Search for content, post, videos

Зошто се фрла бидермаерот на свадба?

 

Ширум Европа и Северна Америка постои традиција невестата да го фрли својот букет, додека сите немажени припаднички на понежниот пол се натпреваруваат да го фатат. За жената што ќе го фати бидермаерот се верува дека ќе се омажи (некои се уверени дека фатениот букет ќе им обезбеди брак 100%). Но од каде потекнува овој обичај?

Во средновековна Европа, невестата не очекувала дека повторно ќе го носи својот венчален фустан, а самиот фустан се сметал за среќен за друга жена. По венчавката, немажените девојки и жени трчале кон невестата и кинеле по едно парче од фустанот. Со текот на годините, венчалните фустани станале доста скапи и се родила една нова традиција невестата да си го задржи фустанот, или како спомен да ѝ го пренесе на ќерката на денот на венчавката. Во обид да си го сочуваат фустанот, невестите фрлале разни работи, а една од нив биле и жартиерите (се случувало некои нестрпливи девојки да се обидат да ја грабнат жартиерата на невестата додека таа сè уште ја носела). Подоцна било прифатено и задржано тоа да биде невестинскиот букет – бидермаерот.