Search for content, post, videos

Слаткото задоволство на древните цивилизации

Приказната за чоколадото започнува уште многу пред Европјаните и остатокот на светот, во древната цивилизација на Маите и Ацтеките, кои се засладувале со густиот, пенест напиток добиен од плодовите на растението какао, наречено chocolatl. За Маите и за останатите жители на северна и јужна Америка, чоколадото претставувало статусен симбол, претставувало платежно средство и често се подарувало.
Веста за чоколадото прв ја донел Колумбо во 16тиот век, а дон Херман Кортес во 1528 година прв ги донел мешунките од растението какао во Шпанија, заедно со технологијата и апаратурата за негова преработка. Маите зрната какао по мелењето и варењето ги мешале со вода, ванила и чили, а Европјаните наместо чили додавале шеќер и цимет. Бидејќи производството на шеќер сe уште не било силно развиено, чоколадниот напиток бил скап и достапен само на високите класи. Така чоколадото набрзо станало заштитен знак на повисоките класи и омилен десерт на шпанските и француските кралевства.
Чоколадото одиграло важна улога и во Втората светска војна, бидејќи било задолжителен додаток на војничката исхрана, а денес без него ни астронаутите не патуваат во вселената.
Стеблото на “чоколадното растение” или таканаречената “храна на боговите” расте во прашумите на Амазон и во тропските и дождовни прашуми на северна и јужна Аме-рика. Какаото се добива од мешунките на растението, а една мешунка може да содржи и до 3000 семки. Семките во постапката на преработка најпрво се подложуваат на ферментација и сушење, а потоа на варење, при што се ослободува неверојатно единствен мирис и арома. Со варењето на семките се создаваат најразновидни хемиски состави, како што се теобромин, кофеин, фенилетиламин и други. Мелената смеса содржи и голем процент на какао путер кој е основа на чоколадните и какао производи.
Исклучителен хемиски состав

Иако постојат многу приговори заради нејзината голема калоричност (100гр чоколадо согорува дури 565 калории), чоколадото содржи:
вредни нутритивни состојки:
теобромин – има диуретско и тонизирачко дејство, го регулира крвниот притисок и ги шири крвните садови на срцето (обезбедува добро снабдување на срцето со крв), го лечи проливот, делува липолитски (ги разложува мрснотиите).
кофеин – има стимулирачко, тонизирачко и диуретско делување; чоколадото го содржи во значително помали количини отколку кафето (800гр чоколадо содржи количина кофеин колку една шолја кафе)
голем број олигоелементи
фосфор – ги храни нервните клетки на мозокот и го поттикнува процесот на созревање на црвените и белите крвни клетки
магнезиум – ги регулира скоро сите метаболитски процеси и осигурува нормална нервна функција
калциум – важен градежен елемент на коските, забите и ноктите
цинк и бакар – ја штитат и обновуваат структурата на кожата и ја јакнат нејзината заштитна бариера.
природни антиоксиданси феноли и ззфлавоноиди -помагаат во производството на добриот ХДЛ холестерол кој го штити крвниот систем (истражувањата покажуваат дека фенолите од чоколадото го зголемуваат производството на ХДЛ дури за 10%); една коцкичка чоколадо има иста количина феноли колку и една чаша црно вино
фенилетиламин (состав сличен на амфетамин) – го покачува крвниот притисок и нивото на гликоза во крвта и придонесува за подобра концентрација и издржливост на организмот
значајна содржина на витамини од групата Б, особено Б1 и Б2 – важни коензими во метаболизмот на јагленохидратите и масните киселини фолна киселина (Б11) – има значајна улога при синтезата на ДНК и особено е важен во првите месеци на бременоста витамин Е .ги штити интегрираните клеточни мембрани, ги стабилизира епителните и ендотелните клетки и е еден од најсилните антиоксиданси.
Конзумирањето чоколадо го поттикнува создавањето на хормонот серотонин одговорен за чувството на среќа и задоволство, а мозокот во исто време ослободува ендорфини кои делуваат смирувачки и ја смалуваат чувствителноста на болка. Тоа влијание е особено важно кај нервозата и ПМСот кај жените, кои со конзумирање различни видови чоколадо во тој период се чувствуваат значително подобро. Многумина чоколадото со право го нарекуваат аналгетик за жените и афродизијак за мажите.

Без оглед на тоа што е богато со маснотии, чоколадото многу брзо се вари и го поттикнува транспортот и пасирањето на храната низ цревата.
Какао путерот е главна липидна компонента на чоколадото кое во организмот се асимилира дури до 98 проценти. Содржи стеаринска киселина која во црниот дроб се претвора во олеинска киселина (добра маснотија) која во природата ја сретнуваме во маслиновото масло.
Освен овие позитивни својства на чоколадото, треба да се спомене дека тоа содржи и протеински состојки од растително потекло кои поради присуството на танинот не можат до крај да се разградат, па во крвта по пат на цревата се апсорбира и дел неразградени протеински состави. Тие можат да делуваат и како антигени и да предизвикаат алергиска реакција кај чувствителните луѓе склони на алергии. Со овој механизам се објаснува и појавата на акните и црвенилата и ситниот осип кај луѓето кои претеруваат во конзумирањето чоколадо.