Search for content, post, videos

ТРОСКОТ

Судбината ми испрати порака во шише. Но, морето на животот се изли врз моите очекувања и настана пустош. Се однесе, се избриша. Остана само пораката во шише залутана, некаде заглавена низ подрастениот троскот на мојот живот

Стоев на работ од матната судбина на едно недовршено постоење и сакав да разговарам со гласот кој секоја ноќ ме будеше со тешкотија. Самотијо, ти ли си? Не криј се позади маглата од ветрот и не потсмевај се со итрите очи на гревот кој го стори. Застани пред мене и дојди да ја довршиме онаа приказна која започна уште пред да научат моите чекори да одат. Во дворот од мојот живот вирее троскот, а околу вратот ми растат темјанушки со мирис на солзи. Оди си. Јас сакам сама да го поминам мостот кој ме дели од тебе и засекогаш да ти кажам збогум, иако ќе те паметам уште многу долго време, дури и после моето постоење. Од сите нешта на светот, ти најмногу личиш на тага. Замини.

И додека ти стоиш секаде околу мене и ми ги кинеш сите делови од мозаикот на мојот автопортрет, јас те гледам во твоите очи и го видов заљубениот миг кој секогаш трагаше по мене. Самотијо, зарем од сите луѓе на светот, ти одлучи да се заљубиш во мене? Се прогласи себеси за мој вечен сопатник и го присвои мојот живот како да е твој. Не сакав да размислувам за деновите кои засекогаш ги покри со песок и прашина, за здивот кој ми запираше кога знаев дека засекогаш ќе си замине среќата, за солзите кои течеа внатре во мене додека насмевката ми правеше искривена линија на лицето… Зарем немаш ни малку жал? Остави ме. Ние сме камени статуи од различни времиња. Ти го зеде мојот живот и почнуваш да ја живееш мојата судбина која имаше весел лик како виножито, а ми го даде својот живот и ме направи да личам на тебе, ми го даде своето име и ме направи свој најблизок род, ми зеде се што имав оставено за да можам да се сеќавам на себе, а ми даде само парче воздух колку да преживеам и една пуста мизерија која со ништо не може да се измени.

И еве сум сега повторно заглавена во длабок троскот. Ме сретнува странец прашувајќи ме кон која насока да тргне. А кој да му одговори? Зарем јас знам сега што е правилно, кој пат води нагоре високо, кој води до себеси. Но, она што сеуште остана од мојата некогашна личност, ми викна длабоко од мене, потсетувајќи ме дека, единствениот вистински пат е срцето. Сокриј се внатре во срцето, му реков, трчајќи бегај што подалеку, не завртувај се и не прашувај се зошто. Таму злото нема да те пронајде никогаш, сенските таму ќе те одминат, душата ќе успееш да си ја зацелиш и лагата таму никогаш нема да ја сретнеш. Таму е најубавото место на светот бидејќи луѓето никогаш не проверуваат што има внатре. И јас бев комотно сместена во своето, се додека не ме зафати олујата на ветрот и останав соголена пред животот, со остатоци од него во крвавите дланки. Но, на сметка на тоа станав најголемиот уметник на светот. На овој имагинарен, извртен свет, каде луѓето се раѓаат единствено чекајќи го само моментот кога ќе умрат.

И сега често се сеќавам на дивите чекори низ песокта што чекореа, трчаа весело по широките полиња на ветрот, му пркосеа на стравот и единствено го чекаа оној кој силно ќе се заљуби во нивната нескротлива природа. Но дојде ти, самотијо, ме засака толку силно и не ме остави. Прими ја оваа моја порака во шише како своја судбина и сурова вистина. Ти го уништи и целосно го уби срцето што го засака најмногу од сите нешта на светот.

Надица Пушкоска