три града во САД. Најмногу бактерии имало на столчињата и телефоните, а нешто помалку на масите, тастатурите и компјутерските глувчиња.

Силвана Јованчева