Search for content, post, videos

Поигрување со вкусовите… коктели со кафе

Прво кафе откако ќе се разбудите – ах, чувството е толку пријатно, што ви доаѓа да го запрете времето додека уживате во неговата арома, вкусот и ритуалот, кој за многумина е специјален, за да трае уште подолго. Еспресо, бело, турско, нескафе – за успешен почеток на работниот ден. Во попладневните часови, за свое и задоволство на вашиот партнер подгответе коктел со кафе, ставете некој пијалак, сируп… и препуштете им се на убавината, на среќата и на радоста, во негово друштво. Ви препорачуваме кафе со Бејлис и со лешников сируп, „Кафе-шејкерато“, „Блајнд абет“, „Даблин-ајскафе“ и „Грејт мериџ“.

 

Кафе со Бејлис и со лешников сируп 

Рецептот е за четворица. Потребни ви се следните состојки:

– 1/2 чаша замрзната изматена слатка павлака

– 1 лажица шеќер

– 8 лажици Бејлис

– 8 лажици лешников сируп

– 2 до 2 и пол чаши жешко кафе, тукушто сварено

Подготовка: во секоја шолја (стаклена чаша), доколку се четири, ставете две лажици Бејлис и две лажици лешников сируп, додајте го кафето, измешајте и одозгора ставете го кремот, т.е. замрзнатата слатка павлака, која претходно сте ја изматиле со една лажица шеќер. Се служи веднаш. За комплетен впечаток, обрнете внимание на изгледот. Значи, шолјите нека бидат стилски.

 

Кафешејкерато 

Како што кажува името, коктелот се прави со шејкер. Во него ставете околу 60 мл јако ладно кафе, претходно сварено, и околу 30 мл чоколаден сируп. Ако немате, можете да си приготвите сами, едноставно е (во тегла сипете една шолја вода и една шолја шеќер, вклучувајќи го и ароматот, затворете ја и силно протресете додека не се стопи. Се чува во фрижидер, најмногу три месеци). Тогаш искористете околу 15 милилитри. Купечките сирупи се незаменливи, имаат различни вкусови, а и евтини се. Може да се најдат во сите добро снабдени продавници за (без)алкохолни пијалаци. Потоа додајте неколку парчиња мраз и силно протресете околу четириесет и пет секунди. Треба да се образува пена. Коктелот послужете го во стаклена чаша со средна висина.

 

Блајнд абет 

На коктелот со кафе чие име не е случајно – Слепиот опат“ – сирупот од цимет е, всушност, состојката што му дава посебен шмек, а може да се додаде и во топло чоколадо, па дури и во чај. Во шејкерот ставете 45мл виски, по можност ирско, квалитетно, 30мл изладено кафе (претходно сварено), околу 20мл ликер од кафе, 15мл сируп од цимет, три цртички“ концентриран битер и неколку коцки мраз. Потоа силно матете околу  триесетина секунди. Коктелот сипете го во стаклена чаша за ирско кафе, одозгора ставете шлаг и посипете со мелен цимет.

 

Даблинајскафе  

На прв поглед личи на десерт. Шарите изгледаат преубаво, затоа и се служи во стаклена, висока чаша. За рецептот се потребни следните состојки:

– 60 мл јако, ладно кафе

– 60 мл црно пиво

– 45 мл виски (по можност ирско)

– 20 мл сируп (може и домашен, од вода и шеќер)

– изматена слатка павлака

– рендан цимет од стапче.

Подготовка: во чашата најпрво ставете ги кафето, црното пиво, вискито и сирупот. Потоа измешајте ги. Додајте неколку пачиња мраз. Полека додавајте крем, да се топи меѓу нив, лизгајќи се по ѕидовите. На крајот додајте го ренданиот цимет. Коктелот е подготвен за служење.

 

Грејт мериџ 

Овој коктел се приготвува едноставно, без да ви одзема многу време. Затоа можете да го направите и откога ќе се разбудите, пред да тргнете на работа. Во стаклена висока чаша сипете 20 мл млеко, додајте 15 мл бадемов сируп, доза еспресо и 25 мл сируп од вишна. Доволно е да измешате со лажица, не ви е потребен шејкер. Одозгора ставете шлаг. Ако сакате, можете и да го украсите, со мента или со вишна, на пример.