Search for content, post, videos

Што зборуваат детските цртежи

 

Цртежот е најслободниот и најспонтаниот начин на изразување кај децата, но воедно и им помага да се развијат, да созреат и да го спознаат светот околу себе. Искусните психолози честопати го користат цртежот наместо разговорот, бидејќи тврдат дека од него може многу лесно да се дознае дали детето има некој проблем, што го оптоварува, од што се плаши, што сака и за што се надева.

Начинот на кој ги црта луѓето зборува за неговата интелигенција, развојот но и како се доживува самото себеси. Децата никогаш не ги цртаат објектите онакви какви што се, туку онака како што ги доживуваат, преку нив комуницираат со возрасните, особено со родителите. Многу е важно, велат експертите, како детето ги црта ликовите, поточно луѓето, куќите и дрвјата.
Цртежот куќа секогаш го претставува семејството и ако детето го црта така да ги има сите елементи – покрив, врата, прозорец, тоа значи дека во куќата се чувствува заштитено и безбедно. Куќата го симболизира и односот со мајката, додека таткото е најчесто претставен преку цртежот сонце. Ако сонцето е мало и сокриено зад облаците и само ѕирка, тогаш на детето веројатно му недостасува време со таткото.
Семејството детето најчесто го црта така што најпрво ја црта личноста која му е најважна, поточно онаа личност со која е најблиска и тоа најчесто на левата половина од листот. Кога нема да нацрта некој член од семејството тоа не значи дека не го сака, туку веројатно е љубоморно или луто, особено ако станува збор за братче или сестричка.
Доколку нагласува некои делови од телото, тоа може да значи дека има проблем во комуникацијата со таа личност, или ако себеси се црта без некој дел од телото, најчесто сигнализира дека сака да се заштити од нешто.
Важно е и како детето ги црта стапалата и чевлите. Ако луѓето на цртежот се боси или без стапала, тоа може да значи дека детето нема доволно доверба во нив или дека е несигурно поради нешто. Психолозите тврдат дека ако детето премногу го сенчи цртежот, тоа може да укажува на анксиозност.
Дрвото ја претставува емоционалната состојба на детето. Ако е големо, со разгранета крошна и го зазема централното место на цртежот, детето се развива во силна и самосвесна личност.
Експертите веруваат дека секое дете има свој „вид“ дрво кое го црта и низ цртежот ги проектира своите карактерни особини. На пример, цртеж како паѓаат лисја од дрвото претставува страв од самотија и желбата на детето да биде повеќе време во друштво на родителите.
Форми
Срамежливото, хиперсензибилно, интровертно и плашливо дете секогаш повлекува тенки линии, а она што црта енергично, па дури може и да ја скине хартијата, може да биде агресивно.
Круговите и благо заоблените форми ги користат децата со бујна фантазија, додека живите и темпераментни деца повеќе коистат рамни линии и агли. Испрекинати линии можат да укажуваат на несигурност, а оние кои одат цик-цак на непостојаност.
Децата со текот на времето додаваат сe повеќе детали на своите цртежи, па нивното изостанување во предшколската возраст може да укажува на личност која сака да фантазира. Детето кое е самоуверено и сигурно секогаш себеси ќе се нацрта во центарот на цртежот.
Бои
Иако до неодамна се сметаше дека црната боја укажува на одредени емотивни проблеми, психолозите тврдат дека подеднакво ја користат и интелигентните деца. Секако, таа не смее да биде единствениот избор.
Екстровертното и задоволно дете почесто користи топли и живи бои како портокалова, жолта и црвена, а нежното и мирно дете почесто посегнува по светлите нијанси на розовата, сината и зелената боја.
Кафеава боја најчесто користат децата на кои им е многу важна хигиената, додека многу бела боја може да биде знак на несигурност. Премногу виолетова може да означува дека детето сака поцврста поддршка, дека е несигуно за нешто.

Во секој случај, анализата препуштете им ја на експертите и немојте да го следите секој чекор додека детето твори, зашто децата многу често и ги имитираат другарчињата од градинка и нивните цртежи. Едноставно, пофалете го секојпат кога ќе нацрта нешто, дури и тогаш кога тоа не изгледа баш добро.